Biznis.SlajderБизнисЕкономија

Бизнисот бара усогласени царински тарифи со европските

Потребно е усогласување на царинскиот тарифник во земјава со ЕУ доколку сакаме да придонесеме за развој на индустриските компании во земјава. Ние имаме неколку кратно повисоки царински стапки од ЕУ, со што за многу производи се плаќа непотребно повисока тарифа, истакна на денешната прес-конференција Трајан Ангелоски, член на Управен одбор на Индустриската комора.

Скопје, 30 јануари 2020 (МИА) – Потребно е усогласување на царинскиот тарифник во земјава со ЕУ доколку сакаме да придонесеме за развој на индустриските компании во земјава. Ние имаме неколку кратно повисоки царински стапки од ЕУ, со што за многу производи се плаќа непотребно повисока тарифа, истакна на денешната прес-конференција Трајан Ангелоски, член на Управен одбор на Индустриската комора при Сојузот на стопански комори.

Како што појасни Ангелоски, нашата земја има најголема трговска размена со земјите на ЕУ, а само два од нашите пет соседи се членки на ЕУ. Ваквата состојба, според него, го наметнува прашањето дека нашата царинска тарифа треба да е усогласи со таа на Европската Унија.

Тој додаде дека многу цариски стапки се заборавени уште од времето на поранешна Југославија и се енормно високи, наведувајќи пример дека одредени стапки во ЕУ се три отсто, а во земјава се 15 отсто.

-Ваквата состојба ги нарушува тековите на слободна трговија и многу од суровините значително ги поскапува со што многу потенцијални инвестиции поради ваквата цариска политика немаат никаква економска исплатливост и смисла да се реализираат во нашата држава. Со оглед на тоа што ваквата состојба трае од нашето осамостојување, предлагаме веднаш да се почне со усогласување на тарифите за да бидеме компатибилни со европските пазари и подготвени за наша идна асоцијација, рече Ангелески.

Тој на  прес-конференцијата наведе и други дополнителни фактори кои, според него, би требало да придонесат за развој на индустриските компании во земјава, а тоа е забрзан технолошки напредок со изградба на индустриски зони, но и адекватни инвестиции во обновливи извори на енергија.

Ангеловски апелира да се основа републички фонд со цел изградба на нови зони и да се понудат адекватни локации со решена инфраструктура, гас, вода, струја и останати услови за да можат, како што рече, компаниите да не губат енергија на активности кои не се нивна првенствена дејност, туку да имаат слободен и комплетно среден простор за инвестирање.

– Модернизирање на производството, зголемување на капацитетите и подигнување на стандардите се значајни инвестициски процеси кои компаниите треба да ги преземат за забрзување на технолошкиот напредок, меѓутоа сето ова не е можно да се направи на ливада, потребно е државата локалните самоуправи, Градот Скопје да си ги завршат своите обврски за индустриските компании да функционираат непречено, да се развиваат и да бележат позитивни резултати за да придонесат за развој на државата, рече Ангеловски.

Според него, состојбата на постоечките индустриски зони е на многу ниско ниво, а како пример ја наведе зоната Чојлија која се наоѓа покрај скопскиот аеродром и нема патна инфраструктура. Индустриската зона во Хиподром нема надвозник, кој е во план да се реализира, но никако да стартува, а и во останатите зони проблемите се слични.

Многу компании, како што рече, бараат локации за изградба на нови објекти, меѓутоа локации или нема или нивната цена е енормно висока и е една од највисоките во регионот.

Индустриската комора нагласува дека модерни индустрии во светот секојдневно се трудат да постигнат максимална енергетска ефикасност и што е можно повеќе да инвестираат во обновливи извори на енергија, со цел да ги намалат трошоците за производство и на тој начин да постигнат максимална конкурентност на своите производи.

-Во нашата земја современите компании од индустрискиот сектор се трудат да ги следат овие трендови, меѓутоа нашата држава нема слух за современите еколошки светски трендови, напротив, ваквите инвестиции не се поддржуваат. Се бараат скоро исти дозволи од Регулаторната комисија за енергетика како за РЕК Битола, така и за секоја соларна електрана која се поставува на покривите на индустриските објекти, рече Ангелоски.

Проектите од ваков тип, како што рече, треба финансиски и законски со поедноставни постапки да бидат поддржани со цел компаниите да бидат мотивирани да прават ваков тип на инвестиции и со своите ЕКО инвестиции да допринесат за почиста човекова околина.бт/лв/

 

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close