0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.Портал0_МИА Истражува.ПорталMakedonija.SlajderВидео изјаваОпштествоТема

Јавните чешми и бунарите во руралните средини најподложни на бактерии, водата од нив се злоупотребува и за наводнување

На територија на Општина Чучер-Сандево има околу 30 јавни чешми и извори за вода кои што се наоѓаат во селата Бразда, Глуво, Чучер, Сандево, Бањани, Горњани, Мирковци, Кучевиште и Побожје и кои што не се поврзани на водоводната мрежа со која што стопанисува претпријатието од општината.

Скопје, 17 јули 2021 (МИА) – На територија на Општина Чучер-Сандево има околу 30 јавни чешми и извори за вода кои што се наоѓаат во селата Бразда, Глуво, Чучер, Сандево, Бањани, Горњани, Мирковци, Кучевиште и Побожје и кои што не се поврзани на водоводната мрежа со која што стопанисува претпријатието од општината.

Од овие чешми и извори, водата доаѓа од различни места кои најчесто се наоѓаат во самите села, во близина на реките, како и во планинските делови во околина на црквите и манастирите, со што нема можност за нивно редовно чистење и одржување, и многу често сите немаат вода во текот на целата година, односно, имаат вода само до почеток на летниот период, кога изворите имаат поголем капацитет на вода.

Од Јавното комунално претпријатие „Скопска Црна Гора“, велат дека два пати годишно ја проверуваат исправноста на водата од јавните чешми, а од резултатите може да се види дека исправноста на водата може да биде различна во пролет и во есен, за еден ист извор, во зависност од температурата на водата, од временските услови, од тоа дали има снег, врнежи од дожд, или, намален доток на вода.

Оттаму велат дека согласно Програмата за спроведување на општи мерки за чување и унапредување на здравјето на населението и заштита од заразни болести, по утврдена неисправност на водата од некој од изворите, поставуваат известувања со кои укажуваат дека водата не е за пиење, меѓутоа, како што велат, жителите многу тешко ги почитуваат препораките добиени од страна на Ј.З.У. Центар за јавно здравје – Скопје, и најчесто сите известувања од страна на Општината и претпријатието, во краток рок се отстранети од местата за кои што се добиени резултати дека водата не е за пиење.

Анализата на податоците на Центарот за јавно здравје – Скопје, покажува дека во последните три години во Чучер-Сандево се земени вкупно 215 примероци вода за пиење. Притоа, неисправноста на водата доминира во примероците од водоснабдителните објекти како јавни чешми, индивидуални бунари и извори, а најисправни се примероците од населените места кои се приклучени на ЈКП „Скопска Црна Гора“.

– Од земените 209 примероци вода за пиење за физичко-хемиска анализа 4 (1.91%) се неисправни, додека од земените 214 примероци за бактериолошка анализа 91 (42.52%), како резултат на загадување на водата за пиење со бактерии од фекално потекло (Escherichia coli (50,62%) и колиформни бактерии од фекално потекло (61,73%)) не одговараат на нормативите, законските и стручни прописи за безбедност и квалитет на водата за пиење, покажува анализата.

Од Центарот дополнуваат дека во сегментот на водоснабдувањето со здравствено исправна вода за пиење, со исклучок на ЈКП „Скопска Црна Гора“ – Мирковци, во континуитет се провлекуваат пропустите од типот на недефинирани заштитни зони околу извориштата на вода за пиење, непостоење на соодветна опрема за пречистување и дезинфекција на водата и несоодветно стручно одржување. Затоа, според нив, постои висок процент на бактериолошки неисправни примероци (42.52%), пред сè заради отсуство на дезинфекција на водата за пиење.

Јавните чешми и извори од Чучер-Сандево се дел од руралните населби каде што 78 отсто од населението има исправна вода за пиење, а остатокот е изложен на повремен ризик од бактериолошко загадување на водата за пиење, факт кој го покажа Извештајот за индикатори за животна средина на Министерството за животна средина и просторно планирање, за 2020 година, во делот вода, во кој се содржани податоци за период од 2001 до 2019 година.

Ова го посочува и истражувањето на Институтот за комуникациски студии, во рамките на проектот „Разбистри сè“, во кој се вели дека во некои општини, поради недостиг на вода за пиење, постојат заостанати или новоиздупчени бунари што се користат за пиење, посебно во зоните на неурбанизирани и стари населби. Овие води, велат, не се контролирани и нема податоци за безбедноста и критериумите за квалитет. Ваквиот податок, според нив, укажува дека 11,1 процент од вкупниот број на индивидуални домаќинства немаат пристап до вода за пиење.

Состојбата со водата за пиење се подобрува, останува проблемот за индивидуалните водоснабдителни објекти

Евгенија Крстевска од „Water4changes“ исто така, посочува дека поголемиот дел од селата во државата не се приклучени кон јавен водоснабдителен систем. Тоа, според неа, значи дека водата која што се користи за водоснабдување на населението доаѓа од селски чешми и бунари кои што се ископани по иницијатива на граѓаните и за биолошко-хемиската состојба на истите се грижат тие самите.

– Овие  бунари не се предмет на редовна контрола на квалитетот на водата, со што се зголемува ризикот од неисправност особено во летните денови. Во руралните заедници, граѓаните самите управуваат и со водоснабдителните системи кои што се изградени со самопридонес. Во овие системи се користи бунарска вода која што треба редовно да биде стручно одржувана согласно моменталните законски обврски за да се исполнат условите за бактериолошки исправна и квалитетна вода за човекова конзумација. Во некои региони, поради составот на земјиштето, долготрајните сушни периоди, напасување на стоката во близина на изворите и други причини може да доведе до недостаток на квалитетна вода за пиење, особено во летните периоди, вели Крстевска.

Дополнува дека доколку водата во бунарите и чешмите не се прочистува правилно, истите не се одржуваат и не се предмет на контрола тогаш таа вода не е безбедна за човекова конзумација и може да доведе до појава на последици по здравјето на граѓаните.

Во врска со безбедноста на водата од бунарите, пак, од ЈКП „Скопска Црна Гора“, сметаат дека тоа не е во нивна надлежност од причина што истите се наоѓаат во приватен имот на сопствениците и одржувањето и чистењето не е обврска на претпријатието.

– Исправноста зависи дали се работи за површински води, односно бунари со помала длабочина, кои што најчесто во летниот период немаат вода, или води со поголема длабочина, со што се сметаат за стабилни води и имаат вода преку целата година и дали во близина на бунарите има септички јами со што би се загадила водата од самиот бунар, велат оттаму.

Дополнуваат дека проверката на исправноста на водата ја прават сопствениците, во зависност од тоа дали водата се користи за пиење или само за наводнување на земјоделски култури и посочуваат дека доколку водата се користи за пиење потребно е редовно да се врши хиперхлорација на бунарите и вадење на целата вода со што би се извршила дезинфекција на самиот бунар.

Проф. Д-р Михаил Кочубовски – специјалист за хигиена од Институтот за јавно здравје каде се вршат периодични анализи на безбедност на водата за пиење вели дека има разлика во наодите од бактериолошките анализи кај нас, во зависност од тоа дали водата е од градските водоводи или од селски водоводи или од индивидуални водоснабдителни објекти.

– Според наодите што ги добиваме од нашите Центри за јавно здравје, состојбата со водата за пиење се подобрува, зборувам за селските водоводи. Останува проблемот за индивидуални водоснабдителни објекти, или, приватни, тоа е мала бројка на население каде што вообичаено луѓето се снабдуваат од некое изворче, или чешма некоја, или бунар сопствен, дали копан или бушен. Тука, за среќа имаме програма за јавно здравје, која, меѓу другите работи, вршиме испитување на одреден број, еднаш, два пати годишно, од тие села и за индивидуални водоснабдителни системи, не само за селските водоводи. Тука има голем процент на неисправни води, секако, и бактериолошки, бидејќи таа вода, ниту е хлорирана, ниту се одржуваат тие системи, тоа зависи само од граѓаните и нивната свест и знаење, дали прашуваат и се консултираат, вели Кочубовски.

Кочубовски споделува дека во тие наодите што ги наоѓа Институтот и Центрите за јавно здравје, чести се колифорни бактерии, кои претставуваат бактерии од цревниот  тракт. За нив вели дека виреат нормално, секој човек ги има и ги испуштаме со фецес.

– Дел од тие колиферни бактерии се патогени, дел се условно патогени и има и бактерии кои ги викаме обични бактерии и ги бележиме како вкупен број на бактерии, тие се непатогени, дозволено е да бидат присутни до одреден број во водата за пиење. Патогените бактерии не се дозволени воопшто да ги има во водата за пиење, затоа што патогени значи дека можат да предизвикаат некоја заразна болест на тој што ја пие таа вода и заради тоа се викаат патогени бактерии, некои се повеќе патогени, некои помалку, зависи од нивната бројка и дозата и дали заболувањето ќе се јави кај еден човек или кај повеќе луѓе, споделува Д-р Кочубовски кој вели дека некои луѓе кои имаат подобар имун систем може да имаат благи симптоми, и да не бидат свесни дека се заболени.

Од колифорните бактерии, вели дека најчеста е ешерихија коли и енторококите кои претставуваат топчести бактерии а може да се јави псеудомонас. Притоа вели дека истите вообичаено предизвикуваат симптоми како дијареа, повраќање, болки во стомакот, грчеви и температура.

Дополнува дека им даваат препораки на луѓето, кои вообичаено се да не ја пијат таа вода, но, доколку мора да ја пијат, или да постават некој систем за дезинфекција на водата, или УВ-ламба, како што вели, тоа е наједноставното решение ако имаат хидрофор, или, да користат пакувана вода за пиење, или да ја превриваат, само ако е бактериолошки неисправна, ако е физичко-хемиски неисправна, тогаш вели дека не препорачуваат да се пие.

Злоупотребата на индивидуалните водоснабдителни системи води до дисбаланс на водните ресурси

Согласно член 17 од Законот за води сопственикот или носителот на друго стварно право на земјиштето на кое се наоѓа вода, може да црпи и да користи подземни води од подземните водни тела за лични потреби и за потребите на домаќинството, без обврска да поседува дозвола за користење на водата, доколку исцрпеното количество подземна вода не надминува 10 м³ вода.

Изведените бунари кои ја користат водата за лични потреби и потреби на домаќинството се третираат како општо користење на водите согласно член 16 од Законот, каде не е потребно издавање на каков било правен акт.

Во Република Северна Македонија не постои регистар на овие бунари, а контролата на истите, имајќи го предвид дефицитот на водостопански инспектори, е мала и функционира само по претходна пријава.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека се на став да предложат, преку носење на Плановите за управување со речни сливови кои се носат на секои 6 години, да се опфатат и постоечките објекти кои водата ја користат за домаќинства и за лична потреба. На тој начин, како што велат, ќе се евидентираат и тој тип на бунари.

Дополнуваат дека во период од 2011 до денес имаат регистрирано околу 400 бунари за кои имаат остварено водно право и се однесува за целата територија на државата а припаѓаат на четири речни слива, Вардарски, Црнодримски, Струмички и Јужно Моравски слив.

Крстевска смета дека е многу важно првично да се направи целосна истраженост на површинските и подземните води во државата, затоа што, како што вели, моментално, единствениот податок со кој располагаме датира од 1977 година, односно, хидрогеолошката карта на Македонија е изработена во тоа време и не е обновена.

– Потребно е ревидирање на регистарот на извори кои што се користат за човекова консумација. Но, доста важно е и воспоставување на заштитните зони на овие извори, затоа што тие претставуваат предмет на заштита од надворешни влијанија и на тој начин ќе се зачува хидрогеолошкиот состав на самите извори и ќе се обезбеди квалитетна вода за пиење, вели таа.

Напоменува дека мора да се почитуваат законските бунари и притоа, вели дека е доста  важно секогаш кога се бушат бунари, истите да се користат за домашна употреба, а секогаш кога оваа вода се користи за наводнување на земјоделски производи тогаш мора и да се прибави дозвола за користење на вода и сето ова не смее да се прави на начин со кој што би се повредил хидрогеолошкиот режим и не треба да се прави нестручно, затоа што може да доведе до губиток на доста значајни ресурси за водоснабдување.

Крстевска заклучува дека е многу важно, граѓаните сами да се свесни дека треба да се штеди водата, односно, ископаните бунари да не се користат за полевање на дворовите.

– Често сме сведоци дека луѓето кои што имаат ископано бунари кои наводно се користат за домашни употреби, таа вода се злоупотребува, па апелирам во овие летни денови разумно да се користи водата за да има доволно вода за сите, вели таа.

Водата од триесетте јавни чешми од Чучер-Сандево и од неизброените бунари од истата општина, како и од сите други рурални места, е постојано на дофат на жедните жители и случајни минувачи. Безбедноста и рационалното управување со истата е од огромна важност по здравјето на луѓето и балансот на природата.

Ангела Рајчевска

_________________________________________________________________________________________

„Со оваа сторија, МИА се приклучува кон кампањата „Разбистри се“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.“

Таг
Back to top button
Close
Close