МИА Општински пул

МИА Општински пул

22 август 2019/11:30

22 август 2019/11:30

Македонска Каменица – Во Македонска Каменица се одржа првата работилница како дел од проектот „Граѓанинот е вистинскиот инспектор“ кој здружението „ИНИ“ од Виница во наредниот период ќе го реализира во партнерство со „Хоуп“ од Македонска Каменица. Како што истакна стручниот консултант Зоран Биковски, главна цел на проектот е мобилизирање на трудовиот инспекторат и подобрување на условите за работа на работниците.
-Наша цел е всушност да го мобилизираме повеќе трудовиот инспекторат да биде на терен и да работи доследно на почитување на законот за работни односи и почитување на работничките права, како во текстилниот сектор, така и во рударството. Од средбата заклучивме дека всушност во Македонска Каменица, постои недостаток на работна сила, а забележани се и прекршувања на работничките права, рече Биковски.

Куманово – Општина Куманово денеска објави јавен повик до невработените лица за вклучување во програмата општинско-корисна работа за проект „Креирање можности за работа за сите-главна фаза“.

Овие лица  работно ќе бидат ангажирани 20 часа неделно во период од половина година и ќе се стекнат со вештини, знаења потребни за постепено вклучување на пазарот на трудот. Невработените лица треба да припаѓаат на две целни групи невработени лица, активни баратели на работа, Роми  корисници на гарантирана минимална помош со минимум завршено средно образование и лица со попреченост, активни баратели на работа со завршено средно образование.

Скопје  – Во СВР Куманово вчера во 09.30 часот  е приведен Ј.Х.(36) од Крушево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“.

Од МВР појаснуваат дека истиот ден во 05.45 часот на автопатот Куманово-граничен премин Табановце полициски службеници забележале запрено комбе „фолксваген“ со скопски регистарски таблички, како истовара мигранти.

Демир Хисар – Општина Демир Хисар вечер на локалниот плоштад организира Рок хепенинг, традиционална манифестација во рамки на културното лето во таа Општина.

Од секторот за односи со јавност информираат дека на петтиот по ред Рок хепенинг ќе настапат групите „Паркети“, „Супернова“, „Мизантроп“ и други чиј избор е извршен по барање на младите во општината.

Тетово – Паркирање на тротоари, во зона на крстосници и кружни текови, во „двоен ред“ покрај зонско паркирање, па дури и оставање на возилата на зелени површини.

Сето ова несовесно однесување на возачите се случува постојано во Тетово, но и сега во летниот период кога се направи обид со дополнителни места за паркинг да се избегне ваквата слика на тетовските улици. Ниту бесплатниот паркинг во дворовите на училиштата, како да не беше доволно да се избегне несовесноста и практиката кај дел од возачите да ги паркираат возилата на недозволени места во Тетово.

Делчево  – Пред стопанствениците од Делчево денеска беа презентирани активните мерки и програми за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2019 година како дел од Оперативниот план на Агенцијата за вработување.
Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска истакна дека во насока на зголемување на вработеноста согласно Оперативниот план на Владата за 2019 година се издвоени 1,1 милијарда денари, што е двојно повеќе во споредба со 2016 година.

Скопје – Министерот за здравство Венко Филипче и заменик-министерот Асим Муса денеска го посетија Здравствениот дом Гостивар каде беа информирани за тековните активности во оваа здравствена установа со цел подобрување на условите за третман на пациентите и унапредување на статусот на здравствените работници.

Од страна на вработените, како што информира ресорното Министерство, било поздравено зголемувањето на платите во здравството, односно пет процентното зголемување во септември лани и  новото покачување на платите во јануари годинава.

 

Back to top button
Close