Дописници МКДОпштински вести

Борјан Јовановски од Прилеп победник на „Албанија Опен“ – Параглајдинг првенство во прецизно слетување

Борјан Јованоски од Прилеп е шампионот на 22. издание на интернационалниот натпревар во параглајдинг „Албанија Опен 2021", што се одржа на брегот на Валона во Албанија.

Крива Паланка, 2 јуни 2021 (МИА) – Борјан Јованоски од Прилеп е шампионот на 22. издание на интернационалниот натпревар во параглајдинг „Албанија Опен 2021″, што се одржа на брегот на Валона во Албанија.

На натпреварот полетаа 70 учесници од осум земји, а се натпреваруваа во дисциплината прецизно слетување.

Овој натпревар е од висока (ФАИ2) класа за 2021 година и на истиот се реализираа пет серии полетувања и слетувања кои допринесоа за одлични бодови на светската ранг листа.

-Во силна конкуренција членот на параглајдинг Клуб „Делта” Борјан Јованоски го освои првото место со само шест негативни поени, второто место му припадна на Горан Џурковиќ од Србија, а на третата позиција се пласираше словенецот Матјаж Слуга. Сите тројца се спортисти од светски ранг и затоа трката беше неизвесна до самиот крај. Победата на Борјан Јованоски е сосема очекувана, сепак зборуваме за спортист од светски ранг кој е постојано помеѓу првите десет во светот во оваа дисциплина, информира Софија Еверетте, генералната секретарка на Воздухопловната федерација на Северна Македонија.

Македонските претставници, од клубот „Делта”, Борјан и Мартин, остварија одличен пласман и во тимска конкуренција, освојувајќи го првото место во интернационален тим „Делта-Алпина” заедно со словенецот Матијаж Слуга.

-Оваа победа посебно ми значи бидејќи сум третиот од параглајдерската фамилија Јованоски кој се закитува со злато на овој настан. По 22 години одржување на Албанија Опен, со злато се закитивме јас, татко ми и брат ми. Сега победата е целосна, изјави Борјан Јованоски.

Солидни резултати постигнаа и остатаните македонски пилоти: параглајдинг клуб „Делта”, петто место Мартин Јованоски , ПК „Скајрајдерс”, седмо место Адам Спиркоски, осмо место Кристијан Темелкоски и 57-мо место Деспина Станковска. ПК”Скај но Лимит”, 27-то место Бојан Уфцески, и 55-то место Александра Уфцеска.

-Среќна сум што бев дел од шампионатот во сончевата Валона. Знам дека можев и подобро, но по породувањето не сакав да се форсирам, туку постепено се враќам во форма. За мене најголемата убавина е што можам ваквото искуство да го споделам со мојот сопруг Бојан Уфцески кој овој пат оствари подобар резултат од мене, рече Уфцеска.

Македонските параглајдеристи продолжуваат со припреми за натпреварите што следат, како и за Светското првенство во Параглајдинг кое треба да се одржи во Македонија, во месец Октомври.

Еверетте посочи дека Воздухопловната федерација се гордее со успесите на нејзините спортисти и е комплетно насочена кон нивна поддршка и обезбедување на солидни услови за развој на спортското воздухопловство во државата.ид/бт/

 

Таг
Back to top button
Close
Close