Дописници МКДОпштински вести

Чадот од градската депонија во Кочани сведен на минимум

Третирањето на градската депонија во Кочани со природен препарат со кој се спречува нејзиното самозапалување, ги дава првичните позитивни ефекти.

Кочани, 6. февруари 2020 (МИА) – Третирањето на градската депонија во Кочани со природен препарат со кој се спречува нејзиното самозапалување, ги дава првичните позитивни ефекти.

Од Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ истакнуваат дека се работи за веќе позната постапка што во други држави се применува во слични ситуации, а од декември се спроведува и во Кочани.

– Се работи за супстанца што е произведена на природна основа, на база на екстракт од два вида морски алги. Таа го оневозможува самозапалувањето на метанот што настанува како резултат на распаѓањето на органските материи во отпадот на депонијата. Во изминатите два месеца интервениравме со 21 цистерна од по седум кубни метри раствор на препаратот, така што чадот од депонијата, што претходно беше постојано присутен, сега е сведен на минимум или воопшто го нема, истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“.

Во планот за јавни набавки за оваа година веќе е предвидена набавка на нова количина од препаратот, за што претпријатието обезбеди и средства од сопствениот буџет. Минатата година беа набавени околу илјада литри, а уште толку ќе бидат набавени за наредните неколку месеци.

Примената на препаратот со кој се спречува создавањето метан и палењето на депонијата, дојде по зачестените реакции во јавноста и протестите на граѓаните против загадувањето на воздухот и животната средина. та/оџ/

 

 

 

Back to top button
Close
Close