0_Македонија.ПорталОпштество

Анкета на „Детектор“: Државата нема соодветна поддршка ниту за спортот ниту за културата

Државата нема соодветна поддршка ниту за спортот ниту за културата, сметаат граѓаните во последното истражување на јавното мислење, кое за „Детектор“ телефонски го спроведе Институтот за политички истражувања- Скопје.

Скопје, 1 март 2020 (МИА) – Државата нема соодветна поддршка ниту за спортот ниту за културата, сметаат граѓаните во последното истражување на јавното мислење, кое за „Детектор“ телефонски го спроведе Институтот за политички истражувања- Скопје.

Според него, 59,3 отсто од граѓаните мислат дека државата несоодветно го поддржува развојот на спортот, додека 22,4 проценти сметаат дека поддршката е соодветна. Од анкетираните, 70,9 отсто се на став дека државата треба да му стави на спортот повеќе средства на располагање, 13,1 процент сметаат дека сумата која сега се одвојува е доволна, додека 5,5 проценти мислат дека за спортот државата треба да одвојува помалку пари.

Речиси половина од анкетираните или 48 отсто се со став дека Агенцијата за млади и спорт работи несоодветно во насока на поддршка на спортските активности и младите, а 29,6 проценти мислат дека АМС соодветно ја врши својата функција. Речиси три четвртини од граѓаните или 72,8 проценти сметаат дека бројот на часови по физичка култура во училиштата треба да се зголеми додека 13,1 процент мислат дека не треба.

Слични се резултатите за перцепцијата на граѓаните и во однос на поддршката што државата ја дава за културата. Од анкетираните, 51,6 отсто се на став дека државата нема соодветен пристап за развој и поддршка на културата додека 26,2 проценти сметаат дека пристапот е соодветен.

Анкетата покажува дека 63,4 отсто сметаат дека државата треба да обезбеди повеќе средства за поддршка на културата, 14,3 проценти мислат дека средствата кои сега се одвојуваат се доволни, додека 6,1 процент сметаа дека треба да се одвојуваат помалку средства. Половина од анкетираните, односно 51,4 отсто се на став дека не е соодветен изборот на културни манифестации кои добиваат поддршка од државата, додека 23,6 проценти сметаат дека државата прави правилен избор. Истражувањето на јавното мислење покажа дека 56,2 отсто се со став дека светски признатите уметници не добиваат соодветна поддршка од државата, додека 20,3 проценти сметаат дека поддршката е соодветна. За да се добие поддршка поважна е политичката припадност на авторите сметаат 52,5 проценти од анкетираните додека 25,6 отсто сметаат дека поддршката од државата за проектите од културата се базира исклучиво врз квалитетот на авторите.

Истражувањето на јавното мислење по нарачка на „Детектор“ го спроведе Институтот за политички истражувања – Скопје преку телефонска анкета во периодот од 10 до 13 февруари оваа година врз репрезентативен примерок од 1104 испитаници со маргина на грешка од плус-минус 3 проценти. ир/скс/

Таг
Back to top button
Close
Close