0_Web_Актуелно0_МИА Истражува.ПорталОпштествоТема

Безбедноста и достоинството на корисничките на дрога – жртви на физичко насилство, условени од стигмата во општеството

Живееме во свет во кој секоја животна одлука, избор или начин на живот наидува на барем една осуда од поединци во општеството. Без разлика дали станува збор за социјален статус, „погрешен“ партнер, употребување на дроги или пак само стил на облекување, осудата е присутна. Меѓутоа, животот е многу поотежнат кога тие осуди доаѓаат со стигма и дискриминација.

Скопје, 3 јули 2021 (МИА) – Живееме во свет во кој секоја животна одлука, избор или начин на живот наидува на барем една осуда од поединци во општеството. Без разлика дали станува збор за социјален статус, „погрешен“ партнер, употребување на дроги или пак само стил на облекување, осудата е присутна. Меѓутоа, животот е многу поотежнат кога тие осуди доаѓаат со стигма и дискриминација.

Колку е тешко да се живее под превезот на стигмата, осудата и насилството, сведочат жените кои употребуваат дроги и секојдневно се соочуваат со физичко насилство. Последните истражувања направени од страна на ХОПС покажуваат дека овие жртви се заробени во стигматична средина само поради начинот на живот кој за поголемиот дел од општеството е неприфатлив.

Резултатите покажуваат дека достоинството и безбедноста на жените кои користат дрога се условени од стигмата, која според Хајди Штерјова Симоновиќ, извршна директорка на ХОПС,  кај нас е присутна во голема мера. Таа вели дека постојат 11 документирани случаи на физичко насилство во последните три години, но дека тоа се само оние кои собрале храброст да се обратат до ХОПС.

– Кога зборуваме за документирани случаи, тоа значи дека жртвата дошла во сервисите од ХОПС искажала, ги споделила информациите за насилството со кое што се соочува, но тоа не значи дека жртвата понатаму ќе биде охрабрена да покрене било каква постапка за санкционирање на сторителот на насилството, вели Хајди Штерјова Симоновиќ.

Стигмата и недовербата во институциите дополнително ги обесхрабрува овие жртви да пријават насилство

Штерјова Симоновиќ истакна дека на жените кои употребуваат дроги поради стигмата и предрасудите дополнително им е отежнат пристапот до институциите и до правдата во оној период кога ќе се соочат со родово базирано насилство.

– Непостапувањето на институциите ги обесхрабрува жртвите да почнат некаква постапка, поточно не веруваат дека по пријавувањето ќе ја добијаат соодветната заштита. За да можеме да пријавиме кога некогаш сме сведоци на насилство треба и да знаеме дека навистина ќе добијаат помош и поддршка, но и одговор од институциите, дека ќе бидат заштитени, дека насилството нема да се повтори, заклучи таа.

 

Правната советничка во ХОПС, Маргарита Глигороска, пак, тврди дека стигмата постои во самите институциите и дека жртвите сами не можат да си ги остварат своите права. Меѓутоа, од МВР уверуваат дека односот е подеднакво ист кон сите.

 

– Начинот на однесување, постапување и работење на работниците во МВР е утврден со Етичкиот кодекс за однесување на работниците. Согласно одредбите во Етичкиот кодекс, полициските службеници обезбедуваат почитување на човековите права, преку еднаков третман и недискриминација, без повластување и без никаков личен интерес, почитувајќи ги туѓите права и достоинство, велат од МВР.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски изјави дека непочитувањето на одредбите на овој кодекс претставува кршење на работниот ред и дисциплина, односно неисполнување на работните обврски согласно позитивните прописи во областа на внатрешните работи.

– Имајќи го тоа предвид граѓаните, заради заштита и остварување на своите права и секогаш кога сметаат дека со постапувањето на полициските службеници се повредени нивните права и слободи, имаат право да поднесат претставка до Министерството за внатрешни работи. Министерството е должно да изврши проверка на наводите во претставката и во рок не подолг од 30 дена од приемот на претставката, во писмена форма, да го извести подносителот за утврдената состојба и преземените мерки, вели портпаролот Ангеловски.

Тој информира дека со цел зајакнување на капацитетите на полициските службеници се реализира континуирана едукација за постапување со жртви на кривични дела, како и континуирани обуки за законито, професионално и стручно работење.

Од друга страна пак, Глигороска вели дека во пракса третманот не е ист. Таа смета дека најголем проблем е тоа што жените кои употребуваат дрога тешко се охрабруваат да пријават, бидејќи не веруваат дека со тоа би се спасиле од насилникот.

– За институциите тоа се жени кои сами си го заслужиле тоа што сами си одбрале пат кој не е оштествено и морално прифатен и институциите буквално тргнуваат од таа помисла – вие сте криви, вие сте одбрале таков начин на живот, ќе си го трпите тоа што си го доживувате така што третманот воопшто не е ист, изјави таа.

Правната советничка од ХОПС, воедно рече дека дополнително кај жртвите на физичко насилство кои употребуваат дроги не се ни започнуваат судските постапки.

– Овие жртви воопшто не се приоритетни. За нив не се ни почнуваат судски постапки. Тоа е еден од најголемите проблеми, што има голема недоверба во системот и воопшто не се мотивирани и не се охрабрени да започнат постапка. Луѓето кои употребуваат дрога генерално се маргинализирана заедница, но жените и во оваа група се повеќе маргинализирани. За општеството понормално е мажи да употребуваат дрога, а не жени, потенцира Глигороска.

Симоновиќ вели дека стигмата само дополнително ја влошува состојбата, како и дека пријавувањето на родово базираното насилство е на многу ниско ниво.

– Јас верувам дека нема девојче или жена која барем еднаш не се соочила со некаква форма на родово базирано насилство. Колку од нив ние ги имаме пријавено во институциите, минорен е бројот на пријавените случаи и се пријавуват само тешките форми на родово базирано насилство кога едноставно не можат да ја издржат тежината. Ако жртвата не добие соодветна помош при првото пријавување, многу потешко е дека таа личност ќе излезе и по вторпат ќе пријави, објаснува Симоновиќ.

Психолозите објаснуваат дека токму поради стигмата жртвите тешко се одлучуваат да побараат помош и да го пријават насилството.

– Искуството кое го имаат е дека кога ќе пријават насилство попрво се соочуваат со обвинување за нивнтата употреба на дроги, наместо да се побара решение за проблемот поради кој дошле. Неколкукратно вакво искуство ќе ги обесхрабри да одат во потрага по помош и поради тоа ќе се помират со нивната улога на жртва, вели Деспина Стојановска, психолог, системски семеен психотерапевт во ХОПС.

Се чини дека овие жртви немаат поддржувачка средина, колку и да сакаат да се оттргнат од насилството, односно насилникот, речиси секогаш се враќаат назад. А, ова го потврдува извршната директорка на ХОПС, Штерјова Симоновиќ, за која довербата во институциите е клучна, и според неа, доколку се зајакне таа доверба, во тој случај храброста кај овие жени би била далеку поголема.

Немоќта да се излезе од едно тешко сценарио ја онеспособува жртвата да се справи со сите останати потешкотии

Според стручните лица, психичкото здравје е доста чуствитрелно и реагира дури и на најмалите стресови. Тие велат дека физичкото насилство има сериозно негативно влијание. На прашањето колку е оштетено психичкото здравје кај овие лица, психолозите истакнуваат дека насилството е комплексна тема и најчесто е повторувачки циклус кој се искусува според некои одредени обрасци.

– На почеток е присутен хармоничен однос, потоа тензијата почнува да расте, ескалација се случува кога доаѓа до празнење на потиснатата агресија преку физичко или психичко повредување и малтретирање. Во целиот овој процес тоа што прво се забележува е опаѓање на самодовербата кај жртвата, изјави психологот Стојановска.

Таа додава дека зависноста е комплексна и дека на лицата кои употребуваат дроги генерално им е многу потешко да се справат со целиот притисок од општеството.

– Без познавање на суштината на насилството и улогата на сторителот во истото, ќе чуете како луѓето повеќе се спремни да ја обвинат жртвата поради зависноста која ја има, отколку да ја погледаат реалноста и да заклучат дека никој, со ниту едно свое однесување не заслужил да биде малтретиран од никого, вели психологот.

Стојанова смета дека сите институции кои се вклучени во системот за реагирање при насилство, континуирано се во процес на подобрување на своите услуги и суштинско разбирање на целокупната проблематика.

Таа порачува дека доколку општеството се потруди да ги запознае и да допре до убавите и јаки страни на лицата кои се борат со зависност и насилство, во тој случај овие жртви би биле поттикнати да бидат подобри за себе, за нивните блиски, а потоа и за целокупното општество.

Автор: Симона Србиноска

ФОТО: Фросина Насковиќ

Оваа сторија е објавена во рамките на регионалната програма “Имплементирање на норми, менување на ставови”, финансирана од Европската Унија и имплементирана од UN Women.

Back to top button
Close
Close