Обичаи и верувања

Обичаи и верувања

17 септември 2019  Традиции Светилишта во Струшко  Во селото Враништа, Струшко и денес постои црквата Св. Богородица која е во урнатини. Оваа единствена ориентална трикорабна базилика во Македонија е редок споменик, не само во Републиката, ами и за поголем дел на Балканот. Пишани документи за оваа црква не се најдени, но затоа постојат многубројни легенди и преданија. Така на пр. постои претпоставка дека црквата е градена врз темелите на стара римска базилика.

17 септември 2019 

Традиции

Светилишта во Струшко

Во селото Враништа, Струшко и денес постои црквата Св. Богородица која е во урнатини. Оваа единствена ориентална трикорабна базилика во Македонија е редок споменик, не само во Републиката, ами и за поголем дел на Балканот. Пишани документи за оваа црква не се најдени, но затоа постојат многубројни легенди и преданија. Така на пр. постои претпоставка дека црквата е градена врз темелите на стара римска базилика. Преданието ја поврзува ту со цар Давид, ту со цар Самуил, како негова задужбина, а сегашното население ја вика „Кралска црква“.
Според народната легенда, во првото ѕидање на црквата од рака на рака камењата ги пренесувале околу 5000 луѓе од селото Заграчани.
Во црквата се венчавале и великодостојници кои влегувале низ посебна врата, која по венчавањето се затворала, односно заѕидувала. Меѓу нив е и царот Самуил. Се поставува прашањето, зошто тој ја одбрал токму оваа црква при толку храмови во неговата престолнина и целото царство? Одговорот е едноставен. Легендата вели дека црквата Св. Богородица ја подигнал, односно утврдил, токму апостол Павле, удирајќи ги темелите на првиот храм на христијанството на македонска почва. На првиот цар на Македонија му прилегало да се круниса во првата црква во Македонија. Вистината за оваа приказна ја чува бигорниот ѕид и неколкуте зачувани фрески, повеќепати премачкувани со малтер. И се разбира, заѕиданата врата, затоа што друг човек не смеел да мине низ неа. Друг што не е цар. Самуил бил единствен.
Но постои и едно необично верување дека апостол Павле кога дошол во Македонија, поточно во градот Схилион, кој се наоѓал до брегот на Црн Дрим кај денешна Струга во нејзина близина закопал една голема тајна. За што, всушност, станува збор? Се верувало дека тоа бил ковчегот на животот, односно здравјето. Во него имало еден бел камен, голем колку три очи на момчок, а тој камен бил еден од трите камења врз кои капела крвта што истекувала од исечените раце, од продупчените нозе и од отвореното срце на Христос. Тој ковчег со сува крв, наречен ковчег на животот и го подарил Павле на Македонија за да биде заштитник на народот. Таква сува крв, со уште три шајки, сместени во еднаков кедров ковчег како што бил оставен кај Враништа Павле оставил уште и во Ен Карен, во Палестина и на Света Гора. Заради моќта на сувата крв, односно на ковчегот на животот кој бил закопан во светиот објект тука се крунисал и Самуил за цар. Имено пред да се круниса, тој во стариот град кај Вранишата бил болен. Но го донесле тука па се излекувал. Верување кое и ден денес се пренесува меѓу луѓето од овој крај, особено меѓу оние кои веруваат во исцелителната моќ на ковчегот.
Така вели народното предание. А народот е непогрешлив во своето верување. Барем така не уверува следниов пример.
Во струшкото село Октиси во 1927 година е започната изградба на црквата Свети Никола. На тоа место дотогаш постоело само изворче со света вода кое народот го викал Мало ваковче. Но при копањето на темелите се наишло на ранохристијанска базилика која датира од втората половина на петтиот век. Притоа откриена е крстилница, како и еден гроб со женски скелет и накит. Подоцна вршени се систематски ископувања при што е утврдено постоење на трикорабна базилика со наос, нартекс, баптистериум и акцесории. И она што е најзначајно за неа, извонредните мозаици во нартексот на кое е претставена композиција што го покажува влезот во рајот. Со тоа, оваа ретко убава базилика, заедно со онаа од селото Радолишта, се од посебно значење за културната историја на Струга и Струшко. Па така, едно мало култно место, на кое луѓето му палеле свеќи и го чествувале, во себе ја криело тајната за оваа базилика. Значи народот бил уверен во светоста на местото, иако за тоа немало пишан документ, освен трагите во неговата потсвест.
Откривањето на ова базилика само ги разбранувала духовите. Дали таа е единствената црква на овој простор? Првобитното име на населбата Октиси било Octocilis што значи осум и eklisia што значи црква, односно осум цркви. Слично е толкувањето и од латинскиот јазик.
Денес тука навистина има осум цркви, односно светилишта, колку што ги забележал и Пјанка, но тие ни оддалеку јa немаат монументалноста на ова базилика. Тогаш кои се тие? Ако во тој период навистина постоеле осум цркви, односно базилики, тогаш зошто не е позната самата населба во историјата. Таа би била своевиден центар во лихнидската област. Само за споредба ќе наведеме дека во тоа време во Лихнид биле изградени седум базилики, Стоби има осум, а во Скупи и непосредната околина откриени се само три, а целиот регион имал близу 30 вакви објекти. Иако ова изгледа малку нелогично, сепак немаме друг избор освен да ја прифатиме претпоставката за постоење на осум цркви. Но тогаш се поставува прашањето кои се тие и каде биле лоцирани? Можно е да се наоѓале во пошироката околина на атарот од соседното село Вевчани каде што постојат 13 светилишта, потоа Горна Белица итн. Исто така можно е тие да постоеле и во различни временски периоди. Ако е така тогаш може да се извлече хипотеза дека таква светија тука била утврдена и во времето на апостол Павле. Впрочем животот на овој простор е посведочен уште од предримско време. Во непосредна близина на селото се наоѓа локалитетот Вајтос чии наоди водат и до четвртиот век пред нашата ера. Тој е значаен и по тоа што покрај него минувала сообраќајницата за која со право може да се рече дека била алтернативна траса на Via Egnatia на овој простор. А таа иста сообраќајница и денес поврзува неколку култни места и светилишта кои можеби датираат од времето на „осумте цркви“.

Од книгата „Светилиштата во Вевчани“ од Анастас Ќушкоски, Струга 2002. (Подготви Марко Китевски)

 

Back to top button
Close