Избрано

Аналитичари: Случајот Кашоги може да му помогне на Катар

Глобалните дипломатски движења по убиството на новинарот Џамал Кашоги во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул можат да му помогнат на Катар во неговиот политички судир со Ријад.

26 октомври 2018

Ал Џезира

Глобалните дипломатски движења по убиството на новинарот Џамал Кашоги во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул можат да му помогнат на Катар во неговиот политички судир со Ријад.
Реакциите би можеле да ја принудат Саудиска Арабија да ги укине сакциите на Доха, кои беа наметнати од почетокот на спорот меѓу соседите и поранешните сојузници од Заливот на почетокот на јуни 2017 година.

-Убиството на Кашоги – кој беше голем критичар на саудиската влада и нејзината блокада на Катар, може да ги убеди скептиците дека наводите на Доха за саудиската „агресија” се оправдани, велат аналитичарите.

-Нема да изненади ако Катар има индиректни придобивки од актуелните случувања. Саудијците мора да направат отстапки, вели д-р. Андреас Криг од Кралскиот колеџ во Лондон и поранешен советник на катарската армија.

Катарците не можат да одат на хаџ

Во изминатите 16 месеци регионалната сила Саудиска Арабија – единствената држава која ја дели копнената граница со Катар – ги предводеше арапските сојузници во изолација на малата земја богата со природен гас.

Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет ги замрзнаа сите дипломатски врски со Доха, обвинувајќи ја за тесни врски со регионалниот ривал Техеран и поддршка на „тероризмот”.

Катар ги негира сите обвинувања на квартетот.

Економската активност меѓу поранешните сојузници практично престана, а авионите на Катар добија забрана да го користат саудискиот воздушен простор, како и воздушниот простор на останатите земји учеснички во блокадата.

Саудиска Арабија, ОАЕ и Бахреин, исто така, им забранија на своите граѓани да патуваат во Катар, како дел од бојкотот.

Катар тврди дека државите учеснички во бојкотот ги поделиле семејствата во регионот и вели дека на неговите граѓани им е забрането да одат на хаџ, муслимански аџилак во Саудиска Арабија.

„Повик за будење” од Доха

-Мислам дека владата на САД, ако сака да стави крај на катарската криза, може да го искористи влијанието над Саудијците како дел од договорот во склоп на случувањата околу смртта на Хашоги, вели Кристијан Улрихсен, истражувач на Институтот Бејкер при Универзитетот Рајс.

Другите се повеќе скептични.

-Прерано е за какви било пресметки. Случајот Кашоги и наштети на саудиската репутација, особено поради т.н. приказна против тероризмот, вели Нуха Абоуелдахаб, член на Центарот Брукингс Доха, и истакна дека „во моментот конфликтот меѓу Катар и Саудиска Арабија е многу низок на листата на приоритети”.

Главните сојузници на Саудиска Арабија го поддржаа Ријад по исчезнувањето на Кашоги на 2 октомври, додека Катар во почетокот беше воздржан од коментари, што Абоуелдахаб го нарече „разумно”.

Доха ги објави првите коментари за случајот три недели подоцна, нарекувајќи го „повик да се разбуди”.

Катарскиот јавен настап следеше набрзо откако Саудиска Арабија призна дека новинарот почина во конзулатот по „физичка пресметка”, тврдење за кое Велика Британија, Франција и Германија велат дека мора да биде поткрепено со „веродостојни” факти.

Доха се загрижи дека ќе биде вклучена во кризата, особено бидејќи имаше шпекулации дека Катар имал влијание во настаните.

На Ријад му пречи мрежата Ал Џезира

Пред Ријад да признае дека Кашоги го убила саудиска рака, социјалните медиуми беа преплавени со тврдењата дека Катар го испланирал инцидент, особено поради тоа што тој се случи во Турција, голем  сојузник на Доха.

Исто така, имаше гнев меѓу Саудијците, бидејќи катарската медиумска мрежа Ал Џезира опширно известуваше за убиството, а некои тврдеа дека таа сака да му нанесе срам што е можно повеќе на Кралството.

Многу пред случајот Кашоги, Ријад бараше Ал Џезира да биде затворена, како еден од клучните услови за ставање крај на блокадата за Катар.

-Мислам дека светот сега го гледа она што луѓето од Блискиот Исток го видоа порано. Ова е многу поинаква Саудиска Арабија, со која живеат од доаѓањето на Мухамед бин Салман на местото престолонаследник, вели Улрихсен.

Младиот и амбициозен принц за наследник го постави неговиот татко крал Салман во јуни 2017 година и оттогаш ги отстрани сите свои ривали.

Сепак, со оглед на тоа што Ријад е на удар поради убиството на Кашоги, се шепоти за можно ново поврзување со Катар.

Во средата, принцот Мохамед бин Салман ја пофали економијата на Катар, што е редок помирувачки чекор на Иницијативата за идните инвестиции во Ријад.

Нема договор без Емирот

-Катар, и покрај сите наши разлики, има одлична економија и ќе направи многу во следните пет години, рече Мухамед бин Салман.

Последниот официјален контакт на Саудиска Арабија со катарскиот емир шеик Тамим бин Хамад ал Тани, за кој се знае, беше телефонскиот повик на принцот Мохамед бин Салман во септември 2017 година.

Криег верува дека отстапките би можеле да бидат договор за воздушниот простор, одење во хаџ или поврзување на семејствата, што е, како што вели, „решавање на кризата за народот”.

Но, можните отстапки нема да го најават крајот на катарската криза или враќање на дипломатските односи од пред јуни 2017 година, додаваат аналитичарите.

Тие сметаат дека во секој договор мора да учествува и ОАЕ, но нејзината нетрпеливост кон Катар изгледа особено голема. ир/гт/

Таг
Back to top button
Close
Close