Средба на министерот Минчев со претставници на Локалниот младински совет на Општина Битола
- СООПШТЕНИЕ - Министерот Минчев ја поздрави иницијативата на младите од Битола и ја нагласи посветеноста на Министерството за јавна администрација кон создавање на можности за младите во јавниот сектор.

26 февруари 2025
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, заедно со заменик-министерот Лазе Јаќимоски и раководителите на секторите при министерството, оствари средба со претставници на Локалниот младински совет на Општина Битола.
На средбата присуствуваа претседателката на ЛМС, Викторија Брдаровска, заменик-претседателот Дончо Јанкула и членовите Ивана Митревска и Никола Ристевски, кои ја истакнаа важноста на вклучувањето на младите во процесите на креирање на политики и нивното активно учество во јавната администрација.
Министерот Минчев ја поздрави иницијативата на младите од Битола и ја нагласи посветеноста на Министерството за јавна администрација кон создавање на можности за младите во јавниот сектор.
Во текот на средбата беа презентирани актуелните реформи за модернизација на администрацијата, механизмите за вработување и практикантство за млади, како и можностите за нивно активно вклучување во процесите на реформа на јавната администрација и подобрување на јавните услуги.
„Младите се двигател на промените и нивната енергија, идеи и амбиции се клучни за развојот на модерна и ефикасна јавна администрација. Министерството за јавна администрација ќе продолжи да поддржува иницијативи кои овозможуваат младите да станат активни чинители во градењето на подобра државна управа,“ - истакна Минчев.
Претставниците на ЛМС изразија задоволство од можноста да се запознаат со работата на Министерството и истакнаа подготвеност за идна соработка во насока на зајакнување на улогата на младите во јавниот сектор.
Министерството за јавна администрација останува отворено за сите иницијативи кои придонесуваат кон зголемена транспарентност, инклузивност и подобрување на јавните услуги во корист на сите граѓани.
Министерство за јавна администрација
___________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.