Дописници МКДОпштински вести

Археологот Ѓорѓиевски од кумановскиот музеј: Да се искористи дигитализацијата за промоција на збирките

Музеите треба да го искористат напредокот на технологијата, дигитализацијата, да обезбедат виртуелни посети и да го презентираат богатството пред публиката, порачаа денеска надлежните од кумановскиот музеј по повод 18-ти мај, Меѓународен ден на музеите.

Куманово, 18 мај 2020 (МИА)Музеите треба да го искористат напредокот на технологијата, дигитализацијата, да обезбедат виртуелни посети и да го презентираат богатството пред публиката, порачаа денеска надлежните од кумановскиот музеј по повод 18-ти мај, Меѓународен ден на музеите.
Археологот, Дејан Ѓорѓиевски истакна дека сега, во ваква состојба поради пандемијата, добро е музеите да  размислат и да ги искористат предностите на дигитализацијата, да  обезбедат онлајн реализација, можност да се видат збирките, да се искористат апликациите за презентирање на збирките, да се организираат интерактивни видеоигри за децата да се запознаат со историјата на нивниот крај и со збирките.
-Кај нас, за жал сме во почетна фаза, единствено интеракцијата се одвива преку социјалните мрежи, бидејќи дигитализацијата е процес што бавно оди, иако има формирано и Центар за дигитализација во Скопје. Верувам дека ова ќе биде поттик да се искористи дигитализацијата и кога ќе излеземе од оваа криза, тука да се концентрираме, за да ги следиме светските трендови, изјави Ѓорѓиевски.
Од кумановскиот музеј очекуваат дека и македонските музеи по завршување на кризата постепено со одредени рестриктивни мерки ќе се отворат за посетителите.
-Музеите на отворено како што е локалитетот Кокино се погодни за посета во вакви услови. Добиваме информации дека таму, секојдневно има многу посетители. Слично е и во Меморијалниот центар АСНОМ- додава Ѓорѓиевски.
По завршувањето на состојбата, надлежните очекуваат постепено реализирање на програмата и враќање на состојбите во редовен тек. Кумановскиот музеј со годишната програма доби двојно повеќе средства во однос на претходната година, но не се знае каква ќе биде реализацијата. Ѓорѓиевски рече дека се предвидени средства за истражување на локалитетите Градиште во Младо Нагоричане и Градиште во Бислимската клисура.
Годинава, мотото под кое се одбележува Меѓународниот ден е „Музеи за еднаквост: разновидност и инклузија“, со основна намера да го согледа потенцијалот на музеите како општествени точки на зближување и креативна едукација за различностите преку изложби, конференции, образовни програми и креирани иницијативи.
Иако, додаваат од кумановскиот музеј, темата содржи многу аспекти за толкување, поверојатно е дека основната инклузија наредниов период ќе биде токму  враќање на посетителите во музеите.

-Во меѓувреме, до целосното отворање за физичкото присуство, ги повикуваме музеите кај нас уште поактивно да се вклучат во одбележувањето не само на овој ден, туку во цела 2020 година според дадената тема, преку on line реализација на своите активности на социјалните мрежи на своите институции и на МНК ИКОМ, додаваат од музејот.ам/бт/

Таг
Back to top button
Close
Close