МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

22 август 2019/11:30

22 август 2019/11:30

 – Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со полициска придружба од КПУ Затвор – Скопје изутринава заминала во Гевгелија на погреб на нејзината мајка, потврди за МИА директорот на затоворот Есад Рахиќ. Јанева заминала за Гевгелија со одобрение на судија на претходна постапка, кој синоќа и одреди 30-дневен притвор по барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција.

  – „Скопје: Уапсена специјалната обвинителка за борба против организиран криминал“; „Скандал во Северна Македонија: Уапсена специјалната обвинителка за изнуда“; „Скопје: Уапсена за рекет обвинителката за борба против организиран криминал“, се дел од насловите во грчките медиуми за одредениот 30-дневен притвор за специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

 – Советот на јавни обвинители во постапката за избор и назначување на Специјалното јавно обвинителство  може да постапува само по предлог на Собранието, претходно утврден од Комисијата за избори и именувања, а изгласан со двотретинско и Бадинтерово мнозинство, вели претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања Илија Димовски во изјава за МКД.мк.

  – Обвинителката во Специјалното јавно обвинителство Фатиме Фетаи денеска изјави дека СЈО продолжува со застапување на предметите во судница без разлика што на нивната шефица Катица Јанева вчера и е одредена мерка притвор за случајот „Рекет“.

Судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година „Монструм“ е одложено за 5 септември поради отсуство на претседателот на судечкиот совет Огнен Ставрев, кој е на боледување. Судијата Осман Шабани, информира дека поради економичност на постапката за денешното рочиште не е спроведен од затворот Штип осомничениот Фејзи Азири, како и дека не се повикани оштетените во постапката.

– Двокатен автобус со број 5 на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје се запали изутринава во населбата Ѓорче Петров. Нема повредени патници. Причинета е само материјална штета.

Автобусот сообраќал од населбата Ѓорче Петров кон Ново Лисиче. Пожарот е пријавен во 09:25 часот во Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, која интервенирала со две возила и шест пожарникари.

 – Централниот одбор на СДСМ попладне во 18:00 часот во седиштето на партијата во Скопје, ќе ја одржи 11-та седница. Од СДСМ, потсетуваат дека седниците на Централниот одбор на партијата се работни, а за заклучоците и одлуките на Централниот одбор, медиумите ќе бидат дополнително информирани.

– Во периодот од 15 јули до 18 август регистриран е зголемен број бегалци и мигранти кои по морски пат, од Турција пристигнале на грчките острови, според податоците од УНХЦР. За нешто повеќе од еден месец, пристигнале 4.802 лица, наспроти 3.150 за истиот период лани, најголем број пристигнувања, 1.943 се регистрирани од 12 до 18 август, а заклучно со 18 август, во Грција дошле 29.068 бегалци и мигранти од кои 21. 987 по морски пат, jави дописничката на МИА од Атина.

– Францускиот претседател Емануел Макрон овој викенд ќе биде домаќин на Самитот Г7. Американскиот претседател Доналд Трамп и другите челници од Г7 ќе се сретнат в сабота и ќе минат три дена во Бијариц, град во југозападниот дел на Франција. Оваа година, средбата на Г7, група во која се седумте најголеми индустриски земји во светот, би можела да мине без усвојување заедничка изјава и ритуалот на договарање компромисна формулација. Според западните медиуми, причината е едноставна – не може да има кавга за документ кој не постои.

Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска зазеде пркосен став во однос на САД изјавувајќи дека „разговорите со Вашингтон се бескорисни“, додека нуклеарниот договор на светските сили со Иран дополнително се раситнува. Ваквиот коментар Рохани го даде во говорот во Техеран при претставувањето на новиот ракетен систем „Бавар-373“.

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close