0_Македонија.ПорталBiznis.SlajderБизнисБизнис.ПорталЕкономијаИнтервјуПолитика

Бабовски: Направивме успешна ИПАРД-приказна

Субвенциите не се тресат од ракав, туку се даваат според строго контролирани правила и услови. Земјоделците мора конечно да сфатат дека овие пари, чиј обем воопшто не е за потценување, се за реинвестиција, за осовременување и развој на стопанствата, порачува директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски, во интервју за МИА.

Скопје, 7 јануари 2020 (МИА) – Субвенциите не се тресат од ракав, туку се даваат според строго контролирани правила и услови. Земјоделците мора конечно да сфатат дека овие пари, чиј обем воопшто не е за потценување, се за реинвестиција, за осовременување и развој на стопанствата, порачува директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски, во интервју за МИА.

Оценува дека земјава конечно направи успешна ИПАРД-приказна и ако до скоро се случуваше во Агенцијата да пристигне по некое празно барање, само со печат и потпис, или се чекаше и по 1,5 година за „средување“ на апликациите, сега се склучува договор за помалку од шест месеци. Се исфилтрираа оние што вистински сакаат да дојдат до европските пари и да вложат.

Директоре, каква беше реализацијата на средствата во 2019 година? Задоволни ли сте од постигнатиот резултат и што покажува теренот? Евидентни ли се ефектите во практика?  

Кога ќе ги сумираме сите три програми – директни плаќања, рурален развој и аквакултура, можеме да кажеме дека реализацијата на програмата за поддршка во 2019 година е преку 99 отсто, приближно на ниво на 2018-та, кога беше 99,67 проценти. Ова покажува дека како институција сме една од најдобрите пет во државата според реализација на буџетот.

Годината заврши со исплатени средства по сите мерки, и од растително и од сточарско производство. Секако, остануваат оние кај кои има одредени проблеми. Најлесно е да издадете решение за да одбиете некого поради евентуална техничка работа. Се трудиме многу како Агенција и тоа ни одзема највеќе енергија, да исправиме нечија грешка при аплицирањето. Всушност, тоа е многу тешко, некогаш и неизводливо. Онаму каде што аплицирањето е електронско, системот се затвора и не знам кој е тој јунак што потоа може да влезе во софтверот за да прави некакви измени.

Секој апликант при електронското поднесување барање добива и печатен примерок. Наместо да го фрли некаде во ќош, нека го прочита за да види дали во апликацијата тој или лицето кое му помагало напаравиле некаква грешка. Ако да, во наредните 30 дена од денот на аплицирањето може да ја поправат без никакви штетни последици.

Ова се однесува и на секоја евентуална промена – на фармата, стопанството, бројот на добиток, хектари површина, вид култура. Би апелирал, да не се остава да поминува време, туку што поскоро да се ажурираат сите промени.

Сè уште „виси“ и многу често во јавноста се употребува констатацијата дека субвенциите имаат повеќе социјален, отколку развоен карактер. Ќе успееме ли да ја смениме ваквата перцепција ако навистина не е така? 

Полека, за жал, многу полека се менува мислењето дека субвенциите се социјална мерка што, сепак, од друга страна е добро, иако оди бавно. Евидентно е дека се подигнати нови насади, набавени се нови грла добиток, дел од фармите се осовременети… Со новата мерка, 13.000 мали, семејни регистрирани стопанства кои аплицираат за субвенции остануваат во онаа, условно речено, социјална категорија. Сите други, а имаме 70.000 апликанти, веќе разбираат дека средствата од субвенциите се за осовременување и развој на нивното стопанство. Треба да сфатат, а гледам дел тоа веќе и го прават, дека субвенциите се за реинвестиција.

Мора да се знае дека субвенциите не се тресат од ракав, туку се даваат според строго контролирани правила и услови.

Дали сметате дека субвенциите треба да продолжат со овој обем или земјоделците конечно треба да застанат на свои нозе?

Процесот, како што реков, се движи. Почнуваме полека поддршката од државните пари да ја префрлуваме на ИПАРД. Подигнувањето нови насади, на пример, до скоро се поддржување од националната програма, а сега е во ИПАРД. Тоа значи земјоделците ги третираат и реализираат како сопствени инвестиции, а не како „чекање пари од државата“. Со ова се менува перцепцијата кај корисниците. Друго е кога вложуваат свои пари.

Дали државата размислува да воведе некакви проверки, контроли, за тоа каде завршуваат парите?

Како Агенција, сè проверуваме, независно за што се склучени договорите или за која мерка. Ако утврдиме дека средствата се отуѓени (не се искористени за намената за која биле побарани), секогаш бараме нивен поврат. Проверката, според Законот за Платежната агенција, треба да се врши од самото нејзино формирање. Откако сум јас прв човек, тоа навистина и се спроведува. Не можам да речам дека претходно не се спроведувало и во кој обем. Засега нема големи отстапки или какви било злоупотреби на средствата.

Отстапки има кај оние култури кои повлекуваат високи субвенции, како што е анасонот. Тука забележавме одредени „малверзации“, но не којзнае колку големи. На пример, неприменети никакви агротехнички мерки, насад подигнат, но со спорадични коренчиња од некакви растенија, меѓу кои и анасон. Во 2019 година кај овие т.н. високоризични култури и корисници на субвенции, покрај редовната, направивме уште една, дополнителна, стопроцентна проверка на насадите. Контролите покажаа дека е многу мал бројот на злоупотреби и за сите нив веќе се изготвуваат решенија за поврат на средствата.

Тука нема да има милост. Точно, ние не сме истражен орган, но она што е во наша надлежност, целосно го спроведуваме. Секој што направил какви било отстапувања надвор од законски дозволените, мора да направи целосен поврат на средствата. Во спротивно, најпрво почнува да тече затезна камата, а потоа следува постапка со извршител.

ИПАРД. Нашата неизбежна „лекција“. Ја научивме ли, ги совладавме ли конечно принципите, ја менуваме ли матрицата, сфативме ли дека ЕУ ни помага за барем малку да се доближиме до европските, светските стандарди? 

Уште еднаш би споменал дека направивме измени во аплицирањето. Усогласивме крупни промени во Програмата. Имаше и период на приспособување зашто знаеме каде живееме и кои се нашите навики: „А бе може, како било. Ако помине, помине“.

Повеќе не можеме да чекаме еден апликант да ја дополнува апликацијата 45 работни дена, како што беше претходно дефинирано, цели два месеца еден предмет „да седи“, „да чека“. Увидовме дека тоа многу го одолжува и го усложнува процесот, дека кај сериозните апликанти предизвикува нервоза. Сега, повторно, таму каде што има потреба, барателот може да се доизјасни, да дообјасни нешто во апликацијата, но за осум дена. Во 2017/2018 година се случуваше, на пример, да затвораме некоја мерка по една година и 6 месеци од објавување на повикот. Луѓето заборавиле кога и за што аплицирале, не по вина на Агенцијата. Такви биле правилата. Дури имаше случаи кога добивавме и празни барања, само со печат и потпис. Значи, направивме законски измени, дадовме можност од осум дена за дополнување на апликациите (со плус документи од потребните основни). Тоа значително ја забрза постапката.

Во последниот повик, пак, што го завршивме на 3 декември 2019, услов беше апликантот на почеток да ги има сите документи. Во спротивно, предметот не оди во обработка. Тоа покажа дека сериозните инвеститори, од најмалиот земјоделец до поголемите комбинати или фирми, за помалку од шест месеци доаѓаат до договор со Платежната агенција. Всушност, со ова се исфилтрираа оние што вистински сакаат да дојдат до европските пари и да вложат.

Како стоиме тука со контролите со оглед дека, сепак, се работи за „туѓи“ пари?

Контролите се максимални и вкупно се три. Пред потпишување на договорот со соодветниот апликант, има една контрола за моменталната состојба, пријавена во барањето за ИПАРД-средства. Дали се совпаѓаат наведените податоци со оние на терен, дали е точно тоа што барателот го напишал. Има контрола и пред исплатата, по поднесување на барањето за исплата на завршената инвестиција. Таа треба да утврди дали во барањето за исплата, согласно потпишаниот договор, сè е направено и е во функција. Следната контрола или всушност контроли се во наредните пет години од завршувањето и исплатата на проектот.

Нема играње со овие пари. Редовно ги следиме апликантите и за тоа плаќаме соодветна институција. Дополнително би напоменал дека Агенцијата е партнер на инвеститорите зашто од секоја транша што оди кон нив, 75 отсто се европски пари, а 25 проценти се од државата, од националниот буџет.

Колку инвестиции од ИПАРД се реализирани и колку апликанти ги добиле назад парите за инвестицијата?

Вкупно 824 договори се реализирани во целост, а тоа значи: завршена инвестиција и вратени пари од ИПАРД на апликантот кој вложил. Се работи за вкупно 12,51 милиони евра.

Инвестиции има во сите сегменти, и во примарното производство и во секторот преработка.

Првите предмети од ИПАРД 2 програмата почнаа да се обработуваат во септември 2017, а до денес имаме скоро 1.500 склучени договори од кои преку 800 се веќе реализирани со поврат на средствата.

До 2024 година треба да го завршиме процесот.

На сите ИПАРД 2 повици досега се одобрени 1.470 договори, со вкупно побарувани 32,4 милиони евра, што значи дека само за две години се ставени на располагање 40,5 отсто од расположливиот буџет на ИПАРД 2. Порано беше 17 проценти за цел ИПАРД 1.

За последниот повик што заврши на 3 декември 2019, проектиран на 16,6 милиони евра, првичното побарување беше 46,5 милиони евра што покажува дека направивме навистина успешна ИПАРД-приказна што во практика ги дава своите резултати.

Директоре, ќе го достигнеме ли некогаш словенечкото, швајцарското, австриското, шведското ниво – да не се срамиме од живеење во село и тоа да биде предизвик, а не фрустрација?

Го увидовме проблемот. Обезбедивме дополнителни 38 милиони евра за околу 200 проекти наменети токму за општините со исклучок на Центар и Град Скопје. Поддршката е пред сè наменета за инфраструктура во руралните средини. Дали се патишта, улици, канализации, излетнички места со потенцијал, бањи, пазари…, треба да се подобрат условите за нормално живеење. Проектите веќе се реализираат.

„Е ова го личи, да не одам со чизми по кал, туку по асфалт докај соседот на ракивче“, беше реакцијата на еден повозрасен жител од штипското село Караорман што го посетивме неодамна.

Која би била пораката што би сакале да ја испратите до земјоделците?

Едукација и сериозност, посебно кога станува збор за инвестициите. Тука сме како Агенција да им дадеме целосна, максимална поддршка.

Мирјана Чакарова

фото Фросина Насковиќ

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close