
Кочани, 8 февруари 2020 (МИА) – Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска го посети зимското одморалиште на МВР во Поинква каде што се сместени и го минуваат зимскиот одмор децата и семејствата на загинатите бранители.
На средбата тој истакна дека Министерството за внатрешни работи е партнер и поддржувач на здружението и сите негови членови, соопшти МВР.
– Нивната важност и значење за нашата држава не може да се измери, затоа што жртвите кои тие ги дале за татковината доволно говорат за нивната љубов и патриотизам. Ова ме задолжува мене како министер, министерството за внатрешни работи но и сите останати институции да излеземе во пресрет на нивните барања. И секогаш кога има законска можност да направиме се за да одговориме позитивно на нивните потреби, изјави Чулев.
Тој на средбата ја истакна отвореноста и подготвеноста на министерството за поддршка нa семејствата, во насока која тие сметаат дека е потребна, а согласно надлежноста и законските можности на МВР.
Министерот Чулев, во рамките на посетата, се сретна и со припадниците на Единицата за специјални задачи – „Тигар“, кои на Пониква реализираат дел од нивната зимска обука.са/