
Најроби, 2 јануари 2020 (МИА) – Четири лица се убиени денеска откако исламските екстремисти во источното крајбрежно подрачје на Нионгоро пукале кон конвој патнички автобуси, соопштија кениските власти.
Сомалиските бунтовници на Ал-Шабаб ја презедоа одговорноста за нападот. На својата радио станица Андалус тие соопштија дека ги поштедиле муслиманските патници и дека се убиени само христијани.
– Вооружени напаѓачи пукале кон конвој од три автобуси и две комбиња кои полицијата ги придружуваше кон Ламу, изјави комесарот на округот Ламу, Ирунгу Макарија.
Според него, полициската придружба доцнела, но сепак стигнала да спречи масакр.
Во тоа подрачје е задолжителна полициска придружба на патнички возила од 2014 година, кога во два напада во Ламу Ал Шабаб убија речиси 90 луѓе. паг/