МИА ФлешПакети

МИА Флеш

19 август 2019

10:00/19 август 2019

Скопје – Пожарот кај населбата Пинтија е изгаснат, информираат утринава од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје.

Пожарот избувна вчера околу 11:30 часот во шумскиоит реон над Пинтија и зафати поголема површина мешана шума.

Во гаснењето на огнот беа вклучени и авионите на Дирекцијата за заштита и спасување кои направија два прелети и фрлија вода кон Сопиште, каде се ширеше пожарот. Беше вклучен и градоначалникот на Кисела Вода Филип Темелковски со претставници од Општината и месното население.

Скопје – Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).

– Од денеска ќе се изведуваат градежни активности при поставување индуктивни јамки на автопат, наплатна станица Тетово, патен правец Гостивар – Тетово во времетраење од два дена, за што ќе се изврши промена на режимот на сообраќај, соопшти АМСМ.

Куманово – Петнаесетгодишно момче се удави вчера во водите на реката Пчиња, кај кумановското село Шупли Камен, потврди кумановската полиција.

Според првичните информации на СВР Куманово, момчето родено во 2004-та година заедно со уште едно возрасно лице и двајца малолетници, вчера во 16:15 часот влегол во водите на Пчиња и се удавил.

Охрид – Книгата „Macedonians in the world“ („Македонците во светот“) на новинарот и публицистот Славе Николовски Катин денеска ќе ја има својата охридска промоција.

Славе Катин и е познат на македонската и на меѓународната јавност по неговите бројни публикации, новинарски и научни трудови кои се посветени, главно на државата и на животот на нашите иселеници.

Покрај 55-те публикации, во период од педесет и пет години Катин е автор и на повеќе од 100 научни трудови од различни области и на над 3.000 новинарски и други текстови објавени. Тие, главно, се однесуваат на државата, иселеништвото, религијата, културата, македонскиот јазик и литература и други области.

Приштина – Косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај оцени дека неговата партија, Алијансата за иднината на Косово (ААК), е денес „поблиску од било кога до реализација на проектот 100 отсто држава“, јави дописникот на МИА од Приштина.

По синоќешната средба со локалните партиски структури во Исток, во рамки на неофицијалната кампања што ја започна за предвремените парламентарни избори што треба да се одржат есенва, Харадинај на својата страница на Фејсбук напиша дека вложил големи напори да го спречи, како што наведе, „распарчувањето на Косово“.

Атина – Грчкиот митрополит Амвросиос, познат по тоа што остро  ги критукуваше оние за кои смета дека се однесувале на „нехристијански и негрчки“ начин, вклучувајќи ги хомосексуалците, мигрантите и политичарите, вчера си поднесе оставка.

Митрополитот Амвросиос (81), кој од 1978 година служеше во епархијата Калаврита, на југот на Грција, оставката ја објави во текот на неделната литургија.

Москва – Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска изјави дека руските стратешки бомбардери „Тупољев 160“ минатата недела извеле планирани летови до Чукотскиот автономен регион и потенцира дека целта не била  застрашување на САД.

– Ние го правиме тоа што го правевме и претходно. Нашите стратешки бомбардери од долг досег почнаа да спроведуваат летови до областите до кои летаа и во минатото. Летовите беа изведени според однапред предвиден распоред, рече Шојгу, коментирајќи го тоа што двата бомбардера „ТУ-160“ одлетаа до аеродромот во Анадир и се вратија во Сараватовската област, на југот на Русија.

Њујорк – Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го осуди терористичкиот напад извршен во саботата на свадбена веселба во Кабул, при што загинаа 63 лица.

– Генералниот секретар остро го осудува ужасниот терористички напад на свадба во Кабул, во кој се убиени 63 лица, а 180 се повредени, истакна портпаролот на Гутереш, Стефан Дижарик.

Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека поради националната безбедност не сака САД да работи со кинескиот Хуавеј, дури и доколку администрацијата одлучи да го продолжи грејс периодот за таа компанија.

Западните медиуми очекуваат американскиот Оддел за трговија да ги одложи санкциите за компанијата Хуавеј, со што ќе и биде дозволено на фирмата да купува резерви од американските компании, за да може да ги сервисира постоечките купувачи.

Женева – Бројот на бегалци во светот достигна рекордни 70 милиони луѓе, соопштија Обединетите нации, додавајќи дека толкав број на бегалци не е забележан уште од Втората светска војна.

Во соопштението на германскиот огранок на УНХЦР, објавено пред Светскиот ден на хуманитарноста, се наведува дека луѓето бегаат од војните, прогонот и последиците од глобалното затоплување.

Кампала – Најмалку 10 лица загинаа, а постојат стравувања за многу повеќе, откако вчера оган зафати цистерна со гориво во југозападна Уганда, соопшти полицијата, пренесе ДПА.

Несреќата се случила околу 16 часот по локално време во селото Киамбура, на североисточната страна на Националниот парк „Кралица Елизабета“, на околу 300 километри западно од главниот град Кампала, соопшти угандската полиција.

Копенхаген – Гренланд не е на продажба, а идејата да им се продаде на САД е апсурдна, порача вчера данската премиерка Мете Фредериксен откако економскиот советник на американскиот претседател Доналд Трамп  потврди дека Вашингтон е заинтересиран за купување на овој остров.

-Гренланд не е на продажба. Гренланд не е дански. Гренланд му припаѓа на Гренланд. Искрено се надевам дека не се сериозни во намерата, рече Фредериксен за весникот „Сермитсиак“ во текот на посетата на островот што е во составот на Кралството Данска.

Вашингтон – Економскиот советник на Белата куќа, Лери Кудлоу, денеска потврди дека американскиот претседател Доналд Трамп „сака да го разгледа купувањето на Гренланд“, иако од овој остров, што е во составот на Кралството Данска, порачаа дека не се на продажба.

Кудлоу за „Фокс њуз сандеј“ кажа дека не сака да предвидува што може да се случи, но изјави дека Гренланд, што се наоѓа меѓу Атланскиот и Северниот Леден океан, „е стратешко место со многу вредни минерали“.

 

 

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close