МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

16:00/20 септември 2019

16:00/20 септември 2019

– Организаторите и гостите на ИФФК „Браќа Манаки“ денеска ги посетија Влашките гробишта во Битола и, традиционално, положија цвеќе на гробот на Милтон Манаки.

– Автобусите на ЈСП Турс на линијата „Сити тур“ од утре ќе сообраќаат по нов зимски возен ред. Како што соопшти Јавното сообраќајно претпријатие Скопје, поаѓањата ќе бидат во 11 и во 13 часот од „Порта Македонија“.

– Двајцата го поддржуваме отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, порача заменик-министерот за надворешни работи на Словачка, Франтишек Ружичка, по средбата со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис во грчкото МНР, јави дописничката на МИА од Атина.

– Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева останува во притвор, откако судијата на претходна постапка ја одбил понудената гаранција во имот, а обвинителката Вилма Русковска дала негативно мислење.

– Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска како дезинформации и шпекулации ги оцени информациите дека со новиот закон за работни односи, кој е во фаза на изработка, се планира намалување на работното време за повозрасните работници без притоа да имаат намалување на платата, односно жените работнички со навршени 60 години старост, а мажите со 62, да работат шест часа, а да ја задржуваат целата плата до пензија.

– Словенечката полиција, во близина на границата со Хрватска, уапси двајца државјани на Нигерија, кои во комби возило превезувале 31 мигрант.

– Германија ќе инвестира најмалку 100 милијарди евра до 2030 година за заштита на климата и енергетска транзиција, што произлегува од конечниот текст договорен денеска во владејачката коалиција на канцеларката Ангела Меркел.

– Европската комисија денеска повтори дека договорот со Велика Британија за напуштање на Европската унија мора да содржи „целосно изводливо и законско оперативно решение“.

– Лидерот на израелската националистичка партија Израел наш дом, Авигдор Либерман денеска негираше дека за премиер го предложил лидерот на Сино белата партија, Бени Ганц.

– Кувајт денеска соопшти дека го подигна нивото на безбедност во своите пристаништа со оглед на регионалните тензии по нападите врз нафтените постројки на Саудиска Арабија.

– Повеќе од 30 шефови на држави и влади потпишаа апел за засилување на активностите во борбата против климатските промени, што ги покрена австрискиот претседател Александер Ван дер Белен во пресрет на конференцијата за глобалното затоплување на ООН, што ќе се одржи следната недела.

 

Back to top button
Close