0_Web_АктуелноДописници МКДСторија

Со упорност и позитивна мисла до целта

„Сите сме исти“ е мотото што 28-годишниот Васил Јанкула, лице со церебрална парализа, секојдневно го докажува и го покажува со своите идеи и авантуристички дух. Ведар и амбициозен, со позитивен дух и позитивна мисла, младиот ресенец, кој неодамна со својот трицикл го обиколи западниот дел на државата, поминувајќи низ Прилеп, Битола, Велес, Скопје, преку Тетово, Гостивар, Маврово, Дебар, Струга и Охрид и планината Галичица, се врати во својот град, испрати силна порака дека и лицата со попреченост го можат истото што и останатите.

Ресен, 4 август 2019 (МИА) – „Сите сме исти“ е мотото што 28-годишниот Васил Јанкула, лице со церебрална парализа, секојдневно го докажува и го покажува со своите идеи и авантуристички дух. Ведар и амбициозен, со позитивен дух и позитивна мисла, младиот ресенец, кој неодамна со својот трицикл го обиколи западниот дел на државата, поминувајќи низ Прилеп, Битола, Велес, Скопје, преку Тетово, Гостивар, Маврово, Дебар, Струга и Охрид и планината Галичица, се врати во својот град, испрати силна порака дека и лицата со попреченост го можат истото што и останатите. Но, сакаше и на оние со посебни потреби да им укаже дека со упорност и работа можат да ги постигнат своите цели.

Веднаш по завршувањето на кружната тура со велосипед и неколкунеделен одмор, Јанкула премина на нова авантура, со параглајдер леташе над Охридското Езеро, вози мотор на четири тркала, а активно вози и автомобил, иако нема возачка дозвола.

Во моментот Васил работи на два нови проекта, со својот трицикл планира да го сврти Охридското Езеро во еден ден, но и да направи планинарска тура, односно да се искачи на планината Галичица. За сите негови планови да станат реалност потребни му се спонзори, кои ќе му помогнат во остварување на целите. Својот трицикл како почесен гостин ќе го вози и на Охридскиот маратон. По неговиот подвиг кога од Ресен со својот трицикл помина околу 900 километри низ повеќе градови во Централна и Западна Македонија, носејќи ја пораката „Сите сме исти“, во неговиот град беше дочекан како херој. Тој учествуваше на повеќе манифестации, меѓу кои ја отвори велосипедската трка.

„Алшар“ во Кавадарци

– Имам многу идеи. Сè што ќе видам сакам да го доживеам. Параглајдерството возбудливо им го препорачувам на сите. Нема поубаво нешто од тоа да се гледаат одозгора убавини. Додека летавме над Охридското Езеро, му велев на водичот да подзастане за да можам да уживам, посочува Јанкула.

Со трицикл покажа дека и лицата со хендикеп можат исто што и другите.

Преспанскиот херој, како што често го нарекуваат во неговиот Ресен, ни раскажа за својата авантура, кога со трициклот за седум дена го помина западниот дел на државата. На неговото патешествие тој вели дека наишол на огромно разбирање кај возачите, кои застанувале да им понудат вода, храна и други пијалаци. И лошото време кое го зафатило на патот кон Маврово не го натерало да се откаже од целта.

– Кога поминав од Прилеп натака имаше многу разбирање кај возачите. Сите запираа со колите, ни нудеа вода, сок, јадење… На патот кон Маврово нè фати силен дожд и магла. Беше многу интересно, како на филм. Дува ветер, магла, темници. Тоа не се опишува со зборови. Никако не се откажав. Тоа ми беше целта да не се откажеме. Таков сум и да можам и да не можам мора да ја постигнам целта. И ја постигнав, раскажува Јанкула.

Јавноста, заклучи, сега го цени на поинаков начин. Иако сите му велеле дека е славен сега, вели дека не се чуствува така и оти е истиот Васил.

Средбата со претседателот на државата Стево Пендаровски оставила посебен белег во неговото патување. Ни ги пренесе позитивните импресии од приемот кај шефот на државата и неговото семејство, кој му ветил вработување за брзо.

– Не барам некое големо вработување, би можело во општина или како курир. Сакам да сум излезен од дома, да не сум затворен во четири ѕида. На работа имаш повеќе пријатели, поголема дружба, вели Јанкула.

Претседателот Пендаровски му најавил дека во 2020 година може да ја претставува државата на Тур де Франс.

– Ќе ми биде мило да ја претставувам нашата мала, но убава држава надвор од границите, рече Васил.

Семејството најголема поддршка

Васил е роден во Мала Преспа како здраво дете во семејството Јанкула, но високата температура од 42 степени на негови шест месеци довела до парализа на левата страна и оштетување на говорот. Иако со упорност и вежбање младиот Васил надминал голем дел од проблемите, сепак потребна му е помош за одредени работи. По завршување на осмолетката во родното Туминет, во Мала Преспа, семејството Јанкула се преселило во Ресен, каде што Васил завршува средно земјоделско училиште. Образованието го продолжил на Факултетот за информатика во Битола, но по две години се откажал од студирањето. Неодамна зел сертификат за туристички водич и има можност да предводи тура со негови сограѓани, кои биле воодушевени од прошетката низ Преспа.

За реализација на своите замисли најголема поддршка Васил добива од семејството, родителите и двајцата помали браќа.

– Иако нема финансиски средства, семејството секогаш се труди да ми овозможи сè. Поддршка добивам и од другарите, сакаат да им раскажувам, да споделувам со нив информации од моите авантури, посочува Јанкула.

По осумгодишно чукање на вратите од институциите и барање работа, од каде што постојано бил одбиван како лице со посебни потреби, се решил за инцијативите за подигање на свеста кај јавноста за лицата со попреченост.

– И ние сме луѓе и можеме слободно да си заработиме пари. Не можат родителите да ме хранат. Се срамам да им барам од дома, сакам сам лично да си заработам, вели Васил, нагласувајќи дека односот на институциите кон лицата со попреченост се променува за некој степен.

Само со позитивна мисла ќе успееме во животот

Мотото на Васил е дека со позитивна мисла и позитивно гледање на нештата ќе успееме во животот. Тој тоа и го применува во секојдневието.

– Треба да гледаме позитивно на нештата, ако гледаме негативно во животот никогаш не можеме да успееме. Возам кола скоро 16 години, сите се против тоа, само татко ми ме поддржува. Возам сам. Ми велат, како не се плашиш од полиција. А зошто да се плашам? Јас се плашам само од Господ, од друго ништо. Не се откажувам од ништо. Само уште авион немам возено, сè друго имам пробано и затоа сакам да ги направам сите позитивни, да не мислат негативно. Да бидат сите позитивни како мене, рече Јанкула.

Една од неговите најголеми желби е да отиде во некоја од западноевропските земји и да види како таму живеат лицата со посебни потреби. Голема пречка за нив во нашата држава, според него, е пристапот до институциите. Немањето пристапни рампи, за што, забележува дека последните две – три години сликата се менува.

Слаѓана Стојкова Костоски

Back to top button
Close