• e premte, 27 shtator 2024

ИЈЗ: Извештај на СЗО открива висока стапка на незаштитен секс меѓу млади низ Европа, вклучително и Северна Македонија

ИЈЗ: Извештај на СЗО открива висока стапка на незаштитен секс меѓу млади низ Европа, вклучително и Северна Македонија

Скопје, 26 септември 2024 (МИА) - Новиот извештај на Светската здравствена организација открива висока стапка на незаштитен секс помеѓу адолесцентите низ Европа, вклучувајќи ја и Северна Македонија, со значителни импликации за здравјето и безбедноста. Извештајот на СЗО за Европа открива дека употребата на кондоми кај сексуално активните адолесценти, значително се намалила oд 2014 година, а стапката на незаштитен секс е високо загрозувачка, информираат денеска од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), на Светскиот ден на контрацепцијата - 26 септември.

- Ова ги става младите во значителен ризик од сексуално преносливи инфекции и непланирана бременост. Новите податоци беа објавени како дел од студија за здравственото однесување кај децата на училишна возраст (HBSC) во која биле анкетирани над 242.000 адолесценти, на 15-годишна возраст во 42 земји и региони во периодот од 2014-2022 година, меѓу кои и адолесценти од Северна Македонија, појаснуваат од ИЈЗ.

Клучните наоди од извештајот покажуваат дека има намалување на употреба на кондоми - процентот на сексуално активни адолесценти, кои користеле кондом при последен однос паднал од 70 проценти на 61 отсто кај момчињата и од 63 проценти на 57 отсто кај девојчињата во период помеѓу 2014 и 2022 година.

- Висока стапка на незаштитен секс - речиси една третина - 30 отсто од адолесцентите кои се сексуално активни, изјавиле дека не користат ниту кондом, ниту контрацептивни таблети. Адолесцентите од Северна Македонија се наоѓаат на високото четврто место. Социо-економски разлики - адолесцентите од семејства со ниски примања имале поголема веројатност да изјават дека не користеле кондом или контрацептивни таблети на нивниот последен сексуален однос, отколку нивните врсници од добро ситуирани семејства - 33 проценти во споредба со 25 отсто, се додава во соопштението на ИЈЗ.

Кога станува збор за употреба на контрацептивни таблети, извештајот покажува дека употребата на контрацептивни таблети за време на последниот сексуален однос, останала релативно стабилна помеѓу 2014 и 2022 година, при што 26 проценти од 15-годишните адолесценти пријавиле дека тие или пак нивните партнери, користеле контрацептивни таблети при сексуален однос.

- Наодите ја нагласуваат важноста од обезбедување сеопфтно образование за сексуално здравје и ресурси за младите луѓе. За тинејџерите од особено значење е да имаат пристап до точни информации за сексуалното образование со цел донесување на правилни одлуки за своето здравје. Сеопфатно сексуално образование е клучно за затворање на празнините и зајакнување на младите луѓе да донесуваат правилни одлуки за сексот, особено во ранливиот период од нивниот живот, како што е преминувањето од адолесценти во зрели личности, истакнуваат од ИЈЗ.

Потребен е отворен дијалог - поттикнување на отворени и искрени разговори за сексуалното здравје во семејствата, училиштата и заедниците, со цел да се намали стигмата и да се зголеми свеста. Исто како и обука за едукатори, односно обезбедување на специјализирана обука за наставниците и давателите на здравствена заштита за да обезбедат ефективно и инклузивно сексуално образование. Таквите ресурси треба да бидат достапни и во училишни и вон училишни услови, се наведува во соопштението.

Од Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија додаваат дека склучиле меморандум за соработка со невладината организација „Хера“, со цел формирање на веб- страница - kontracepcija.mk.

- Целта на веб-страницата е младите да добијат стручни и точни одговори на нивните прашања, да се информираат за сексуалното и репродуктивното здравје од правилни извори, како и да се запознаат со методите на контрацепција како ефикасна заштита од непланирана бременост и како да се грижат за своето здравје, појаснуваат од ИЈЗ. бд/ац/

Фото: контрацепција.мк, Институт за јавно здравје

QËNDRONI TË LIDHUR