Дописници МКДОпштински вести

Активни пожарите кај Дренак, Старо Нагоричане и Мургаш, Кумановско, изгаснат кај Кокински Дол

На подрачјето на општина Старо Нагоричане останува активен пожарот кај Дренак, на тешко пристапен терен, информира денеска командирот на противпожарната единица Далибор Трајковски.

Куманово, 4 август 2021 (МИА) – На подрачјето на општина Старо Нагоричане останува активен пожарот кај Дренак, на тешко пристапен терен, информира денеска командирот на противпожарната единица Далибор Трајковски. Таму, како што информираат од РЦУК Куманово, дејствуваат и пожарникарите, вработени од шумско стопанство, кои сè уште се на терен. Надлежните очекуваат пожарот во планинскиот дел да се гаси со поддршка на хеликоптери.

Од РЦУК Куманово информираа дека пожарот од Кокински Дол кон Арбанашко целосно е изгаснат во попладневните часови, со поддршка од Армијата, полицијата, припадниците на ДЗСИ, шумско стопанство и со хеликоптери.

Дел од ангажираните на овој пожар, вчера се упатиле и кон село Дренак за поддршка во гасењето.

Во Куманово активен е пожарот кај Липец, кај Мургаш, информира денеска командирот на територијалната противпожарна единица Куманово, Дејан Илиевски. И во моментов интервенираат пожарникарите.

– Станува збор за отворен простор, пожарот е под контрола – изјави Илиевски.

Вчера пожари имало во Пуковско, Пезово, Бељаковце, Јачинце и Опае. ам/ир

Back to top button
Close
Close