0_Македонија.ПорталBiznis.SlajderБизнисБизнис.ПорталЕкономија

Бочварски: Посветени сме на интеграција во ЕУ и олеснување на транспортот и трговијата

Во Република Северна Македонија  се реализираат крупни инвестиции за изградба и модернизација на патната мрежа на пан-европските коридори 8 и 10 и интензивно се работи на надминување на предизвиците и продолжување на изградбата на железничките врски кон Република Бугарија, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на третиот Министерски совет ЕУ - Западен Балкан.

Скопје, 26 октомври 2020 (МИА) – Во Република Северна Македонија  се реализираат крупни инвестиции за изградба и модернизација на патната мрежа на пан-европските коридори 8 и 10 и интензивно се работи на надминување на предизвиците и продолжување на изградбата на железничките врски кон Република Бугарија, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на третиот Министерски совет ЕУ – Западен Балкан.

Тој нагласи дека Владата на Република Северна Македонија е силно посветена на интеграција на земјата во Европската Унија, унапредување на регионалното поврзување, олеснување на транспортот и трговијата и зголемување на соработката со останатите земји од Западен Балкан.

-Во ова време на светска здравествена криза, кога меѓусебната зависност на земјите од регионот станува сè посилна и позабележителна, меѓусебната поддршка и соработка е клучна, рече Бочварски.

Целите на Договорот за основање на транспортна заедница и Агендата за поврзување беа едни од главните теми на овој видео-конференциски состанок во кој учество зедоа европскиот комесар за транспорт Адина Валеан, европскиот комесар за соседска политика и проширување Оливер Вархелји, директорот на постојаниот секретаријат на транспортната зедница Матеј Закоњшек, претседателот на Министерскиот совет на транспортната заедница и министер за транспорт и врски на Босна и Херцеговина Војин Митровиќ и министрите за транспорт од земјите од Западен Балкан. Претставниците на Европската комисија го презентираа Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, како предвидена помош на Унијата за реализација на планираните инвестициите кои првенствено имаат за цел подобра поврзаност на земјите.

Министерот Бочварски порача дека мораме да се фокусираме на надминување на последиците од кризата и да го забрзаме опоравувањето на нашите економии.

Наведе дека како Министерство активно се вклучени во сите активности, кои во голем дел, имајќи ја предвид здравствената криза, се однесуваат на непречено функционирање на зелените коридори особено на транспортот на стока.

– Во вакви услови од особена важност е добра регионална соработка и функционална транспортна инфраструктура. Имено, ваквата соработка се покажа во пракса кога во текот на здравствената криза, особено на самиот почеток, беше овозможен брз и непречен транспорт на неопходна стока за основни потреби, пред сè, на лекови и медицинска опрема, храна и други стоки. Во таа смисла, системот на воспоставување на зелените коридори гарантира континуиран, слободен и побрз транспорт на стока со земјите од ЕУ и земјите од Западен Балкан. Со оглед на тоа што Европската Унија е наш најголем и најзначаен економски и инвестициски партнер, иницијативата за проширување на зелените коридори кон соседните земји членки на ЕУ е од исклучителна важност. Акциските планови, усвоени на Министерскиот совет, за железница, патишта, безбедност и олеснување на транспортот на граничните премини имаат за цел да ги надминат потешкотиите со кои се соочуваме, особено во ова време на здравствена криза, нагласи министерот Бочварски.

Преку отворање на пазарите, либерализација на транспортот и зајакнување на конкурентноста, како што рече,Транспортната заедница ќе придонесе за зголемена безбедност и ефикасност, пониски трошоци и подобар квалитет на транспортните услуги, како и повисоко ниво на општите технички стандарди, што на крај би довело до интеграција во европскиот пазар. Исто така, укажа, Договорот ќе го забрза спроведувањето на реформите во овој сектор и ќе овозможи усогласување на транспортната политика на Република Северна Македонија со транспортната политика и легислатива на ЕУ, што е и еден од условите за полноправно членство на нашата земја во ЕУ.

-Со спроведување на Договорот за основање на транспортната заедница, ги потврдуваме нашите заложби за унапредување на целокупниот транспортен систем, безбедност на патиштата, подобро регионално поврзување, зголемена економска соработка и интеграција во Европската Унија, рече Бочварски. лв/скс/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close