Svet.SlajderСветСвет.Портал

Бенет: Израел за една деценија на Западниот брег ќе насели милион еврејски доселеници

Израелскиот министер за одбрана Нефтали Бенет денеска изјави дека негова цел е во следната деценија бројот на еврејски доселеници на окупираниот Западен брег да се зголеми на еден милион од сегашните околу 400.000.

Ерусалим, 8 јануари 2020 (МИА) – Израелскиот министер за одбрана Нефтали Бенет денеска изјави дека негова цел е во следната деценија бројот на еврејски доселеници на окупираниот Западен брег да се зголеми на еден милион од сегашните околу 400.000.

„Јастребот“ Бенет, кој голем дел од својата поддрша им ја должи токму на доселениците, е лидер на партијата Нова Десница, со која ќе учествува на изборите на 2 март.

Говорејќи на конгресот на партијата во Ерусалим тој посебно се осврна на новата политичка клима од САД, по ноември 2019 година, од кога израелските населби на Западниот брег Вашингтон веќе не ги смета за незаконски. На конгресот присуствува и премиерот Бенјамин Нетанјаху и американскиот амбасадор Дејвид Фридман.

-Целта ни е за една деценија милион израелски државјани да живеат во Јудеја и Самарија, рече Бенет, искористувајќи го библискиот термин за окупираниот Западен брег на реката Јордан.

Тој, исто така, ја оспори употребата на терминот „окупиран”.

-Луѓето не можат да бидат окупатори во својата земја, рече Бенет.

Нетанјаху зборуваше на истата тема, но со посмирен тон.

-Ние не сме окупатори во својата татковина, не сме окупатори на сопствената земја, не сме како Белгијанците во Конго, рече тој.

Амбасадорот Фридман, евреин кој исто така е посветен приврзаник на населбите, изјави дека новата политика на САД јасно кажува дека „Израелците, евреите, имаат право да живеат во Јудеја и Самарија“.

Коментарите на Фридман и Бенет предизвикаа брза осуда од  Палестинската администрација.

Министерството за надворешни работи на Палестинската администрацијата овие изјави ги оцени како „расистички” и „одраз на еврејскиот колонијален карактер на договорот на векот”, имајќи го предвид досега неоткриениот мировен план на американскиот претседател Доналд Трамп. Според ПА, нивните изјави се „официјални признанија за нивното учество во злосторствата со населбите и конфискацијата на палестинската земја“.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео на 18 ноември изјави дека САД веќе не ги сметаат израелските населби за „несодветни на меѓународното право”. сд/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close