ОпштествоОригинални текстови

Центарот за развој на Полошкиот регион иницира мерки за подобрување на состојбата со депонијата Русино

Центарот за развој на Полошкиот плански регион, поддржан од сите девет општини во Полошкиот Регион и од Министерството за живoтна средина и просторно планирање, имајќи ја предвид состојбата со управувањето со отпадот и со нестандардната депонија Русино, го иницираше Проектот за интегрирано управување со отпад, преку што треба да се подобри управувањто со цврстиот отпад во полошкиот регион, како и состојбата со нестандардната депонија Русино.

Скопје, 22 септември 2020

Центарот за развој на Полошкиот плански регион, поддржан од сите девет општини во Полошкиот Регион и од Министерството за живoтна средина и просторно планирање, имајќи ја предвид состојбата со управувањето со отпадот и со нестандардната депонија Русино, го иницираше Проектот за интегрирано управување со отпад, преку што треба да се подобри управувањто со цврстиот отпад во полошкиот регион, како и состојбата со нестандардната депонија Русино.

Проектот е предвидено да се имплементира во две фази. Во моментот се одвива првата фаза, финансиранa од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (СЕКО). Првата фаза обезбедува техничка помош за развој на интегриран систем за регионално управување со отпад во Полошкиот Регион, вклучувајќи изработка на регионален план за управување со отпад и формирање на регионално претпријатие за управување со отпад, кое понатаму ќе ги преземе активностите за управување со отпад. Покрај тоа, во оваа фаза се работи на подготовка за следната втора фаза преку изработува на техничка и тендерска документација за изградба на санитарна депонија во Русино, за набавка на соодветна опрема и за зајакнување на капацитетите на општините и регионалните институции, како и за активности за подигање на јавната свест.

Во првата фаза од Проектот предвидени се сет на активности, меѓу кои и брзи мерки, чија реализација ќе придонесе кон подобрување на состојбите во Русино.

Преку реализација на брзите мерки, се очекува значително да се подобри состојбата на нестандардната депонија Русино. Тендерот за избор на изведувач е веќе распишан и согласно предвидените рокови се очекува постапката да заврши набрзо, а реализацијата на предвидените мерки да заврши до крајот на 2020 година. Со брзите мерки е предвидено изградба на систем за управување со исцедок со кој преку мрежа на насипи и ровови ќе се оневозможи доток на поројни води во депонираниот отпад, потоа ќе се оневозможи истекување на исцедокот надвор од локацијата, преку негово собирање и рециркулација назад во телото на отпадот, со што значително ќе се намали негативното влијание врз околината. Покрај ова, во рамките на брзите мерки се предвидува и инсталирање на вага со која точно ќе се утврдуваат количините на отпад што пристигнуваат на локацијата.

Во насока на подобрување на состојбата со цврстиот отпад, а со цел да се намали нивото на прашина што се генерира при транспорт на отпадот до Русино, Центарот за развој на полошкиот регион со поддршка на Министерството за локална самоуправа и Бирото за рамномерен развој спроведе проект за реконструкција на пристапниот пат до Русино во должина од 2,5 километри и поставување на ограда по должината на патот за да се спречи нелегално фрлање на отпад покрај патот. Во следниот период ќе почне и реконструкцијата на преостанатиот дел од пристапниот пат во должина од 2,5 километри, а се разгледуваат и алтернативни решенија за втор пристап преку регионалниот пат Маврово – Гостивар.

Исто така, формирано е меѓуопштинско регионално претпријатие за управување со отпад кое се очекува да почне со работа наскоро. Со стартот на неговите активности се очекува значително да се подобри управувањето со Русино со спроведување на редовни активности за постапување со отпадот на локацијата, како компактирање на отпадот, покривање со инертен материјал итн. Работата на регионалното претпријатие за управување со отпад ќе биде финансирана од сите општини во Полошкиот Регион и јавните и приватни компании за собирање на отпад преку наплата за депонирање на отпад. Депонирањето на отпадот ќе се наплаќа по тон, а за таа цел ќе се инсталира вага на влезот на депонијата Русино.

Во текот на првата фаза од проектот подготвен е Регионален план за управување со отпад во Полошкиот Регион кој веќе е одобрен од Министерството за животна средина и просторно планирање и сега се очекува да биде усвоен од Советите на секоја од општините во регионот. Со усовјувањето на овој документ општините во Полошкиот Регион ќе покажат силна волја и заложба во напорите за обезбедување безбедно и санитарно собирање и отстранување на отпад во следните 10 години. Усвојувањето на овој план е основа и предуслов за обезбедување на финансиски средства потребни за реализација на инвестициите планирани во втората фаза.

Во соработка со проектанти од Германија кои се дел од проектниот тим, во тек е подготовка на проектна документација за изградба на санитарна депонија за цврст неопасен отпад на локација Русино. Целта на нивната работа е да обезбедат технички мерки за подобрување што ќе доведат до надградба на Русино во санитарна депонија што вклучува системи за собирање и третман на исцедок, собирање и искористување на депонискиот гас и инсталирање на систем за заштита на почвата и водите што целосно ќе спречи излевање на загадените води (исцедоци) од локацијата или инфилтрирање во почвата.

Започната е постапка за оценка на влијанието врз животната средина за изградба на санитарна депонија за цврст неопасен отпад во Русино, чија цел е утврдување на потенцијалното влијание од овој проект и обезбедување на неопходните мерки за заштита. Во текот на постапката, јавноста ќе биде информирана за потенцијалните влијанија и ќе може да даде свое мислење. Процесот за информирање на јавноста и консултации со засегнатите страни е веќе започнат. Во таа насока, претставници на проектот и Центарот за развој на полошкиот регион се сретнаа со невладини организации и членови на граѓанската иницијатива „Стоп Русино“ и ги информираа за плановите и можностите поврзани со проектот.

Центар за развој на Полошкиот плански регион

__________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close