0_Web_Актуелно0_Македонија.Портал0_МИА Истражува.ПорталАнализаМИА ИстражуваОпштество

Без обврска за тест и карантин само во Србија, Албанија и Косово

Македонските државјани во моментов без обврска за валиден ПЦР тест за коронавирус и карантин од земјите во соседството можат да патуваат само во Србија, Албанија и Косово.

Скопје, 20 јуни 2020 (МИА) – Македонските државјани моментно без обврска за валиден ПЦР тест за коронавирус и карантин од земјите во соседството можат да патуваат само во Србија, Албанија и Косово.

Албанија со одлука на тамошната Влада границата за странски и домашни државјани ја отвори на 1 јуни, при што не се предвидени посебни протоколи, освен вообичаените  мерки за носење заштитна маска и одржување физичка дистанца.

За влез во Србија, од 22 мај нема потреба од негативен тест на коронавирус или посебна дозвола, како за домашните, така и за странските државјани.

Косовските власти исто така ги отворија копнените граници за сите соседни земји, за домашните и за странски државјани. Не е потребен тест ниту карантин, или самоизлоација при влез во земјата. Се врши само проверка на температурата на лица по случаен избор од страна на здравствен тим.

Но, иако, со одлука на Владата од 17 јуни отворени се сите гранични премини во државата, остануваат да важат активните мерки за заштита од ширење од коронавирусот, а обврската за задолжителен ПЦР тест и карантин при влез во земјава ги обесхрабрува граѓаните да заминат на патување вон границите.

Имено, за влез во Северна Македонија е задолжително да се приложи валиден негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа. Останува и мерката за потпишување „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“, врз основа на која Државниот санитарен и здравствен инспекторат изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација, која ја контролира МВР.

Исто така останува во сила и мерката за државен карантин во траење од 14 дена, за сите граѓани или странци со регулиран престој во земјава, коишто при влез на територија на РСМ нема да приложат валиден ПЦР тест или ќе приложат невалиден ПЦР тест. Останува и можноста граѓаните кои се во државен карантин и сакаат да им се направи ПЦР тест на нивно барање, тоа да им се овозможи од страна на овластена институција во најкраток рок.

Оние граѓани на кои направениот ПЦР тест е негативен, потпишуваат „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“ каде се пресметани и деновите поминати во државен карантин, и го напуштат државниот карантин и заминуваат во задолжителна самоизолација на адресата определена во дадената изјава. Доколку граѓаните не сакат да им се направи ПЦР тест, остануваат во карантин 14 дена, а по тој рок од страна на овластени претставници од ДСЗИ им се изготвува Решение за здравствен надзор и домашна самоизолација.

Владата претходно го дополни и Протоколот за непречен транзит на странски државјани низ територијата на Република Северна Македонија, и од денеска протоколот овозможува влез на сите гранични премини на државјани на други држави за транзитирање низ нашата територија. Транзитот на овие лица подразбира влез на еден граничен премин и излез на друг со обврска при транзитот да не се излегува од соодветниот автопат или локален пат и тој да се реализира во рамките на најмногу 5 часа што се потврдува со изјава која странските државјани треба да ја пополнат на влез, а на излез треба корисникот да ја предаде на граничната полиција со цел да се контролира времетраењето на транзитот.

Влез во земјите од соседството и регионот

За патување во Бугарија и Грција како земји членки на ЕУ важат насокоите дадени од ЕК за отворање на границите од 1 јули, годинава, Така за влез во Р. Бугарија не е дозволен за македонските државјани, освен за транзитирање кон Република Северна Македонија или кон држава членка на ЕУ (под одредни услови). Забраната се однесува на сите гранични премини во периодот од 18 јуни до 30 јуни. При транзитирањето не е задолжителен ПЦР тест, ниту карантин или самоизолација.

Од 15 јуни грчките власти ги отворија границите за поголем дел од граѓаните на ЕУ, но не и за нашите државјани, за кои влез ќе биде можен од 1 јули. Исклучок се возачите на камиони. Забраната за влез од С.Македонија во Грција важи и за странските државјани кои транзитираат низ нашата земја, вклучително и државјани на ЕУ.

На 1 јуни Црна Гора ги отвори своите граници за 130 земји во кои бројот на активни случаи е помал од 25 на 100.000 жители и ги укина повеќето преземени мерки за да се спречи ширењето на коронавирусот. Условот за бројот на активни случаи го прави неможно патувањето на наши државјани во оваа земја.

За Словенија е потребен ПЦР тест доколку доаѓаш од држава која има неповолна епидемиолошка слика. Словенците имаат список на држави којшто го менуваат во зависност од развој на настани. С.Македонија е во листата земји заедно со Србија, Косово и БИХ чии граѓани при влез во земјата мораат да доставам тест не постар од три дена или 72 часа. Потоа одат 14 дена во самоизолација … државен карантин кај нив нема. Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, ако се работи за граѓанин кој нема постојана или привремена адреса на живеење, во самоизолација останува на адресата каде ќе биде сместен. Од ова правило се изземени транспортерите, односно возачите на камиони. Тестот во Словенија чини 96 евра, а резултатите ги добиваш за најмногу 24 часа. За земјите од ЕУ не е потребен тест, и нивните граѓани можат да влегуваат надвор од таканаречените „влезни точки“ каде што медицински лица ти мерат температура и слично.

Во Хрватска ако имаш резервација во хотел или слично не е потребен ПЦР тест. Ова се однесува на трети земји не и за тие од ЕУ.

Австрија се граничи со земји на ЕУ и протокот на луѓе е регулиран во координација со ЕУ. За граѓаните од Западен Балкан, вклучително и за нашата земја, важат правилата кои се носат во Брисел.

Информација за режими на движење и правила за транзит на државјани на Република Северна Македонија во други земји,во Евопа и пошироко, во контекст на пандемијата со Ковид 19 објави МНР на својата веб страница.

Наскоро целосно отворање на границите

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека за време на викендов  ќе се разговара за целосно отворање на границите односно за слободен проток на граѓани без тестови и изолација, а конечната одлука за тоа би можело да биде донесена на почетокот на следната недела.

– Претходната одлука беше одлука да се отворат сите затворени гранични премини со препораките што важат сега, но со оглед на тоа што во целиот регион епидемиолошкит ризик е еднаков, еве веќе се отвораат и аеродроми, се отвора цела Европа, насекаде во светот и секаде се препорачуваат истите мерки, секаде важат истите принципи на превенција. Така што одлуката ќе биде да се отворат границите целосно, без карантини и без ПЦР тестирање. Ќе носиме одлука и ќе дискутираме викендов некаде за почетокот на следната недела, рече Филипче.

Според него, со отворањето на границите во целиот регион, карантините ја губат смислата заради тоа што веќе ќе има слободен проток на граѓани, возила итн.

– Јас, практично на секои два три дена имам билатерални контакти и телефонски разговори со сите  министри за здравство од соседните земји како Грција, Бугарија, Албанија, Косово, Србија со цел да ги споделиме искуствата, динамиката на одвивањето на новооткриени случаи. Ние донесовме одлука дека сите странци од околните соседни земји  доколку се затекнат во нашата земја и ќе покажат симптоми или се сомнителни или се јавуваат во болница, ќе добијат бесплатно лекување, рече Филипче.

Тој очекува дека и сите соседи ќе покажат солидарност околу третирањето на нашите државјани кои се затекнати во нивните земји, заради тоа што, како што рече, една ваква силна пандемија со ваков ризик во сите земји е идентичен.

Авиосообраќајот се уште затворен

Наспроти патниот, авионскиот сообраќај во земјата се уште е во прекин. Министерот за транспорт Горан Сугарески минатата недела изјави дека се разговара, но оти се уште е рано за одлука за отворање на аеродромите.

Во меѓувреме, нискобуџетната авиокомпанија Виз Ер најави дека до 13 јули ја продолжува суспензијата на летови до и од Северна Македонија поради продолжувањето на рестрикциите за патување наменети за сите странски летови.

Виолета Геров

Back to top button
Close
Close