0_Македонија.ПорталОпштество

Агенда Отворена власт 20-24: Медиумите да пласираат вистински вести, слободата на изразување да биде столб на сите влади

Медиумите мора да пласираат вистински вести. Затоа е важна едукацијата, а за тоа мора заеднички да се работи со самите медиуми, е пораката што вечерва ја упатија говорниците од трибината Агенда Отворена власт 20-24, што се одржа во организација на СДСМ. На неа се говореше и за зголемување на отвореноста на институциите, подобрување на условите во медиумскиот простор и изнаоѓање на ефикасни механизми за справување со лажните вести.

Скопје, 4 февруари 2020 (МИА) – Медиумите мора да пласираат вистински вести. Затоа е важна едукацијата, а за тоа мора заеднички да се работи со самите медиуми, е пораката што вечерва ја упатија говорниците од трибината Агенда Отворена власт 20-24, што се одржа во организација на СДСМ. На неа се говореше и за зголемување на отвореноста на институциите, подобрување на условите во медиумскиот простор и изнаоѓање на ефикасни механизми за справување со лажните вести.
Министерот за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски рече дека оваа Влада е најтранспарентна досега, а со алатката за отчетност на функционерите заштедила десет милиони евра, и со тоа трошоците на носителите на јавни функции се намалиле за 3-4 пати во однос на претходната власт.
Додаде дека оваа алатка ќе настојуваат со закон да ја направат задолжителна и за градоначалниците, и за пратениците, и за судската власт.
Поповски рече дека слободата на говорот и изразувањето се столб на оваа и на секоја идна влада, а тоа подразбира и критика, додавајќи дека треба да продолжи борбата против лажните вести со воведување  медиумска писменост во образовниот процес.
Потпретседателот на СДСМ, Коста Петров говорејќи на трибината, најави мерки за поголема транспарентност. – Една од алатките што ќе ја воведеме се вика „Прашај што сакаш“, преку која граѓаните до Владата ќе можат да постават прашање, а во рок од три дена, ќе треба да добијат одговор. Се надеваме дека оваа алатка ќе ја користат и сите други институции. Ова ќе биде надоврзување на целата дигитализација што се случува во институциите, рече Петров.
Тој се осврна и на нивото на дебата во општеството за која оцени дека е ниска, особено на социјалните мрежи, за што предложи воведување на дебатата како изборен предмет во средното образование. Ја потенцираше и важноста на пленумите, најавувајќи дека за пленумите ќе се учи во учебниците по граѓанско образование.
Петров констатираше и дека лажните вести се глобален проблем и оти земјава е брендирана како колевка на лажните вести. – Можеби од една страна ова е поразувачки, но од друга страна ние сме земја којашто може да креира начини против лажните вести. Едукацијата е многу важна. Со медиумите мораме заеднички да работиме на ова. Медиумите мора да пласираат вистински вести, рече Петров.

Националниот коодинатор за стратегиски комуникации во Владата на Република Северна Македонија, Марјан Забрчанец истакна дека во изминатите две и пол година преку Владата како централна извршна институција успеа да ги демократизира институциите.

– Институциите да ги опслужуваат граѓаните, наместо да ги злоупотребуваат, пропагандата ја претворивме во транспарентност, рече Забрчанец, напоменувајќи дека ние сме прва држава во регионот која има акциски план за справување со дезинформации.

На тема справување со лажни вести и медиумска писменост говореа и дел од експертската јавност, професорката Снежана Трпевска – комуниколог, директорот на Медиумската информативна агенција Драган Антоновски и Филип Стојановски од Фондацијата „Метаморфозис“.
Директорот на МИА Драган Антоновски рече дека слободата на говор не подразбира и слобода да се шират невистини или слобода да се клевети, истакнувајќи дека од голема важност е и писменоста на новинарите.
– Тоа е сегмент на којшто треба да се обрне сериозно внимание. Многу е битно предвид да се земат забелешките на Советот за етика на медиумите и другите здруженија. Многу е битно да се види со што се соочуваат новинарите и професијата, рече Антоновски, посочувајќи ги како сериозни проблеми и ниските плати на новинарите, односно слабо платените новинари од кои не може да се очекува до крај да бидат професионални.
– Ги купуваат бидејќи газдите очекуваат новинарите да им работат за малку пари, додаде Антоновски.
Според него, дезинформации не потекнуваат само од одредени портали и новинари, туку и од собраниската говорница, потенцирајќи ја важноста на релевантноста на изворот.
Тој исто така детектираше слаба контрола на медиумите што добиле лиценци за емитување на програма, прашувајќи дали надлежните ја провериле програмата којашто ја емитуваат, дали има контрола да се види колку имаат авторски содржини или сопствена медиумска продукција, рече Антоновски.
Професорката Трпевска рече дека граѓаните многу малку препознаваат лажни вести и се преплавени и со полувистини, и треба да се работи на едукација на препознавање на точноста на информациите.
Трпевска истакна и дека јавниот сервис мора да се врати на граѓаните и оти не треба да припаѓа на ниту една партија. нд/бак/

Back to top button
Close
Close