Дописници МКДОпштински вести

Амбасадорот Марковски се сретна со градоначалникот на Корча

Во рамки на програмските активности на амбасадата на Северна Македонија во Тирана за поттикнување на регионалната и локалната соработка меѓу двете земји, македонскиот амбасадор Данчо Марковски денеска во просторите на Општина Корча оствари средба со градоначалникот Сотираќ Фило.

Корча, 27 јули 2021(МИА) – Во рамки на програмските активности на амбасадата на Северна Македонија во Тирана за поттикнување на регионалната и локалната соработка меѓу двете земји, македонскиот амбасадор Данчо Марковски денеска во просторите на Општина Корча оствари средба со градоначалникот Сотираќ Фило.

На средбата разменети се мислења околу можностите за унапредувањето на регионалната соработка со непосредно поврзување на регионот Корча со охридскиот и битолско – прилепскиот регион преку размена на конкретни иницијативи.

Марковски и Фило посебно се задржаа на   прашањата за меѓурегионалната соработка од областа на економијата, земјоделството, туризмот и културата.

Договорено е во блиска иднина да се организира бизнис настан во Корча, со цел меѓусебно поврзување на компаниите од двете земји, како и надградување на веќе постојната културна соработка, преку учество на македонски уметници на културните настани во Корча и Мала Преспа.

Во делот на туризмот беше истакната потребата за преземање иницијативи за информирање на туристичките агенции од двете страни кои би биле заинтересирани да понудат заеднички туристички аранжмани за Охрид, Преспа и Корча.

Нагласена беше потребата за ревитализација на бродските линии на Охридското и Преспанското Езеро, во насока на зголемениот интерес што на овој езерски басен му се придава во последниот период.

Амбасадорот Марковски на средбите беше придружуван од Васил Стерјовски, пратеник во албанскиот Парламент и претседател на Македонската алијанса за европска интеграција, партија на Македонците во Република Албанија. вт/мч/

Back to top button
Close
Close