МИА Флеш

МИА Флеш

10:00/20 август 2019 

10:00/20 август 2019 

Скопје – Откако jавниот обвинител Љубомир Јовески најави дека инволвираните во случајот „Рекет“ ќе бидат неселективно сослушани или распитани, денеска на разговор со обвинителката Вилма Русковска, која го води предметот, се очекува специјалната јавна обвинителка во оставка Катица Јанева.

Таа ќе треба да даде одоговор на повеќе прашања кои се отворија во јавноста, откако минатиот месец беше отворен случајот „Рекет“, во кој засега за рекетирање на бизнисмени се обвинети Бојан Јовановски и Зоран Милески.

И додека некои се на мислење дека Јанева требаше веднаш да биде суспендирана по отворањето на „Рекет“, таа минатата недела се врати од годишен одмор и од 12 август е на работа.

Скопје – Во моментов нема активни пожари во Скопје и околината. Синоќа се изгаснати шумските пожари во селата Љубин и Кондово, Општина Сарај, што беа активни во текот на вчерашниот ден.

Како што информираат за МИА од Противпожарната единица на Град Скопје, пожарот во Кондово бил изгаснат синоќа во 23.30 часот, а во Љубин во 22.10 часот. Пожарникарите беа на терен повеќе од 14 часа и ефективно работеа.

Скопје – На граничните премини Богородица и Табановце се чека од 15 до 30 минути, додека на другите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Авто мото сојузот на Македонија во информацијата објавена утринава соопштува дека сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.

Скопје – Во Министерството за финансии денеска ќе бидат потпишат договори за грантови и заеми преку Проектот за подобрување на општински услуги-МСИП.

Договорите ќе ги потпишат заменик министерката за финансии Ширет Елези и градоначалници на 11 општини.

Скопје – Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Приштина ќе има средба со министерот за трговија и индустрија Ендрид Шала, по мерката на Косово за забрана на увоз на компир и мед од земјава.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов  вчера најави дека македонските власти ќе побараат од Косово објаснување со аргументи врз основа на кои меѓународни стандарди е донесена мерката на Приштина.

Скопје – Министерот за локална самоуправа Горан Милевски и министерката за регионален развој и урбанизам на Бугарија, Петја Аврамова денеска ќе потпишат Меморандум за соработка меѓу двете министерства.

Потпишувањето на меморандумот е во рамките на имплементацијата на Договорот за пријателство, соработка и добрососедство, потпишан меѓу владите на Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Скопје – Во Основниот кривичен суд во Скопје за денеска е закажано ново рочиште за случајот „ТНТ“ на Специјалното јавно обвинителство.

Предметот го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвиненито е Бурим Рустеми од СЈО.

Скопје – Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска престојуваат во работна посета на Копенхаген, Кралството Данска, во чиј фокус е донесувањето на одлуката за датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија во октомври годинава.

Во рамки на посетата, како што е најавено, предвидени се одделни средби со министерот за надворешни работи на Кралството Данска Јепе Кофод, со главниот советник за европски прашања во Канцеларијата на премиерот, Вибеке Пастернак Јоргенсен, како и со други релевантни соговорници.

Париз – Францускиот претседател Емануел Макрон денеска, по средбата со рускиот колега Владимир Путин во тврдината Брегансон, порача дека е уверен дека иднината на Русија е врзана за Европа.

„Уверен сум дека иднината на Русија во целост е врзана за Европа. Веруваме во Европа која е раширена од Лисабон до Владивосток“, наведе Макрон на Твитер.

Тој додаде дека со Путин разговарале за шумските пожари во Сибир и топењето на пермафростот во тој регион.

Хонг Конг – Лидерката на Хонг Конг, Кери Лем, денеска најави дека под итно ќе формира платформа за дијалог со граѓаните и порача дека посебно ќе се посвети на жалбите за односот на полицијата, откако претходниот викенд беа оддржани мирни протести против власта.

-Веднаш ќе почнат активностите за формирање на платформата за дијалог. Се надеваме дека овој дијалог ќе може да биде изграден врз основа на меѓусебно разбирање и почитување за да се изнајде начин за излез (од кризата) за Хонг Конг, рече Лем, пренесува Гардијан.

Лондон – Лидерот на британските лабуристи Џереми Корбин вчера побара предвремени избори во Велика Британија за да се одблокира застојот околу Брегзит, во момент кога премиерот Борис Џонсон притиска за распуштање на парламентот.

Корбин вети дека доколку неговата Лабуристичка партија победи на тие избори, тој ќе распише втор референдум за излегување на Велика Британија од Европската унија, по првиот што се оддржа во 2016 година, и на кој жителите се изјаснија за излегување на земјата од Унијата.

Рим – Коалициската Влада во Италија, од денеска попладне најверојатно ќе престане да постои по најавата за обраќање на премиерот Џузепе Конте и очекувањата за негова оставка.

Во 15 часот по локално време се очекува Конте да поднесе оставка за време на обраќањето пред Сенатот. Доколку Конте не поднесе оставка, се очекува вицепремиерот и претседател на партијата „Лига“ Матео Салвини, кој претходно ја растури коалицијата со движењето Пет ѕвезди да побара предвремени избори. Според последните анкети, „Лига“ и нејзините крајнодесничарски сојузници убедливо би победиле на предвремени избори.

 

Back to top button
Close