0_Македонија.ПорталBiznis.SlajderБизнисБизнис.ПорталЕкономија

Царовска: Пробниот процес дава резултати, тоа е добар пат кон системско решение за дуално образование

Вкупно 135 ученици од седум училишта се вклучени во процесот на тестирањето на дуалното образование во земјата. Дека процесот стартувал добро, потврдува интересот за таков вид образование кај компаниите, училиштата, локалната самоуправа и кај самите ученици.

Охрид, 22 јануари 2020 (МИА) – Вкупно 135 ученици од седум училишта се вклучени во процесот на тестирањето на дуалното образование во земјата. Дека процесот стартувал добро, потврдува интересот за таков вид образование кај компаниите, училиштата, локалната самоуправа и кај самите ученици. Учениците вклучени во процесот добиваат повеќе практично знаење и се поподготвени со своите вештини за напредок во натамошниот образовен и конкретен ангажман во производствените процеси.

Тоа денеска од Охрид го порача заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, која заедно со заменикот-министер за образование и наука Елизабета Наумовска и директорот на Делегацијата на германското стопанство Патрик Мартенс го посетија општинскиот Електро-машински училишен центар „Наум Охридски“ во Охрид, каде се спроведува пилот-проектот за дуално образование.

-Образованието е основа за развој на стабилна и одржлива економија, но се соочуваме со предизвик што гласно го алармираа стопанските комори и работодавците, за дефицит на стручен и квалификуван кадар во одредени струки. Со ова тестирање на програмата се увидува дека може да се постигне усогласување на понудата и побарувачката на пазарот на труд, рече Царовска.

Таа рече дека самите ученици вклучени во проектот се задоволни од начинот на кој се усовршуваат со конкретни знаења и вештини, со нагласок на дисциплината што е карактеристична за самиот работен процес.

-Најголем предизвик што тие го посочуваат е токму дициплината, а нашата задача е младото население да го воведеме во она што значи работен процес, дисциплина и поголема продуктивност на работното место. Токму затоа може да оцениме дека оваа програма што се тестира е на добар пат до системско решение за дуално образование, рече Царовска.

Министерството за образование и наука пред две години го иницираше овој пробен период на дуално образование како обид за поголема поврзаност на образованието и стопанството.

-Министерството ќе продолжи со подобрување на образовниот процес со нови, модерни наставни планови и програми, подобрување на квалитетот на наставен кадар преку разни видови поддршка и обуки. Од друга страна, завршените ученици ќе остануваат во домашното стопанство со трајни вработувања и на таков начин ќе се зајакнува таа воспоставена симбиоза, рече Царовска.

Патрик Мартенс од Германската стопанска комора изрази задоволство што се зголемува бројот ученици заинтересирани за лична професионална наобразба во конкретна производствена средина, како и интересот на компаниите за поддршка на образовните процеси преку кои би обезбедиле стручни дефицитарни кадри.

-Иницијативата што ја покренаа самите компании, а беше поддржана од образовните институции дава резултати. Дуалното образование нуди нови шанси и можности за професионална кариера, го поттикнува натпреварувачкиот дух кај младите, тие се заинтересирани за стекнување со дополнителни знаења особено во научните области како математиката и физиката. Задоволни сме што досегашната успешна соработка, се надеваме дека практиката ќе продолжи, со проширување на ваквото стручно дообразование од наредната учебна година и во други образовни центри во Скопје и Тетово, рече меѓу другото Мартенс. аб/вг/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close