МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

16:00/19 септември 2019

16:00/19 септември 2019

– Граѓаните, корисници на јавен превоз, сопственици на персонализирана електронска картичка „Скопска“ на која ѝ е истечен рокот на важност, кој изнесува четири години од издавањето, треба да ја заменат за да можат да го користат превозот, информираат од ЈСП.

– За три месеци се изградени околу 7.000 метри од планираната секундарна мрежа (разводни цевководи), интензивно се поставува и терциерната мрежа за наводнување (дистрибутивни цевководи), а во полн ек е и изградбата на пумпната станица Јосифово, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство,Трајан Димковски по денешната посета на системот „Јужновардарска долина“ кај Удово.

– Досегашната соработка меѓу Република Северна Македонија и Државата Катар, особено на планот на унапредување и интензивирање на економската и трговската соработка биле тема на денешната средба на претседателот на Собранието, Талат Џафери со в.д. катарскиот амбасадор Хамад Јасим Ал-Махмод.

– Поранешните обвинители во СЈО Стевчо Донев и Елизабета Јосифовска и натаму ќе ги застапуваат предметите „Триста“ и „Тотал“.

– Германскиот Бундестаг ќе даде зелено светло за отпочнување на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ, а на седницата која ќе се одржи на 26 септември кога на дневен ред ќе се најде точката за нашата апликација, лично ќе присуствува вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи каде домаќин ќе му биде претседателот на Бундестагот, Волфганг Шојбле.

– Нови авионски линии до Скопје и Охрид од Анкара, Измир и Истанбул, најавува Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) која денеска, во соработка со ТУРСАБ и Асоцијација на турски туристички агенции, организираше бизнис состаноци на 20 нови тур-оператори од Турција со туристичкиот сектор од земјава.

– Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, утрово присуствуваше на работен појадок со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Атина, организиран од амбасадата на Финска по повод финското претседателството со унијата, јави дописничката на МИА од Атина.

– Во новата акција на грчката полиција за празнење на објекти што се под опсада во центарот на Атина, утрово беа пронајдени 269 бегалци и мигранти, меѓу кои 98 деца, јави дописничката на МИА од Атина.

– Британскиот премиер Борис Џонсон би можел повторно да го суспендира Парламентот, дури и ако британскиот Врховен суд пресуди дека првичното суспендирање е нелегално, се вели во поднесокот до судот објавен од опозицискиот адвокат Џо Мегам на неговиот профил на Твитер.

– Сибирски шаман кој пешки тргна на долг пат до Москва за да го истера ѓаволот од претседателот Владимир Путин е уапсен од руската полиција, јавија денеска руски медиуми.

– Нискобуџетната ирска авиокомпанија „Рајанер“ планира да укине 500 до 700 работни места, најави денеска извршниот директор Мајкл О`Лири.

– Македонската фудбалска репрезентација бележи скок од две места на ФИФА ранг-листата објавена денеска и сега е на 69. место.

Back to top button
Close