• e enjte, 27 shkurt 2025

„Последната генерација“ стана „Нова генерација“ – екоактивистите најавуваат нови стратегии

„Последната генерација“ стана „Нова генерација“ – екоактивистите најавуваат нови стратегии

Берлин, 26 февруари 2025 (МИА) - Германската група на екоактивисти „Последната генерација“ го смени своето име во „Нова генерација“, објави портпаролот Рафаел Телен за списанието Шпигел.

Тој потврди дека ова не е поделба во движењето, туку ново име под кое организацијата ќе продолжи со своите активности.

Групата првпат најави промена на името уште во декември, но тогаш не откри ново име.

Телен најави и промена во стратегијата – акцентот ќе биде ставен на иницијативата „Парламент на народот“, во која локалните групи треба да создадат „демократска мрежа низ целата земја“. Ова ќе кулминира во септември, кога активистите ќе се соберат во Берлин за формирање на свој „народен парламент“ на национално ниво.

- Оваа кампања е отворена за секој што е подготвен за големи промени, изјави Телен, додавајќи дека целта е да се намали влијанието на бизнисот врз политиката и да се зајакне демократијата.

Групата „Последната генерација“ стана позната по акциите во кои активистите се лепеа за патиштата за да го блокираат сообраќајот во знак на протест против климатските политики на германската влада. Некои членови се соочија со парични казни, а некои дури и со затворски казни. На крајот на јануари, организацијата најави дека повеќе нема да блокира патишта. ссм/

фото: ЕПА архива

QËNDRONI TË LIDHUR