0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.Портал0_МИА Истражува.ПорталМИА ИстражуваОпштествоТема

Студентите незадоволни од студентските служби, потребна нивна целосна дигитализација

Пандемијата предизвикана од коронавирусот беше причина студентските служби на факултетите при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ да го променат својот работен процес, па така нивната комуникација со студентите делумно се префрли во виртуелниот простор. Тие работат со истото време како и пред пандемијата, меѓутоа со максимално почитување на сите мерки и протоколи за заштита од вирусот. Службите ја засилија комуникацијата телефонски или преку мејл, а одредени барања и документи можат да се издаваат и онлајн.

Скопје, 15 ноември 2020 (МИА) – Пандемијата предизвикана од коронавирусот беше причина студентските служби на факултетите при Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ да го променат својот работен процес, па така нивната комуникација со студентите делумно се префрли во виртуелниот простор. Тие работат со истото време како и пред пандемијата, меѓутоа со максимално почитување на сите мерки и протоколи за заштита од вирусот. Службите ја засилија комуникацијата телефонски или преку мејл, а одредени барања и документи можат да се издаваат и онлајн.

Исто така и испитите се пријавуваат електронски, а електронски може да се прати и потврда за редовен студент, со цел избегнување на метежи на факултетите. Новина е и тоа што кај дел од факултетите студентските служби пред влезот на факултетот поставија кутија во која студентите можат да ги остават документите за упис на семестар, а потоа студентските служби ги обработуваа.

Студентите сметаат дека ваквиот начин на работа е многу практичен за оние кои живеат во другите градови и ваквиот принцип на работа треба да продолжи и понатаму.

Сепак, останува неодговорено прашањето дали и колку се доволни овие импровизации и прилагодувања со оглед на тоа што студентите се незадоволни од ефективноста на студентските служби, сметајќи ги за неажурни и недостапни во секое време.

Слаба координација и несоодветно обработување на документите – најчести недостатоци на студентските служби

Најголем недостаток на студентските служби, според студентите, е нивната неорганизираност и некоординираност. Честопати немаат решение за некој нивен проблем или ги праќаат во деканат. Голем дел од нив не се појавуваат во деновите кога имаат приемен ден, а на мејл враќаат прилично доцна.

– Најчесто кога имаме потешкотија да оствариме контакт со некој професор, студентските прашања не се од голема помош во таа насока. Вработените не праќаат во деканатот или едноставно немаат решение за нашиот проблем. Ние студентите потоа мораме да бараме телефонски контакт од професорот или секој ден да ги чекаме на факултет, бидејќи голем дел од нив не се појавуваат во деновите кога имаат приемен ден, вели за МИА студентка на Правниот факултет во Скопје.

Голем недостаток, според друга студентка од Правниот факултет и магистар по правни науки, е тоа што студентските служби не ги известуваат студентите кога им недостасува некој документ или пријава за да им издадат уверение, истото подоцна студентите го чекаат да биде изготвено повеќе од месец дена.

– Воопшто не се ефикасни и организирани, голем дел од работите ќе треба да почнат да ги работат во електронска форма како на пример пријави за испит. Сметам дека нема потреба од физичко пријавување на испити, истото може да се изведе онлајн, смета таа.

На ниско ниво се функционалноста и достапноста на студентските служби и според студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

– На мојот факултет студентските служби во оваа ситуација претежно работат онлајн, телефонски или преку мејл, а пред некое време беше донесена и одлука со која за студентите се дозволува влез само со претходно закажан термин. За функционалноста и достапноста би кажал дека се на ниско ниво, повеќе работат во корист на деканатска управа, отколку во корист на студентите. Има случаи кога студентите чекаат повратни одговори и по неколку дена, а некогаш и воопшто не добиваат, објаснува студентот во разговор за МИА.

Испитите на Економскиот факултет во Скопје, како што ни соопшти студентка од овој факултет, се пријавуваат електронски. – Електронски може да се прати и потврда за редовен студент, со претходно платена скенирана уплатница од сто денари, во зависност од тоа дали треба или не, (на пример за здравствено осигурување не треба уплатница), им испраќаш на мејл и тие ти праќаат скенирана потврда со печат. За упис на семестар или заверка мора да се оди на студентски прашања, за да ти стават печат во индекс, тоа не може електронски. Така да може да се каже дека делумно се работи електронски, појаснува студентката.

За претседателот на Универзитетското студентско собрание на скопскиот Универзитет (УСС-УКИМ) Борјан Ефтимов, потешкотиите се пред се од бирократски карактер – несоодветно обработување на документацијата, нерационално долги процедури, непотребни трошоци за студентите и долги редици за време на уписите и испитните сесии.

Како што појасни за МИА Александар Јордев, раководител на одделението за студентски прашања на Правен факултет „Јустинијан Први“, поплаките од студентите кои пристигнуваат до службата и до раководителот на службата, се обично за рокот за издавање на управен или некој реален акт на самиот студент што има поднесено административно барање.

– Но, и студентите најчесто не се запознаени дека рокот согласно законот за општа управна постапка е 30 дена од денот на поднесувањето на барањето преку архивата на факултетот за да може службата да го обработи и да може да го достави до студентот. Обично со таков тип на поплаки се соочуваме, посочува Јордев.

Неопходна целосна дигитализација на студентските служби

Според Ефтимов, оваа рудиментирана дигитализација на студентските служби е далеку од доволна за тие да одговорат целосно на потребите на студентите за време на пандемијата. Тој појаснува дека сериозниот недостиг на административни кадри на некои факултети, како и отсуството на соодветен дигитален систем за администрирање на целата документација, придонесуваат до тоа службите да не се во можност целосно и задоволително да одговорат на потребите на студентите.

– Потребна е целосна дигитализација на административното работење на факултетите, вклучувајќи ги и студентските прашања. Токму затоа, УСС поднесе барање за дигитализација на административното работење уште во месец јули, а веќе започнавме и со работа заедно со останатите членови на ИТ комисијата при УКИМ. Се надевам дека овој процес ќе биде брз и ефикасен и дигитализацијата ќе се реализира уште од следниот семестар, нагласува Ефтимов.

И според Јордев, во ера на дигитализација треба малку повеќе да се дигитализираат не само студентските, туку и сите служби по сите факултети и институции за да може да се функционира по електронски пат.

– Тоа да оди преку Универзитетот па да може да имаме унифициран начин на работа за сите единици кои се членки на УКИМ да може на еден единствен начин да функционираат и да ги опслужуваат студентите, вели Јордев.

Електронскиот начин на работа, како што нагласува студентка од Правен факултет, е нешто што треба да се применува на ниво на целиот Универзитет, не само во време на пандемија.

– Со ваквиот начин на работа ќе се избегнат долгите редови пред студентските прашања и гужвата што настанува кога студентите запишуваат семестар, нормално ќе се избегне и нервозата што владее кај студентите и вработените додека се чека по два до три часа за да дојдат на ред, смета таа.

Студентските служби исто така се и должни да ги известуваат професорите за сите оние потешкотии и проблеми со кои се соочуваат студентите. Јордев смета дека на Правниот факултет „Јустинијан Први“ професорите редовно се известуваат и се во секојдневна комуникација со вработените во студенските служби.

– Да. Тие се во секојдневна комуникација, како електронски, по телефон или доколку имаат и можност со физичко присуство да може да искомуницираат, објаснува Јордев.

Од друга страна пак, студентите сметаат дека професорите се делумно консултирани од вработените од студентски служби, најчесто затоа што, како што велат, постои голема некоординација и некомплетна организација меѓу нив.

Студентка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ вели дека професорите многу ретко се запознаени со нивните проблеми, а кога имаат потешкотија да остварат контакт со некој професор, студентските прашања не се од голема помош во таа насока.

– Вработените не праќаат во деканатот или едноставно немаат решение за нашиот проблем. Ние студентите потоа мораме да бараме телефонски контакт од професорот или секој ден да ги чекаме на факултет, бидејќи голем дел од нив не се појавуваат во деновите кога имаат приемен ден, вели студентката.

Според студентот од Факултетот за музичка уметност, студентските служби најчесто ги контактираат професорите за проблемот на студентот, но кога проблемот нема да се реши целосно, тие тука застануваат.

– Најчесто само ќе го контактираат професорот и сметаат дека тука завршува нивната обрска, но во пракса воопшто не е така. Професорот иако контактиран од студентската служба се случува да не си ги изврши обврските и понатаму никој не ја следи ситуацијата, а студентите немаат каде да се обратат, вели студентот.

Професорите редовни на онлајн предавањата

Поради пандемијата, најголем дел од предавањата се одвиваат онлајн, преку посебна платформа наменета за студенти. Од 18 ноември почнува колоквиумската сесија и во процес на подготовка е платформата преку која студентите ќе ги полагаат колоквиумите.

Најголем дел од професорите, како што вели Ефтимов, одржуваат онлајн настава.

– Според нашите податоци, околу 90 проценти од студентите на Универзитетот следеле онлајн предавања за време на летниот семестар. Оваа бројка, очекуваме да се зголеми за време на зимскиот семестар, меѓутоа во моментов немаме точни бројки, посочи тој.

Дел од професорите бараат физичко присуство на предавањето, па ова претставува компликација за оние студенти кои доаѓаат од други градови, а веднаш потоа им следи онлајн предавање. За ова прашање Ефтимов смета дека факултетот е должен да подготви распоред во кој нема да има такви поклопувања на предавањата.

– Доколку се случуваат такви нелогични ситуации, тогаш ги повикувам оштетените студенти да не контактираат на studentsko.sobranie@ukim.edu.mk или пак да го контактираат факултетското студентско собрание, вели претседателот на Универзитетското студентско собрание.

Марија Спасовска

Бисера Трајковска

фото – Дарко Попов

 

 

 

 

Таг
Back to top button
Close
Close