0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderПолитика

Чулев и Петровска без договор за СВР-Скопје, законот за техничка предвидува врзани потписи

Една седмица по изборот на новата техничка влада почнаа кадровските промени, согласно Пржинскиот договор. Во МВР вчера беа назначени дванаесет раководители и 12 дополнителни заменици раководители на сектори и оддели, согласно член 44 од Законот за Влада на Република Северна Македонија. Сепак, министерот Наќе Чулев и дополнителната заменик министерка Славјанка Петровска не се договорија за позицијата раководител на СВР Скопје.

Скопје, 11 јануари 2020 (МИА) – Една седмица по изборот на новата техничка влада почнаа кадровските промени, согласно Пржинскиот договор. Во МВР вчера беа назначени дванаесет раководители и 12 дополнителни заменици раководители на сектори и оддели, согласно член 44 од Законот за Влада на Република Северна Македонија. Сепак, министерот Наќе Чулев и дополнителната заменик министерка Славјанка Петровска не се договорија за позицијата раководител на СВР Скопје.

МВР по состанокот на кој присустуваа министерот Чулев, дополнителниот заменик министер Петровска, заменикот министер за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски соопшти дека се назначени 12 раководители и 12 заменици раководители. Усогласенот за кандидатите за раководители и нивни дополнителни заменици Чулев и Петровска имале за сите имиња, освен за едно, а тоа е предлогот на Чулев за началникот на Секторот за внатрешни работи – Скопје, Ристо Ставревски. Но неговото име како назначен на оваа позиција сепак фигурираше во соопштението на МВР, но само со еден потпис.

Нови началници и нивните дополнителни заменици има во секторите за внатрешни работи во Охрид, Штип, Битола, Велес, Струмица, и за Одделот за внатрешни работи во Прилеп. Потписи за именување на началниците и нивните дополнителни заменици Чулев и Петровска освен за овие сектори, ставиле и за раководните позиции на Одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди, Одделот за специјални полициски операции во БЈБ, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во БЈБ, на Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје, како и за командатот на единица за специјални задачи во Оддел за специјални полициски операции во БЈБ.

Дополнителната заменик министерка Славјанка Петровска во изјава за МИА вели дека таа не ја потпишала одлуката за назначување на Ристо Ставревски за шеф на СВР – Скопје. Потпис ставила за дополнителниот заменик-началник на СВР – Скопје Тони Јакимовски и вели во соопштението на МВР Ставревски е споменат како назначен, но назначувањето е без нејзиниот потпис.

Таа за МИА вели дека се одлучила на овој чекор бидејќи за Ставревски имало аудио снимки од кои можело да се чуе дека тој врши притисоци врз гласачи.

Петровска за МИА потенцира дека согласно законот потребни се два потписа, бидејќи тоа е предвидено за одлуките на сите министри и нивните дополнителни заменици во техничката влада.

-Не можам да се согласам со нивниот предлог, според законот министерот предлага, согласно законот имаме врзани потписи, вели Петровска и додава дека е логично ако нејзиниот потпис е потребен за другите назначени, да биде потребен и за овој предлог.

На вчерашниот работен состанок во МВР Илија Милески е именуван за началник на СВР Охрид, а Сашо Смилески за дополнителен заменик-началник,  Александар Николов е именуван за началник на СВР Штип, а Марјан Коцев за дополнителен заменик началник. Андреј Василевски ќе ја извршува функцијата началник на СВР Битола, а Славко Јовановски дополнителен заменик началник на овој Сектор.  Трајче Георгиоски ќе биде началник на Одделот за внатрешни работи Прилеп во СВР Битола, а Игор Каравилоски дополнителен заменик началник. Игор Ангеловски е нов началник на СВР Велес, а Злате Јаневски дополнителен заменик началник. Васил Тодоров е именувани за началник на СВР Струмица, а Танчо Пројковски за дополнителен заменик началник на овој Сектор.

Филип Филиповски ќе биде помошник на министерот на Одделот за внатрешна контрола криминилистички истраги и професионални стандарди, Дејан Андонов дополнителен заменик помошник во овој Оддел. Сашо Зенговски ќе биде началник на Одделот за специјални полициски операции во БЈБ, а Бранко Трајановски дополнителен заменик началник на овој Оддел. Ивица Бисовски се именува на работно место командант на единица за специјални задачи во Одделот за специјални полициски операции во БЈБ, а Митко Таневски за дополнителен заменик командант во истиот Оддел. Александар Јанев се именува за началник на Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал во БЈБ, а Лазо Велковски се именува за дополнителен заменик началник во овој Оддел. Васко Наумовски ќе биде началник на Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје во БЈБ, а Примислав Димовски дополнителен заменик началник во оваа Единица.

Според соопштението на МВР,  Чулев и Петровска нагласиле дека законите мора да се почитуваат и да се исполни основната цел, покрај стандардните за гарантирање на јавниот ред и мир, а тоа е организирањето на мирни, фер и демократски избори на 12 април. Тие исто така ја потенцирале добрата меѓусебна соработка и посочиле дека таквата соработка треба да биде пример и за другите раководители, кои мора да соработуваат во интерес на граѓаните.

Актот или документот кој не е потпишан од министерот и дополнителниот заменик не произведува правно дејство

Назначувањата во МВР се согласно ингеренциите што техничкиот министер ги има во Законот за Влада. Тој може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во министерството, во согласност со закон. Чулев, според информации од МВР, планира останатите три назначувања да ги искористи за СВР Тетово и Куманово и за Одделот за телекомуникации и информатика.

Првиот човек на МВР во техничката Влада може да изврши и хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до 10 отсот од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година.

Концептот техничка влада предвидува соработка меѓу власта и опозицијата во периодот до спроведување на изборите, имајќи предвид дека одлуките усогласено треба да ги носат и министерот и дополнителниот заменик.

Заменикот заедно и и рамноправно со министерот ги разгледува и ги потпишува сите акти и документи кои ги донесува министерот или лица овластени од него, заменикот на министерот како и државниот секретар во соодветното министерство, а се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите.

Секој акт во смисла на овој закон се доставува до министерот и дополнителниот заменик министер. Министерот и дополнителниот заменик министер се должни веднаш, а најдоцна во рок од еден ден да го одобрат или одбијат актот во смисла на овој закон.

Ако актот или документот е одобрен, т.е. потпишан само од едното лице се смета дека истиот не произведува правно дејство.

Во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик министер во министерствата во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, ДИК е должна, во рок од 24 часа да донесе одлука и истата да ја проследи до односното Министерство. Одлуката на ДИК е конечна.

Реакции на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ за назначувањата во МВР 

Според СДСМ, предлогот на министерот за внатрешни работи во преодната влада Чулев, за прв човек на СВР Скопје да биде поставен Ристе Ставревски е уште една потврда дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски не се излезени од режимската матрица. Од владејачката партија потсетуваат на разговор Ставревски со тогашната министерка за внатрешни работи, а сегашна осуденичка Гордана Јанкуловска во кој зборуваат за вршење на партиски агитации во предизборен период, како тогашен нејзин советник во кабинетот.

Освен што бил советник на Јанкуловска, Ставревски беше сведок на одбраната на Груевски во случајот на СЈО „Тенк“ каде Груевски беше правосилно осуден на затворска казна. Ставот на СДСМ е дека човек кој бил десна рака на Јанкуловска, а потоа го бранел криминалот на Груевски, не може да раководи со СВР Скопје – еден од најважните сегменти на МВР.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, пак, на прес-конференција кажа дека одлуката за именување на професионалци во МВР е одлука на министерот, Наќе Чулев.

-Се работи за сите именувани лица, лица со чисти биографии, со долгогодишно искуство, професионално искуство во МВР, рече Арсовски.

За тоа дека Ставревски се спомнува во бомбите за изборни нерегуларности, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека од тоа дека се спомнува до обвинет има голема разлика.

-Многу луѓе беа предмет на споменување од страна на СДСМ, се со цел да бидат оцрнети или да бидат тргнати на страна од своите работни позиции, бидејќи си ја работат својата работа професионално за да не им сметаат на СДСМ и на Заев во исполнувањето на своите лични и партиски интереси, рече Арсовски. ев/ац/

Back to top button
Close
Close