Svet.SlajderДописници СветЕвропаЕвропа.Портал

Буџетскиот компромис на ЕУ преминува во рацете на Европскиот парламент за зелено светло

Договорот постигнат рано изутринава за седумгодишниот буџет на ЕУ и Фондот за закрепнување треба сега да биде одобрен од страна на Европскиот парламент, a претседателот Давид Сасоли најави „подобрување“ на пакетот, јави дописничката на МИА од Брисел

Брисел, 21 јули 2020 (МИА) – Договорот постигнат рано изутринава за седумгодишниот буџет на ЕУ и Фондот за закрепнување треба сега да биде одобрен од страна на Европскиот парламент, a претседателот Давид Сасоли најави „подобрување“ на пакетот, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европратеници в четврток ќе одржат вонредна пленарна седница, на која прво ќе дебатираат за постигнатиот компромис, по што ќе започнат преговори помеѓу Парламентот и Советот до постигнување конечен договор помеѓу двата коодлучувачи.

– Ова е договор без преседан помеѓу владите за оживување на европската економија. Мораме сега да работиме на подобрување на овие алатки, нема да се откажеме од амбициозна повеќегодишна финансиска рамка и јаснотија околу сопствените ресурси. Европскиот парламент ќе работи на заштита на интересите на граѓаните на ЕУ, твитна утрово Давид Сасоли откако беше обелоденет конечниот компромис.

За потсетување, земјите членки на ЕУ се договорија за седумгодишен буџет од 1,074 милијарди евра и Фонд за закрепнување во износ од 750 милијарди евра чија цел е да им помогне на земјите членки побрзо и полесно да излезат од рецесијата во која е падната ЕУ поради коронавирусот.

Фондот за закрепнување иако остана на 750 милијарди евра како што беше предложено од Европската комисија, со поддршка на Германија и Франција, е значајно послаб во делот на грантовите. Берлин и Париз настојуваа 500 милијарди да бидат во облик на грантови, конечно, под притисок на таканаречените „штедливи“ земји како Холандија, грантовите ќе изнесуваат 390 милијарди и ќе бидат придружени од строг реформски надзор од страна на Европската комисија.

Грантовите претставуваат здружување на долговите на земјите членки, концепт кој досега беше неприфатлив ниту за Германија до скоро. Сега Берлин ја предводеше групата на земји кои бараа поголема солидарност. Иако „штедливите“ ја ограничија начелната амбициозност, многумина сметаат дека овој договор претставува уривање на едно од најголемите табуа во ЕУ – заеднички долгови.

Земјите членки исто така успеаја да се договорат триесет отсто од расходите да бидат посветени на климатско дејствување.

Засега повеќето политички групи во Европскиот парламент го поздравуваат постигнувањето на договорот и најавуваат „подобрување“ на конечните буџетски инструменти, но граѓанскиот сектор веќе почна да се огласува со критики, пред сѐ поради разводнетиот компромис во делот на владеењето на правото, за што конечните заклучоци се залагаат дека ќе се навратат на прашањето и потсетуваат дека владеењето на правото е фундаментален принцип и вредност на Европската Унија.

Една од најжешките дебати со Парламентот се очекува да бидат и „сопствените ресурси“ на ЕУ-буџетот, односно приходите на ЕУ кои не зависат од националните придонеси.

Конечниот заклучок наведува дека во наредните години ЕУ ќе работи на реформа на системот на сопствени ресурси. Прв чекор ќе биде нов приход врз основа на нерециклираниот пластичен отпад кој стапува на сила од први јануари, а нови предлози се очекуваат од страна на Европската Комисија во делот на граничен карбонски механизам, дигитална такса и нови иницијативи во делот на таксите за загадување од воздушниот и морскиот транспорт. Заклучоците ја враќаат на маса и идејата за заедничка такса врз финансиските трансакции на ниво на целата ЕУ.

Од Европскиот парламент во мнозинство се очекува да турка за поамбициозни ставки во конечниот компромис, но европратениците знаат дека не им останува многу простор за макотрпни преговори и притисок бидејќи седумгодишниот буџет и Фондот за закрепнување треба час поскоро да бидат усвоени за да не се отежни дополнително економската состојба на земјите членки на ЕУ и нивните граѓани. тм/ми/

Таг
Back to top button
Close
Close