Дописници СветЕвропаЕвропа.Портал

Белгија го укинува задолжителното носење маска на отворено

По само неколку месеци белгиската Влада одлучи да ја укине обврската за носење заштитна маска на отворено од први октомври, соопшти попладнево премиерката Софи Вилмес.

Брисел, 23 септември 2020 (МИА) – По само неколку месеци белгиската влада одлучи да ја укине обврската за носење заштитна маска на отворено од први октомври, соопшти попладнево премиерката Софи Вилмес.

Иако бројките на новозаразени повторно растат во земјата, Националниот безбедносен совет денеска одлучи да омекне неколку правила, но препорачува граѓаните да продолжат да ги почитуваат мерките за физичка дистанца, дезинфекција на рацете, носење маска и намалување на социјалните контакти.

Што се однесува до заштитните маски, премиерката Вилмес најави дека таа ќе остане задолжителна само во места каде не може да се почитува физичката дистанца и во места со голем промет, крајната одлука им се остава на локалните власти, но федералната власт повеќе не бара задолжително носење на маска на отворено од први октомври во Белгија како што беше случај во последниве месеци.

Маската останува задолжителна во јавниот превоз, во продавниците, театрите и кината, односно во затворени простории.

Во однос на големите собири, дозволено е максимум десет лица за приватен настан, додека за јавни собири границата е 200 на затворено, и 400 на отворено, со исклучок на спортски настани.

Владата им препорачува на граѓаните да не се гледаат со повеќе од пет блиски лица месечно во нивното социјално опкружување. Под блиски лица се подразбира лице со кое се има близок контакт, без маска, под метар и половина и подолго од петнаесет минути.

Најавени се промени и за правилата за карантин: од сега карантинот се ограничува на седум дена. По седум дена и доколку тестот е негативен, лицето може слободно да се движи, доколку тестот е позитивен, мора да остане во самоизолација.

Конечно, Белгија треба од крајот на овој месец да ја пушти во промет апликацијата за следење на контактите, Короналерт. тм/

Back to top button
Close
Close