МИА Радио флеш

МИА Радиофлеш

14:30/20 август 2019 

14:30/20 август 2019 

– Развојот на инфраструктурната мрежа меѓу Северна Македонија и Бугарија е клучен за интензивирање на соработката во сите области. Државава со бугарски искуства ќе го јакне институционалниот капацитет за користење на европските фондови, пред се, за рамномерниот регионален развој и воопшто за примена на европските политики и проекти.

Со меморандумот за соработка на нашето Министерство за локална самоуправа со бугарското Министерство за регионален развој и урбанизам што беше потпишан денеска во Скопје почнува процес на подинамична примена на Договорот за добрососедство од август  2017 година, најавија ресорните министри Горан Милевски и Петја Аврамова.

– Поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас во неговата викендичка на грчкиот остров Алонисос, пишува книга посветена на Договорот од Преспа.

Според грчките медиуми, како што jави дописничката на МИА од Атина, Коѕијас од почетокот на летото е на Алонисос, а ќе остане таму до септември, каде што изолиран од сите, работи на неговата нова книга, која би требало да биде готова до крајот на годинава.

– Град Скопје е прва единица на локална самоуправа во нашата држава која почнува кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата, со цел намалување на загаденоста на воздухот, зачувување на плодноста на почвата и намалување на ризиците од пожари во овој период, најави денеска на прес-конференција скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Досега земјоделците во Скопско ги палеа стрништата, плевелите и другите растителни отпадоци поради тоа што немаа можност за поинаков начин на нивно третирање, а Шилегов најави дека сега ќе можат да се обратат до Град Скопје и тој ќе го отстрани тој органски отпад од нивите.

– Во соработка со јавните градски претпријатија, УНДП и МДЦ-Ти.нет, во идниот период спроведуваме кампања за едукација од штетните последици од палењето на стрништата и првпат ќе им понудиме решение на земјоделците за бесплатно одлагање на отпадот од бербата. Од денеска се до 30 септември Градот Скопје ќе им биде на располагање на сите земјоделци кои имаат каков било отпад од берба и со наша помош, бесплатно ќе го отстраниме од полињата како би се спречило негово палење, рече Шилегов.

– Статусот на реформите, преговорите за идниот статус на СЈО кои се во тек, како и случајот „Рекет“, беа теми на денешните одделни средби на вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров во Копенхаген, со министерот за надворешни работи, Јепе Кофод, како и со Вибеке Пастернак Јоргенсен, главна советничка за европски прашања на премиерката Мете Фредериксен остварени во рамки на нивната работна посета на Данска.

Како што соопшти МНР, на средбите, Османи и Димитров реферираа за политичките актуелности во земјата, за постигнатиот напредок во клучните реформски области, во создавањето на добрососедските односи, но и во зацврстувањето на внатрешната стабилност, како основа за подготвеноста на земјата за почеток на пристапните преговори со Европската Унија во октомври, оваа година.

– ЈСП „Скопје“ денеска информира дека ја прошири секундарната продажна мрежа со над 20 локации (маркети, трафики и слично), што се наоѓаат на фреквентни места низ скопските општини. Таму корисниците на јавниот превоз можат да купат или да ја надополнат електронската картичка „Скопска“.

Граѓаните попрецизно можат да ги погледнат локациите на Фејсбук страницата на ЈСП „Скопје“.

– Во Обвинителството за организиран криминал речиси четири часа трае распитот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за случајот „Рекет“, во кој осомничени се Бојан Јовановски и Зоран Милески за рекетирање бизнисмени.

Јанева дојде во Обвинителство изутрината околу 10 часот во придружба на адвокатот Стеван Павлески. Во кустата изјава за новинарите рече дека очекува нејзиниот денешен исказ да помогне да се забрза истрагата за „Рекет“.

– Вкупниот број на превезени патници со автобуси во второто тримесечје од годинава е намален за 3,7 проценти во споредба со истиот период лани, објави денеска Државниот завод за статистика.

Според статистичките податоци, намалување од 13,7 проценти има кај бројот на патници во меѓународниот превоз, за 20,9 проценти кај меѓуградскиот превоз и за 4,9 проценти кај приградскиот превоз. Зголемување од 0,5 проценти има кај бројот на превезени патници во градскиот превоз.

– „Охридско лето“ запиша уште едно успешно издание во богатата фестивалска историја. На фестивалските сцени годинава продефилираа 500 уметници од 23 земји од светот, но и гости од земјава и странство кои допатуваа за да ја следат фестивалската програма. Тоа денеска на завршната прес-конференција од годинешното 59-то издание на фестивалот „Охридско лето“ го истакна директорката на Националната установа, Наташа Поповиќ.

– Огромен беше бројот на оние кои бараа резервација за свеченото отворање што за нас е доказ дека „Охридско лето“ и годинава понуди квалитет што го препознаваат и надвор од нашите граници. Антички беше претесен да ја собере неколку илјадната публика која беше воодушевена од спектакуларниот настап на светки славната Ванеса Меј. Четириесет и седумте настани кои се одржаа на неколкуте сцени, Антички театар, црквата „Света Софија“, предворјето на црквата „Света Софија“, Долни Сарај, во Центарот за култура, беа исполнети до последното место. За дел од настаните се бараше и карта повеќе. И вечерашната претстава, со која ќе ја спуштиме завесата на ова 59-то издание, е веќе распродадена, додаде Поповиќ.

– Министерството за надворешни работи на Грција внимателно го следи прашањето со иранскиот танкер и е во комуникација, по дипломатски пат, со Вашингтон, велат дипломатски извори за грчката новинска агенција АНА-МПА, jави дописничката на МИА од Атина.

Според истите извори, грчката страна досега не добила барање танкерот да се вкотви на пристаништето во Каламата или на било кое друго пристаниште во земјата, нешто што утрово го потврди и министерот за поморство на Грција, Јанис Плакиотакис.

– Инцидентот во кој беше тероризирано семејство туристи од Шпанија од страна на сопственик на ресторан во Порто Палермо, кај албанското приморско градче Химара и понатаму не губи од својата актуелност.

Aлбанските медиуми,повикувајќи се на шпанските медиуми, денеска ставаат посебен акцент на тоа чие е семејството, кое „цел живот ќе го памети престојот во Албанија во негативен контекст“.

– Редовната седница на Претседателството на БиХ што беше закажана за денеска заврши пред и да почне, а на нејзиниот дневен ред требаше да се најде усвојувањето на Годишниот национален план (АНП), документ што го бара НАТО за да може да биде активиран Акцискиот план за членство (МАП) на БиХ во оваа организација.

Претседавачот со Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, на новинарите во Сараево им потврди дека на консултациите пред седницата од дневниот ред бил симнат Националниот план, бидејќи немало согласност за овој документ.

– Авион „Ербас А319“ на авиокомпанијата „Ер Франс“ утрово принудно слетал во Луксембург поради „вонредни причини“.

Авионот полетал од московскиот аеродром Шереметјево кон парискиот „Шарл де Гол“, каде требало да слета по околу четири часа лет. Но, екипажот испратил сигнал за вонредна ситуација над реонот на Луксембург и се спуштил на луксембуршкиот аеродром.

Според „Ер Франс“, авионот без проблеми се приземјил во Луксембург и откако ќе биде извршена целосна техничка проверка ќе може да го продолжи летот кон Париз.

– Уште еден мигрант е спасен откако скокнал во море од бродот „Опен Армс“ во близина на Италија, која веќе 19 дена не му дозволува на шпанскиот хуманитарен брод да се закотви во некое нивно пристаниште.

Ситуацијата на бродот, на која се наоѓаат над 100 мигранти, хуманитарците ја опишуваат како „полна очај“, наведувајќи дека мажот се фрлил во вода во обид да стаса до копното, а истовремено една жена добила паничен напад.

– Повеќе од 1000 пожарникари и припадници на службата за вонредни ситуации сè уште се борат со големиот пожар на Канарските Острови, поради што се и евакуирани над 10 илјади лица.

Ситуацијата денеска е нешто подобра, со оглед на тоа дека температурата е пониска, а ветрот е послаб.

– Американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер објави фотомонтажа на свој хотел на Гренланд, откако потврди дека неговата администрација е заинтересирана за купување на Островот.

Фотомонтажата е објавена откако премиерката на Данска и на Гренланд, Мете Фредериксен и Ким Киелсен изјавија дека полуавтономната данска територија не е на продажба.

– Армијата на Буркина Фасо соопшти дека екстремистите убиле најмалку десет војници во северниот дел на земјата.

При нападот во провинцијата Соум, што се наоѓа во близина на границата со Мали, повредени се уште неколку војници.

– Воздушната и копнена операција покрената е како реакција на варварскиот напад и напаѓачите се неутрализирани, се посочува во соопштението на армијата.

– Американската вселенска агенција НАСА постави на Гренланд база за својата научна програма ОМГ (Oceans Melting Greenland – Oceani tope Grenland).

Океанографите на НАСА таму не истражуваат само колку високите температури на воздухот влијаат врз топењето на мразот, туку и какво влијание на тоа има се потоплиот океан кој одоздола го топи глечерот.

Back to top button
Close