0_Македонија.ПорталПолитика

Јавна расправа: Професионализација на високата раководна служба и транспарентно именување

Професионализација на високата раководна служба, транспарентност во нејзиното именување, поставување јасни стандарди и критериуми, како и целосна транспарентност при изборот и разрешувањето на раководителите на инситуциите во земјава, се дел од забелешките на Јавната расправа по Предлог законот за висока раководна служба во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Скопје, 28 јануари 2020 (МИА) – Професионализација на високата раководна служба, транспарентност во нејзиното именување, поставување јасни стандарди и критериуми, како и целосна транспарентност при изборот и разрешувањето на раководителите на инситуциите во земјава, се дел од забелешките на Јавната расправа по Предлог законот за висока раководна служба во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, образложувајќи го предлог законот, рече дека целта е да се воведат нови стандарди во функционирањето на целиот политички систем и оти се работи за законско решение за да се реши еден проблем во назначувањето високи раководни кадри што се провлекува долго време и се нотира во извештаите на Европската комисија.
Истакна дека ние сме една од ретките земји каде високата раководна служба не се става во посебна категорија, туку е под политичко влијание во нејзиниот избор, при што процесот не е транспарентен. Рече дека при изработка на предлог законот се користени меѓународни искуства што ќе соодвевствуваат со наши услови.
Целта, рече Манчевски, е граѓаните да ја вратат довербата во институциите, да нема политички влијанија при евалуацијата и изборот на кандидатот, тоа да биде личност со висок личен интегритет во извршување на службата, да имаат искуство во менаџирање со луѓе и ако не покажат резултати да бидат сменети според утврдени критериуми, а не со дискреционо право на политичар или министер.
Хавиер Систернас, правен советник во Мисијата на СИГМА, со чија соработка е изработен предлог законот, истакна дека земјава има добар систем на јавна администрација, меѓутоа назначувањето на висока раководна служба не е во согласност со препораките на Европската комисија и дури може и да биде пречка при пристапувањето на земјава во ЕУ.
Посочи дека оваа состојба на назначување на високата раководна служба е присутна во целиот регион.
– Проблемот во цел регион е што се користи традиционалниот начин на назначување а тоа е релевантната политичка власт, односно тело кое има дискреционо право да назначува кој сака, без натпревар за професионални позиции за кои не треба да има силни политички влијанија, рече Систернас и додаде дека овие традиционални решенија создаваат ризик од недостиг на капацитети, слаба меѓуресорска соработка и фаворизирање непотизам.
Истакна дека во повеќе развиени земји, според извештајот на ОЕЦД, имаат разделени системи на висока раководна служба. Според него, предностите на системот на висока раководна служба за граѓаните значи зголемена ефикасност на јавните служби и политики, поефикасно управување со јавните средства, намалување на непотизмот и зголемување на довербата во власта.
Систернас нагласи и дека на овој систем за висока раководна служба не треба да се гледа како проект на само една политичка партија, бидејќи промовира систем високо независен од било која партија која и да е на власт и ќе има придобивки на среден и долг рок.
Фрек Јанмат, раководител на Одделот за реформи во јавната администрација при Делегацијата на Европската комисија во Скопје, рече дека реформата на јавната администрација е клучна област во пристапниот процес во ЕУ. Потребно е, рече Јанмат, јавната администрација да биде компетентна, без политички влијанија, за да ги исполни барањата кои се потребни за членство во ЕУ.
Јанмат рече дека ЕК веќе една деценија го подвлекува барањето за деполитизација на јавната администрација, да се почитува принцпиот на правична застапеност, повеќе напори да се вложат за отчетност во јавната служба.
– Има нејасна ситуација во однос на вработувањето на високата раководна служба – нема транспарентност, нема отворени конкурси, сето ова е вклучено во предлог-законот и е важен чекор во деполитизацијата на јавната администртација базиран на транспарентност, рече Јанмат.
Професорот на Правниот факултет Борче Давитковски рече дека реформските закони не се носат на крајот, туку на почетокот на мандатот.
Професорката Ана Павловска Данева истакна дека е неопходна унификација при изборот на државни службеници, но подвлече оти е против создавање нови органи, како што ги нарече „парадржавни органи“ и оти е потребно одредени органи да се укинат.
Пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека неговата партија веќе го кажала својот став на првото читање на законот и вели дека идејата како идеја ја поздравуваат и не е спорна, но за нив е спорен предложениот начин на решавање на проблемот.
– Законот е многу комплициран, законот меша надлежности на извршна и законодавна власт, ја префрла топката од извршната во законодавната власт, и законот на крајот на краиштата не ја дефинира одговорноста. Ако некоја политичка партија се бори на избори со некоја програма и доаѓа во позиција да ја раководи државата, треба да има механизми да го исполни тоа што го ветила. За да има механизми треба да има начини да влијае многу брзо и ефикасно на првите луѓе нво државата за да испорачаат резултати. Која е логиката да поставен директор од Влада да не можеш да го смениш кога владата смета дека нема резултати, туку дека тоа треба да оди по некоја постапка, рече Илиоски.
Рече дека најавиле амандмани кон овој предлог закон уште на првото читање, но оти не може да каже дали овој закон ќе се донесе пред распуштање на Собранието на 12 февруари.
Со овој предлог закон, се воспоставува комисија за висока раководна служба составена од одреден број членови, со признаени професионални заслуги, кредибилитет и личен интегритет. Високите раководители ќе се вработуваат преку систем на заслуги и процедури на јавен оглас, во отворен натпревар достапен за сите граѓани на РСМ со високо образование.
Иницијативата за пополнување за пополнување на позиција ВРС ќе ја има министерот, односно органот на власта кој е надлежен за управувањето и мониторирањето со услугата или телото во кое е предвидено раководното место.
Сееврна Македонија е прва земја од регионот која преку нов закон се обврзува да утврди јасни критериуми за избор на професионални раководни кадри.
Високата раководна служба ги опфаќа високите раководни позиции, директори и секретари, со јасни раководни одговорности, а нема да се однесува на највисоките политички функции – министри, заменици министри. нд/са/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close