• e premte, 27 shtator 2024

Во Кавадарци отворена изложба на дела од уметници членови на Здружението ,,Роднокрајци"

Во Кавадарци отворена изложба на дела од уметници членови на Здружението ,,Роднокрајци

Кавадарци, 25 септември 2024 (МИА) - Дела од ликовни уметници, членови на Здружението ,,Роднокрајци", беше отворена синоќа во Музеј галеријата во Кавадарци. Изложени се дела од десетмина уметници, помеѓу кои е и еден фотограф. 

Елизабета Ристова, кустос во музејот, рече дека ова е одбележување на извонредниот талент на овие уметници и прославување на богатата културна традиција, што нивните дела ја носат.

- Оваа изложба ни овозможува уникатна можност да ја истражиме разновидноста на уметничките изрази во нашиот регион, прикажувајќи широк спектар на стилови, техники и перспективи. Секое дело ја одразува личната визија на уметникот, но, заедно, тие создаваат колективен наратив за нашата заедничка идентичност, историја и пределите што не опкружуваат, подвлече Ристова. 

Таа додаде дека ова е потсетник за тоа како уметноста има моќ да не поврзува со нашите корени, со нашиот роден крај. 

- Овие уметници го вложиле своето срце во создавање дела што зборуваат за убавината, предизвиците и соништата на нашата заедница. Преку нивната уметност, тие не покануваат да застанеме, размислиме и да се вклучиме во светот на подлабок и позначаен начин, истакна таа. 

Ристова нагласи дека уметноста, на крајот на краиштата, не е само одраз на општеството, таа, исто така, го обликува, предизвикува и инспирира. 

Цветанка Тодоровска Митрева, историчар на уметност, вработена во Музеј - Демир Капија, посочи дека овие уметници си поставија пред себе задача и цел трајно да го зачуваат културното наследство на својот роден крај на својствен начин, секој за себе, притоа формирајќи го сопствениот ликовен израз.

- Формирано во 2021 година, Здружението ,,Родокрајци" што обединува различни видови уметности, широко ги отвори вратите за сите кои создаваат и творат различни видови уметности, поттикнати од љубовта кон својот роден крај, притоа оставајќи свој сопствен белег и траги во времето. Денеска членовите на ова здружение не се само ликовни уметници, писатели или фотографи, туку една движечка сила на културата и уметноста. Тие се докажани професионалци, секој во својата област на делување, со високи дострели, постигнати успеси и награди, подвлече Тодоровска Митрева. 

Таа додаде дека многу од тие дела, денес се наоѓаат во многу држави во светот и практично се амбасадори, што го промовираат не само уметникот кој го создал делото, туку и Тиквешкиот регион, долгата и богата историја, традицијата, обичаите, пејзажите.

Досега, како здружение, имаат реализирано повеќе групни изложби. Изложбата ќе трае до 2 октомври. 

Пред присутните се обрати и директорот на Музеј галеријата, Јаким Зимоски. свд/лв/


Фото: МИА 

QËNDRONI TË LIDHUR