БалканБалкан.ПорталДописници Свет

Честитки од косовските лидери за Денот на независноста на САД

Голем број државни и политички лидери, како и повеќе јавни личности во Косово, денеска упатија честитки до Соединетите Американски Држави по повод нивниот празник, Денот на независноста, 4 Јули, изразувајќи благодарност за американската поддршка во создавањето и развојот на косовската држава, јави дописникот на МИА од Приштина.

Приштина, 4 јули 2020 (МИА) – Голем број државни и политички лидери, како и повеќе јавни личности во Косово, денеска упатија честитки до Соединетите Американски Држави по повод нивниот празник, Денот на независноста, 4 Јули, изразувајќи благодарност за американската поддршка во создавањето и развојот на косовската држава, јави дописникот на МИА од Приштина.

Претседателот на државата, Хашим Тачи, преку објава на Фејсбук, порача дека „народот на Косово е доживотно благодарен за американската поддршка во најтешките времиња и за постојаната поддршка во обновата на земјата“.

– Овој 4 јули ја одбележува 244-годишнината од независноста на САД, најдемократската држава на светот. Најискрени честитки до американскиот народ и американските институции од косовскиот народ и косовските институции. Ние споделуваме заеднички вредности, принципи и визии за еден слободен, праведен и демократски свет, напиша Тачи.

Преку Фејсбук празникот на САД им го честита и косовскиот премиер Авдулах Хоти.

– Честит 4 Јули Америко! Честитки до сите американски пријатели. Секогаш благодарни за вашиот придонес за Косово и за албанскиот народ, напиша Хоти.

Претседателката на Собранието на Косово, Вјоса Османи, заедно со амбасадорот на САД во Приштина, Филип Коснет, пред собраниската зграда во центарот на Приштина го истакна американското знаме, кое ќе се вее на тоа место до 6 јули.

По тој повод Османи порача дека нејзината земја е горда затоа што „на своја страна ја има земјата која е симбол на демократијата и човековите права“.

– Освен што се наши пријатели, САД се и наш стратешки партнер на целиот наш пат кон создавањето на Косово како независна држава. Нашата земја е денес слободна и поради големиот придонес на Америка, за чие пријателство не завешта историскиот претседател, д-р Ибрахим Ругова, порача Османи.

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово, поранешниот премиер Рамуш Харадинај, по повод Денот на независноста на САД, американското знаме го истакна во семејната куќа во родното село Глоѓан, каде што е сместен и Меморијалниот центар на косовските херои од последната војна.

– Од 1999 година 4 Јули е празничен ден и за Албанците. Празнуваме заедно со нашите пријатели, бидејќи американската правда и нејзината помош во најтешките времиња беа решавачки за судбината на нашиот народ. Америко, честит Ден на независноста, напиша Харадинај покрај снимката од церемонијата на кревањето на американското знаме.

Американското знаме беше истакнато и во центарот на Дечане, градот во западно Косово под чија администрација спаѓа и селото на Харадинај.

Честитки до американските инситутуции и американскиот народ, со изрази на благодарност за постојаната поддршка за Косово од страна на САД, изрази и доскорешниот премиер, лидерот на партијата Движење Самоопределување Албин Курти, како и претседателот на Социјалдемократската иницијатива (Нисма), Фатмир Лимај.

Курти на својата страница на Фејсбук напиша дека „САД имаат незаменлива улога во достигнувањата на косовската држава“, додека Лимај порача дека „Косово е една од најпроамериканските држави во светот“ и косовскиот народ ќе биде „засекогаш благодарен за помошта (од САД) во сите етапи низ кои помина земјата“. иа/гт/

Таг
Back to top button
Close
Close