Svet.SlajderБалканБалкан.ПорталДописници Свет

Брнабиќ: Никогаш појасна порака на САД дека Приштина треба да ги укине таксите

САД никогаш досега немаа испратено појасна порака како сегашнава, дека е неопходно Приштина да ги укине таксите на стоките од Србија и БиХ, изјави денес премиерката Ана Брнабиќ, истакнувајќи дека покрај преставникот на американскиот претседател, Ричард Гренел, ваква порака испратиле и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел.

Белград, 8 февруари 2020 (МИА) – САД никогаш досега немаа испратено појасна порака како сегашнава, дека е неопходно Приштина да ги укине таксите на стоките од Србија и БиХ, изјави денес премиерката Ана Брнабиќ, истакнувајќи дека покрај преставникот на американскиот претседател, Ричард Гренел, ваква порака испратиле и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Брнабиќ за ТВ Пинк изјави дека Албин Курти зборувал различно сè додека не станал премиер и оцени дека тој сега има поинаква одговорност.

-Една е одговорноста кога сте во опозиција, а друга е одговорноста кога сте директно одговорни за односите на Приштина и САД, кажа Брнабиќ изразувајќи надеж дека таксите навистина ќе бидат укинати.

-Ова е одлично за Србите во Косово, за Албанците кои скапо ја платија цената на таа политичка одлука, добро е за целиот регион бидејќи ќе биде повлечена одлуката да се даде националност на бисквитите и млекото. Тоа е добар сигнал за иднината, изјави српската премиерка

Осврнувајќи се на реципроцитетот што го споменува Курти за да бидат укинати таксите, Брнабиќ кажа дека не е сигурна за каков реципроцитет станува збор.

-Политиката на Владата на Србија е целосно јасна, нема тука сиви области, нејаснотии, ние бараме почитување на сите потпишани договори. Бараме почитување на договорот за ЦЕФТА, тука нема двосмисленост, кажа Брнабиќ.

Таа им порача на косовските институции дека доколку не се придржуваат до договорот за ЦЕФТА, имаат на располагање многу начини да иницираат измена на тој договор.

-Но, сè додека не се измени, тој мора да се почитува, тоа е основно во цивилизираниот свет, заклучи Брнабиќ.

Брнабиќ за ТВ Пинк изјави и дека со еврокомесарот Вархеји разговарала за новата методологија за пристапните преговори и за начините како таа да се примени на Србија, бидејќи е направена за Северна Македонија и за Албанија, и кажа дека го споделува мислење со претседателот Александар Вучиќ дека методологијата делува попрактично и прагматично.

-Особено е добро тоа ако можеме да се наградиме за имплементацијата, за реформите, за средствата за инфраструктура, кажа Брнабиќ. об/сд/

Back to top button
Close
Close