БалканБалкан.ПорталДописници Свет

Албанскиот премиер Рама им порача на граѓаните воопшто да не се вознемируваат по изјавата на Хамнеи

Албанскиот премиер Еди Рама вели дека не е изненаден од изјавата на иранскиот врховен лидер, Али Хаменеи, кој Албанија ја прогласи за непријател и ја нарече „мала ѓаволска земја“, која засолнила нивни непријатели.

Тирана,9 јануари 2020 (МИА) – Албанскиот премиер Еди Рама вели дека не е изненаден од изјавата на иранскиот врховен лидер, Али Хаменеи, кој Албанија ја прогласи за непријател и ја нарече „мала ѓаволска земја“, која засолнила нивни непријатели.

Во интервју за Топ чанел Рама изјави дека Албанија во сојузот со САД не придонесува со ракети и бомби, туку преку хуманитарна операција за сместување на муџахедините.

– Јас воопшто не сум изненаден од изјавата. Албанија го направи она што значи почитување на својата традиција, почитувајќи го фактот дека ние сме стратешки сојузници на САД и не сме придонесувачи во овој голем сојуз со ракети или бомби, туку ние сме придонесувачи во обезбедување, преку хуманитарна операција, засолниште за група луѓе кои беа под закани со смрт од диктаторски режим, рече Рама.

Премиерот во изјавата ги смирува граѓаните, во врска со безбедноста на Албанија, истакнувајќи дека САД се многу посветени во овој поглед.

– Во однос на безбедноста, ние бевме и сме во тесна координација со САД. Секогаш постои вознемиреност кога станува збор за ситуации кога вознемирува една диктатура, особено диктатура како онаа на Иран. Има моменти не само кога треба да земеме, туку и да дадеме. Им порачувам на сите Албанци дека не треба да има ни најмала вознемиреност и САД се многу посветени на безбедноста на нашата земја , изјави Рама.

На Хамнеи му одговори и шефот на албанската држава Илир Мета, кој му порача дека „Албанија не е ѓаволска, туку демократска земја, во која човековите права се светост“.

Од 2016 година, кога во Албанија пристигна првата група, во т.н. „град на муџахедините“ сместени се над 3.000 припадници на иранската опозиција (МЕК). вт/

Таг
Back to top button
Close
Close