МИА Општински пул

МИА Општински пул

20 август 2019/11:30

20 август 2019/11:30

Крива Паланка – Во тек се градежни активности за асфалтирање на патниот правец Крстов дол-село Добровница во Крива Паланка. Инвестицијата ја спроведува Јавното претпријатие државни патишта преку програмата на Владата на Република Северна Македонија со која во општината се асфалтираат три регионални патни правци.
Од општина Крива Паланка информираат дека интензивно се работи на оваа делница, со динамика од 200-250 тони вграден асфалт, а вкупната должина на планираната траса за асфалтирање е 10,4 километри.

Крива Паланка – Здружението на ловци од општина Ранковце „Славишко поле“ в недела, 25 август, организира лов на диви свињи во ловниот реон на Славиште. Од Здружението ги информираат заинтересираните ловци дека денеска е последен ден за пријавување за лов за 25-ти, а пријавата се врши во просториите на Здружението кај одговорното лице назначено за оваа дејност, бидејќи сите ловци што ќе добијат дозвола за лов мора да се пријават за добивање дозвола за движење во шума.

Скопје –  Моментно нема активни пожари во Скопје и околината. Синоќа се изгаснати шумските пожари во селата Љубин и Кондово, Општина Сарај, што беа активни во текот на вчерашниот ден.

Како што информираат за МИА од Противпожарната единица на Град Скопје, пожарот во Кондово бил изгаснат синоќа во 23.30 часот, а во Љубин во 22.10 часот. Пожарникарите беа на терен повеќе од 14 часа и ефективно работеа.

Куманово  – Дваесет и четири лица, поранешни осуденици биле евидентирани како корисници на различни права, социјални трансфери, социјална парична помош во кумановскиот Центар за социјални работи, мината година, информираа од установата.

Во однос на претходните години оваа бројка  е значително помала, доколку се споредат податоците на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, па така во 2017 различни социјални трансфери користеле 34 лица, поранешни затвореници,  во 2016  дури 75 лица, а во 2015  година 60 поранешни осуденици користеле социјална помош.

Кавадарци Кавадарци целосно го решава проблемот со капацитет за сместување деца во градинка. Годинава, на листата на чекање беа 485 дечиња и сите беа примени во градинка, информира денеска градоначалникот Митко Јанчев.

На листата на чекање, посочи, остануваат само дечињата кои се родени годинава и немаат полни девет месеци и дечињата од село Возарци кои ќе бидат примени кога ќе се заврши реконструкцијата на занималната со капацитет за 30 деца,  а се очекува да биде готова во октомври годинава.

Охрид – Во рамки на „Научната и уметничка визита“ што МАНУ ја организира во Охрид, вечер во Куќата на Уранија ќе бидат промовирани антологиите „Поети и раскажувачи од Македонија и од Косово“.

Станува збор за дел од активностите за меѓународна соработка што ги спроведува МАНУ во рамки на проектот „Поети и раскажувачи академици“, така што беа подготвени и објавени Антологија на pоети и раскажувачи на Академијата на науките и уметностите на Косово (издание на Македонската академија на науките и уметностите) и Поети академици, како и Антологија на pоети членови на Македонската академија на науките и уметностите (издание на Академијата на науките и уметностите на Косово).

 

Back to top button
Close