0_Македонија.ПорталBiznis.SlajderБизнисБизнис.ПорталЕкономија

Агенција за пошти: Не треба да се менува датумот за либерализација на поштенскиот пазар

Агенцијата за пошти смета дека утврдениот датум (1 јануари 2020 година) за либерализација на поштенскиот пазар не треба да се менува, рече директорката на АП Билјана Аврамовска Ѓореска денеска на 14.  јавна седница на регулаторното тело за поштенската област.

Скопје, 20 декември 2019 (МИА) – Агенцијата за пошти смета дека утврдениот датум (1 јануари 2020 година) за либерализација на поштенскиот пазар не треба да се менува, рече директорката на АП Билјана Аврамовска Ѓореска денеска на 14.  јавна седница на регулаторното тело за поштенската област.

Со предложените законски измени што се во собраниска процедура се предвидува повторно, петто одложување на либерализацијата на пазарот на поштенски услуги до 1 јануари 2021 година.

Аврамовска Ѓоревска најави дека АП следната година ќе иницира измени и дополнувања на Законот за поштенски услуги до надлежното Министерство за транспорт и врски со цел да се подобри регулаторната рамка. Меѓу останатото регулаторот смета дека експлицитно треба да се вклучат одредби за гарантирањето на слободната конкуренција и обезбедување на универзалната поштенска услуга како едни од главните цели во Директивата за пошти. За ова, истакна директорката, неопходно е да се укине законски резервираната област.

– Укинувањето на резервираните услуги ќе значи зголемена конкурентност на пазарот, а поттикот кој доаѓа од технолошкиот напредок и дерегулацијата ќе резултираат со попристапни цени за крајните корисници, што во услови на глобален поштенски пазар ќе претставува есенцијална мерка со која крајните корисници нема да бидат изолирани од придобивките на рапидните промени на светско ниво, наведе Аврамовска Ѓоревска.

Таа дополни дека согласно со последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата кон полноправно членство во ЕУ, целосното отворање на поштенскиот пазар ќе претставува и исполнување на препораката за завршување на целосната либерализација на поштенскиот пазар.

Корисниците се повеќе имаат потреба од прилагодени, предвидливи, доверливи и брзи услуги и овој тренд, според регулаторот, е прифатен од поштенските оператори во изминатите години.

АП  годинава издала 12 општи овластувања, од кои 10 се на нови старт ап компании, а две на постојни даватели кои ја прошириле мрежата на работа, додека три фирми го изгубиле статусот за поштенски услуги.  Поднесени се 31 претставка од корисници на поштенски услуги, од кои 21 од  физички лица, а 10 од правни лица и на сите е одговорено во прошишаниот рок.  Според основот на поднесување, оваа година забележан е пораст на претставки во кои различни подносители се жалат на работењето на давател на поштенски услуги. Во осум претставки предмет на незадоволство се пратките со откупнина.

– Конкретно, корисниците во својство на испраќачи се жалат дека поштенскиот операторот откако ќе ја изврши поштенската услуга ( ќе ја достави пратката до примачот) на испраќачите не им ја предава откупнината која што е претходно наплатена од примачите. Овој дел од услугата не е поштенска услуга, туку станува збор за финансиско побарување кое произлегува од меѓусебен договор помеѓу испраќачот и давателот на поштенски услуги, информира директорката на Агенцијата за пошти.

Заради заштита на корисниците на поштенски услуги, Агенцијата им препорачува и укажува на поштенските даватели да ги исполнат своите финансиски обврски кон испраќачите.

Ваквото искуство,  според Аврамовска Ѓореска, иницира соработка со Управата за јавни приходи, со цел сеопфатна и делотворна регулација на работењето на давателите на поштенските услуги во делот на услугите за т.н. поштенски пратки со откупнина. Пазарот на услугите за пакети кај кои што, поштенскиот оператор од примачите ја наплаќа во кеш стоката што се доставува, повеќе години покажува тренд на раст, но трансферот на готовината (парите од примачите) до испраќачите, за жал ,се уште е најслабата алка од услугата. Резултат од соработката со УЈП треба да биде изнаоѓање решенија за унапредување на регулативата за да се создаде посоодветна и сигурна деловна клима за раст на пазарите на поштенски услуги за пакети, смета директорката на АП.

Податоците за обемот на поштенскиот пазар покажуваат дека во државава има 18,7 пратки по глава на жител. Лани имало 39.025.313 поштенски пратки  за 3,87 проценти помалку споредено со 2017 година.

На поштенскиот пазар во државава моментно работат 41 лиценциран давател на поштенски услуги, од кои 40 фирми со општо овластување за обезбедување поштенски услуги, како и АД Пошта на Северна Македонија Скопје кои имаат индивидуална дозвола за обезбедување на универзална услуга. Тие имаат екслузивно право да обебзедуваат пратки за кореспондеција во внатрешниот поштенски сообраќај и пратки кои присутгнуваат во држвава од меѓународен поштенски сообраќај со тежина до 50 грама. лв/дма/

 

Back to top button
Close
Close