Дописници МКДОстанатоСторија

Бошко Стаменковски – непознатиот шампион од Македонска Каменица

Четириесеттите години од животот за повеќето се период кога спласнува желбата за спорт и кога активните спортисти го посветуваат слободното време на своето семејство. За разлика од повеќето, приказната за Бошко Стаменковски, 45-годишен спортист од Македонска Каменица, е сосема различна. Стаменковски е еден од ретките што започнал да се занимава со малку познатиот пауерлифтинг по 40-тата година од животот, за доста кратко време успеа да освои сè што може да се освои на големите натпреварувања. Самиот раскажува дека поради големата телесна тежина морал да започне да се занимава со спортски активности, а неговиот прв избор бил  бодибилдингот, за потоа да почне да се натпреварува во пауерлифтинг и дисциплината бенч прес, во која ги постигнува и најдобрите резултати.

Македонска Каменица, 11 февруари 2020 (МИА) – Четириесеттите години од животот за повеќето се период кога спласнува желбата за спорт и кога активните спортисти го посветуваат слободното време на своето семејство. За разлика од повеќето, приказната за Бошко Стаменковски, 45-годишен спортист од Македонска Каменица, е сосема различна. Стаменковски е еден од ретките што започнал да се занимава со малку познатиот пауерлифтинг по 40-тата година од животот, за доста кратко време успеа да освои сè што може да се освои на големите натпреварувања. Самиот раскажува дека поради големата телесна тежина морал да започне да се занимава со спортски активности, а неговиот прв избор бил  бодибилдингот, за потоа да почне да се натпреварува во пауерлифтинг и дисциплината бенч прес, во која ги постигнува и најдобрите резултати.
– Мојата телесна тежина беше 98 килограми, а висок сум само 165 сантиметри, што беше недозволиво. За да ја средам ситуацијата со килограмите, најпрвин започнав со трчање. Најголемите резултати ги постигнав со трчање на отворено, тренинг, па трчање на отворено, па попладне исто тренинг, па трчање… Бев изненаден од првите резултати кога ослабнав на 78 килограми. Освен трчањето нормално и вежбав и увидов дека можам да се подготвувам за натпреварувањата во бодибилдинг, бидејќи во меѓувреме добив и мускулна маса. Почетоците ми беа како дигач на тегови. Како натпреварувач на почетокот имав учествувано во бенч прес со освоено најпрвин трето место во 2012 година, потоа второ место во 2013 година и во 2014 година освоив прво место во позинг бодибилдинг. На 3 мај 2014 година практично беше и мојот прв настап и поголем успех, на тој датум првпат учествував на Куп на Македонија во бодибилдинг, во категоријата за натпреварувачи над 40 години, и го освоив првото место, раскажува Стаменковски.
Истата година во септември, како што додава, учествува на Атлета на Македонија, при што го освојува второто место за натпреварувачи до 40 години.
– По тој натпревар на социјалните мрежи се запознав со три-четворица спортисти кои се занимаваа со пауерлифтинг. Тие ме поканија да патувам со нив на турнир во Бела Паланка, Србија. Потоа дознав дека тоа всушност бил квалификациски турнир за Балканско и Европско првенство. Таму го освоив првото место во категоријата за натпреварувачи до 70 килограми. Тоа всушност беа моите почетоци во пауерлифтингот, а сето останато следуваше потоа, додава каменичкиот лифтер.
Со освоеното прво место во Бела Паланка следната година Стаменковски обезбедува виза за настап на Балканското првенство, каде што го постигнува својот најголем успех, а потоа следувало и првото негово учество на Светското првенство во Лас Вегас, САД, како единствен претставник од Македонија.
– На Балканскиот турнир го срушив рекордот со подигнати 15 килограми повеќе од тогашниот рекорд. Следуваше нормално Европското првенство во Истбурн, Англија, каде што подигнав 130 килограми и се закитив со златен медал. Најголемиот предизвик ми беше секако во Америка. Првпат имав можност да ја видам Америка, која е поим за цел свет, и Лас Вегас, кој пак е поим за цела Америка. Таму се одржа Светското првенство во пауерлифтинг. Натпреварувањето беше во Вест Гејт хотел. Имаше преку 2 000 натпреварувачи од цел свет. Освоив злато и тоа во тој момент беше круна на мојата кариера, бидејки секој спортист кога ќе влезе во вежбалница и кога потоа ќе започне да се натпреварува, целта му е да освои медал, вели шампионот од Македонска Каменица.
Најголем удел во успесите, како што додава Стаменковски, играат исхраната и добриот тренинг.
– Исхраната би рекол е најважниот фактор, затоа што ние што се натпреваруваме во овој спорт во точно одредено време внесуваме храна во организмот. Како оброк на почетокот најчесто користев килограм стек или риба исклучиво со зелена салата. Секако и тренингот игра доста значајна улога. Без добар тренинг нема успех. Во период кога немав добри услови за вежбање одев во други градови, а имав и сопствена импрововизирана вежбалница. Потоа се изгради спортски комплекс од калибар каков што им е потребен на спортистите и со тоа тренинзите ги продолжив во родната М. Каменица. Кога сме кај тренинзите често може да ме сретенете како возам велосипед, што исто така е важен дел од вежбите, објаснува Стаменковски.
Минатата 2019 година беше доста плодна за каменичкиот спортист. Зад себе има 12 натпреварувања, учество на пет европски и пет светски натпревари, два светски куп-натпревари и околу 50 турнири.
– Освоив медали од бодибилдинг до стрит воркоут и пауерлифт бенч прес. Како најголем успех минатата година ќе го издвојам настапот на Европско во Чадка, Словачка, 1. место и европски рекорд во категорија до 75 кг со подигнати 137.5 кг. Од останатите учества на натпреварувања и освоени награди ќе ги набројам Светското првенство во Атланта (САД) на кое со подигнати 140 килограми го освоив златниот медал. На тоа натпреварување воедно постигнав светски рекорд во категоријата до 75 килограми и бев прогласен за најдобар лифтер. Во Одеса, Украина, освоив две први места во бенч од кои едно е повторување со сопствена килажа 73 кг, со 62 повторувања и прогласен за најдобар лифтер. Исто така учествував на Балканско во Бјелина, каде што освоив прво место во категорија до 75 кг. Од останати турнири учествував на „Кроатија опен“, Задар прво место, „Црна Гора опен“ прво место, „Србија опен“ Лесковац прво место, „Сврљиг опен“ прво место, „Трофеј Београд“ прво место и „Војводина опен“ прво место, сите во категоријата до 74 килограми. Тука се и учествата на Стрит воркоут, Валјево (Србија) второ место, Пула склекови прво место  – чучнувања со 60 кг трето место. Светски куп стрит воркоут Нови Сад прво место. Склекови со панцир од 20 кг и трето место чучнувања со сопствени килажа и 75 кг повторувања, раскажува за своите успеси Стаменковски.
Меѓу останатото е и носител на светскиот рекорд во правење склекови. За една минута има направено 77 склека со заклучување. Рекордот е постигнат во декември 2018. Исто така има направено и 139 склека за една минута со пумпање. Со направени 2 525 склека за еден час е носител на неофицијален светски рекорд. Сите овие успеси, како што самиот додава, му даваат за право да очекува добри резултати и во 2020 година, година во која веќе има обезбедено право за настап турнир во Охајо, САД.
– За 2020 година се имам квалификувано за „Арнолд класик“ во Охајо Коломбос (САД) во периодот 5 – 8 март во бенч. Исто така, ќе се подготвувам за сите турнири до Светското, исто и во стрит воркоут, каде што ќе гледам да ги подобрам сите резултати. Веќе имам услови за тренинг, како во сала така и улично, каде што ја обезбедивме најдобрата улична справа за натпревари од светски ранг, додава Стаменковски.
Тој на младите им препорачува поактивно да се занимаваат со спорт, но да не бараат брзи резултати бидејки, како што додава, најдобро е кога до успех ќе дојде на вистински начин.
Валери Спасевски

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close