0_Македонија.ПорталДописници МКДСторија

Борче Мирчевски – колекционер и мајстор за олдтајмери

Борче Мирчевски е еден од најдобрите млади олдтајмер-колекционери во земјава и претседател на велешкиот олдтајмер-клуб „King off the street“ или „Кралеви на улиците“, кој го формира пред седум години и беше негов претседател. Борче од неговите сограѓани ќе биде запаметен по организирање на најголемата олдтајмер-изложба на отворено во Велес во рамките на „Велешката питијада 2016“, на која беа изложени триесетина ретки олтајмери од целата земја и од соседна Бугарија, што предизвика голем интерес кај јавноста. Тој имаше желби и идеи и за организирање нови изложби, но не ја доби потребната финансиска поддршка од локалната власт. Сакаше да ги собере сите свои олдтајмери на едно место и да направи мал музеј на олдтајмери...

Велес, 22 февруари 2020 (МИА) – Борче Мирчевски е еден од најдобрите млади олдтајмер-колекционери во земјава и претседател на велешкиот олдтајмер-клуб „King off the street“ или „Кралеви на улиците“, кој го формира пред седум години и беше негов претседател. Борче од неговите сограѓани ќе биде запаметен по организирање на најголемата олдтајмер-изложба на отворено во Велес во рамките на „Велешката питијада 2016“, на која беа изложени триесетина ретки олтајмери од целата земја и од соседна Бугарија, што предизвика голем интерес кај јавноста. Тој имаше желби и идеи и за организирање нови изложби, но не ја доби потребната финансиска поддршка од локалната власт. Сакаше да ги собере сите свои олдтајмери на едно место и да направи мал музеј на олдтајмери…

Беше еден од ретките што освен што ги собираше старите возила, умееше со своите вешти раце и познавање со механиката, работејќи напорно дење и ноќе да им го врати некогашниот сјај и убавина и повторно во возна состојба. Потоа уживаше во долгите патувања со семејството и привлекуваше внимание.

Пред една година ја реставрира и регистрира својата олдтајмер француска убавица „пежо 203“ од 1951 година, а која ја најде запуштена и ‘рѓосана во Куманово. На неа неуморно работеше цели три години во сето свое слободно време, а некогаш, како што ни појаснуваше, откажуваше и работа и без прекин работеше и дење и ноќе за што поскоро да ја реставрира.

Инаку, овој олдтајмер е единствено вакво старо реновирано возило од оваа марка во возна состојба во земјава и пошироко, иако има и во соседна Грција и Бугарија, но тие не се во возна состојба.

Со „пежо 203“ Борче со семејството најпрво се возеше до Лесновскиот манастир, а изминатата есен со сопругата Кристина отпатува до Париз и назад, а планираше и нови патувања…

„Форд капри“ – љубовта на моето детство продолжи да трае цел живот…

Борче имаше богата колекција олдтајмери, но најмногу се гордееше и го сакаше „форд капри“. Ги имаше седум на број. Сите еднакво ги сакаше. Со црниот често патуваше, но најмногу го сакаше белиот „форд капри“ од 1969 година, кој го купил од Радовиш.

За него ни велеше дека е љубовта на неговото детство бидејќи бил ист како оној што го имал татко му кога тој бил дете, но морал да го продаде во соседство, а тој тагувал по него.

– Имав седум години кога татко ми купи „форд капри“. Го имаше четири-пет месеци, а мене ми беше многу убаво и бев пресреќен кога тато ме возеше. Но, набрзо мораше да го продаде, а го купија соседите. Јас одев кај нив и најсериозно им велев да ни го вратат. Возрасните ме задеваа, но јас вистински тагував бидејќи во нашиот двор повеќе го немаше нашиот „форд капри“. Љубовта кон овој автомобил долго тлееше во мене и знаев дека еден ден морам да го купам. Кога имав 26 години конечно собрав пари и го купив првиот мој „форд капри“, се разбира беше бел, а е од 1969 година. Потоа го купив вториот, па третиот и сè така до седмиот, а купував и други олдајмери и нив ги реставрирав и грижливо ги чував, ни раскажуваше  Борче.

Во разговорот со него тој неодамна ме информира дека неговото прво купено бело „форд капри“ од 1969, а за кое велеше дека му е доволно само да го гледа, тој скоро целосно го  реставрирал и малку нешто му недостига да го досреди и дека планира наскоро да го регистрира и да го вози…

Борче имаше и две возила „фиат 1500“, попознати како „тристач“, бело и жолто, кое го регистрираше и го возеа и тој и татко му. Ни појаснуваше дека му е возило за уживање со семејството и со него возел низ поранешна Југославија и Албанија.

Тој имаше и две возила „фиат 1100“ од 1954 и од 1959 година. Едното со запечен мотор и го користеше за делови за второто, кое е во возна состојба.

Борче својата љубов за олдтајмерите, но и за новите автомобили им ја пренесуваше на своите синови – неговата гордост Александар и Андреј. Двајцата со посебен сјај во очите гледаа во автомобилите на татко им и беа пресреќни кога сите заедно патуваа.

Борче имаше многу планови за своите олдтајмери, многу нови олдтајмер-изложби, а најмногу сакаше сите свои олтајмери да ги собере на едно место. Бидејќи имаше многу автомобили и веќе немаше повеќе простор за нивно чување во својот двор и гаража, дел од нив мораше да ги чува на неколку локации: кај комшиите, кај пријатели во градот и во Башино Село, од каде што е семејство на сопругата Кристина.

Ни велеше дека голема желба му е да направи мал изложбен олдтајмер-музеј.

Триесет и осумгодишниот Борче Мирчевски трагично го загуби животот на 7 февруари. Беше петок утро кога беше најден во провалија пред првиот тунел кај Башино Село, на автопатот Скопје – Велес. Борче беше извлечен од пожарникари од ТППЕ од Велес, кои први биле повикани на местото на несреќата и го нашле неговото тело на карпа и, како што ни раскажуваа, со големи напори во сложена операција го извлекле, а неговиот автомобил „хјундаи“ бил во водите на Вардар. Од екипата на Итната медицинска помош кога го извлекле, за жал, само констатирале смрт на местото на настанот.

Борче не само што ги сакаше како колекционер туку им ја враќаше и душата на олдтајмерите

Дионис Пашлаков од Неготино, најголемиот колекционер на олдтајмери во земјава што има отворено и прв музеј на олдтајмери, во изјавата за МИА за својот пријател и колега по колекционерство Борче вели дека, освен што ги сакаше олдтајмерите, беше неуморен во деноноќна работа во реставрирање и враќање на душата на старите возила. Еден од ретките во земјава што самиот со напорен труд и работа целосно ги реставрираше.

– Разликата беше што најголем дел од олдтајмер-колекционерите во земјава само ги собираат олдтајмерите и ги носат на мајстор да им ги поправи и реставрира. Но Борче како ретко кој од нив умееше самиот делче по делче, со часови, денови, ноќи и години макотрпно да ги реставрира и да им го врати некогашниот сјај и убавина овие ретки убавици на четири тркала и да ги воведе во исправна возна состојба, да ги регистрира и вози на улиците и патиштата. Тој што најмногу ги сакаше автомобилите, каква иронија на животот, загина со автомобил, и тоа во провалија блиску до Башино Село, каде што чуваше и најголем дел од својата колекција олдтајмери, ќе рече Дионис со голема болка и тага за младиот Борче.

Антоанела Димитриевска 

 

 

 

 

 

Back to top button
Close
Close