Svet.SlajderБалканБалкан.ПорталДописници Свет

Апостолова очекува новата косовска Влада да се формира што поскоро 

Шефицата на Канцеларијата на Европската унија во Приштина, Наталија Апостолова, по денешната посета на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), изјави дека Брисел е заинтересиран новата косовска Влада да биде формирана што поскоро, јави дописникот на МИА од Приштина.

Приштина, 22 јануари 2020 (МИА) – Шефицата на Канцеларијата на Европската унија во Приштина, Наталија Апостолова, по денешната посета на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), изјави дека Брисел е заинтересиран новата косовска Влада да биде формирана што поскоро, јави дописникот на МИА од Приштина.

Апостолова изјави дека посетата на ЛДК, како партија која на октомвриските парламентарни избори беше второрангирана, зад Движењето Самоопределување (ВВ), е во рамките на вообичаените посети што ги прави на политичките субјекти во земјата.

– Ова е една нормална посета каква што правиме и кај другите партии и немам некоја посебна вест за вас. Ние сигурно дека сакаме да ја видиме новата влада и сакаме да ја видиме што поскоро, им изјави Апостолова на новинарите.

Претходно, во понеделникот, 20 јануари, седиштето на ЛДК го посети амбасадорот на Соединетите Американски Држави Филип Коснет, а вчера и на Велика Британија, Николас Абот.

Лидерот на ЛДК, Иса Мустафа, по вчерашната средба со Абот, потврди дека западните дипломати во Косово инсистираат на што поскорешно формирање на новата влада, односно на постигнување на договор меѓу ЛДК и ВВ на Албин Курти.

Досега опозициските ВВ и ЛДК победија на вонредните парламентарни избори одржани на 6 октомври во Косово, со тоа што партијата на Курти освои 26,27, додека онаа на Мустафа 24,55 отсто од гласовите.

Преговорите за формирање заедничка влада двете партии ги започнаа веднаш по објавувањето на првите резултати од гласањето, меѓутоа и натаму не можат да постигнат согласност за поделба на функциите.

ВВ во понеделникот го номинира својот лидер за мандатар за формирање на новата влада и од тогаш почна да тече рокот од 15 дена во кои Курти треба да му го достави на Соранието предлогот за составот на неговиот иден кабинет. иа/сд/

Back to top button
Close
Close