0_Македонија.ПорталДописници МКДОпштество

Царовска: Согледуваме кои се потребите на компаниите, за да утврдиме кои струки да се изучуваат во училиштата

Утврдуваме кои се потребните работни позиции во компаниите, кои профили да ги отворат училиштата,  за да можат да се поврзат понудата и побарувачката на пазарот на труд, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска во Кавадарци, пред дебатата на која присуствуваат претставници од Стопанската комора, средни училишта и бизнис секторот.

Кавадарци, 4 февруари 2021 (МИА) – Утврдуваме кои се потребните работни позиции во компаниите, кои профили да ги отворат училиштата,  за да можат да се поврзат понудата и побарувачката на пазарот на труд, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска во Кавадарци, пред дебатата на која присуствуваат претставници од Стопанската комора, средни училишта и бизнис секторот.

Таа појасни дека ваквите  средби кои ги организира Министерството заедно со општините и средните стручни училишта, се под мотото ,,Учи паметно, работи стручно”. Тие се со поддршка од Швајцарската амбасада.

-Идејата е заеднички да утврдиме кои профили ќе се отворат за ученици за наредната година, нагласи министерката.

Таа информираше дека заедно со денешната досега се одржани четири средби, кои покажуваат дека компаниите навистина имаат потреба од вакви дискусии.

-Со модуларното поставување на средното стручно образование, може да се направат комбинации за едни профили да можат да служат на повеќе компании. На тој начин се осовременува средното стручно образование. Но, Министерството не само што ќе ги прилагоди профилите на потребите на реалниот сектор, туку ќе учествува и со политика за стипендирање на учениците од техничките струки, таму каде што посебно ќе се појави потреба од воспоставување паралелки со дуално образование,  или,  одреден период од образованието да се поминува во компанија,  а одреден период во училиште. На тој начин ќе се добие квалификувана, но и мотивирана работна сила, рече Царовска.

Таа додаде дека очекува на крајот од дебатите, училиштата да испратат барања до Министерството, профилите кои биле утврдени да станат реалност во наредната година.

Градоначалникот на Кавадарци  Митко Јанчев ги поздрави напорите на Министерството за образование за воведување  значајни реформи во образованието.

-Од дебатата очекувам да се согледаат реалните потреби од квалификуван стручен кадар од регионот, во согласност со пазарот на трудот. По направените анализи, ќе се добие реална слика за потребите од нови профили на кадри или доквалификација. Овде голема е и улогата на стопанските комори. Сево ова за уште поголемо намалување на невработеноста, која, на наше задоволство, овде е со мал процент, нагласи Јанчев.

Неготинскиот градоначалник, Тони Делков, исто така, ја поздрави иницијативата за навремено согледување на потребите на стопанството преку соодветно стручно образование. Нагласи дека плодот од ваквите состаноци ќе се согледа во наредниот период. свд/хс/

Back to top button
Close
Close