0_МИА Истражува.ПорталАнализаСветСвет.Портал

Кашмир – област за која четирипати војуваа Индија и Пакистан

Кашмир е најголемата милитаризирана зона во светот каде се воделе војни и погранични судири

Њу Делхи, 5 август 2019 (МИА) – Кашмир се наоѓа во западниот дел на Хималаи на 1.700 метри надморска висина, во граничниот појас на Индија, Пакистан и Кина. Регионот е поделен помеѓу трите држави, но и покрај тоа често е причина за судири, но и за војни.

Кашмир е најголемата милитаризирана зона во светот каде се воделе војни и погранични судири. И покрај големиот број преговори и обиди за изнаоѓање на решение за спорната област и денес не е постигнат договор помеѓу двете соседни земји, кои располагаат со голем нуклеарен потенцијал.

Индија и Пакистан досега четири пати војувале за Кашмир во 1947, во 1965, во 1971 и во 1999 година. додека во 1962 година почна кинеско-индиски судир, кој заврши со кинеска окупација на регионот Аксаи.

Откако британска колонија Индија во 1947 година стана независна, под притисок на Муслиманската лига е создаден Пакистан, а на поединечни полуавтономни области им беше дозволено сами да одлучат за својата судбина, меѓу кои и на Кашмир.

Тогашниот хиндуистички Хари Синг бара помош од Индија во справување со вооружените муслимански племиња. Набрзо потоа е потпишан документ за приклучување на Кашмир кон Индија, а Њу Делхи распореди војска во регионот. Пакистан протестираше против тоа и денес не го признава Кашмир како дел од Индија.

 

Првата индиско-пакистанска војна завршува во 1948 година со резолуција на Советот за безбедност на  Обединети нации, со која е постигнато примирје и е утврдена линија на прекин на огнот со која е поделен Кашмир  на северен – пакистански и јужен – индиски дел. Со резолуцијата предвидено е организирање на референдум за статусот на Кашмир. ОН предложи деловите на Кашмир што граничат со Пакистан и имаат мнозинско муслиманско население да бидат под пакистански суверенитет, а деловите со мнозинско хиндуистичко население, кои граничат со Индија да бидат под индиски суверенитет. Но, резолуцијата никогаш не се спроведе во дело.

Втората војна почнува во септември 1965 година пакистанската и индиската армија водеа борби долж нивните граници откако Исламабад се обиде да ги поддржи бунтовниците, кои се бореа за независност на Кашмир. Повторно под притисок на меѓународната заедница истата година е потпишан Договор за прекин на огнот.

Третата војна почнува во 1971 година Пакистан ја обвини Индија дека го поддржува сепаратистичкото движење во Источен Пакистан (Бангладеш). Победата на теренот тогаш ја извојува Индија што доведе до отцепување на Источен Бангладеш од Пакистан и формирање на Народна Република Бангладеш. Третата војна помеѓу соседните држави заврши со примирје  познато како Договорот од Шимил, потпишан во 1972 година.

Додека четвртата војна почнува во јули 1999 година кашмирските милитанти ги окупираат врвовите на Каргил, кои се наоѓаат во индискиот дел. Индиската армија успеа да го врати подрачјето под своја контрола.

Кашмир за Индија претставува природна стратешка бариера пред се од Пакистан, но и од Кина. Њу Делхи стравува дека ако Кашмир добие независност  врз верски и етнички основи со тоа ќе се отвори вратата за другите индиски региони.

Од друга страна Кашмир и за Пакистан е од витално безбедносно значење, поради двата главни патишта и мрежата железнички пруги во Сархада и во Пунџаб, која се протега долж Кашмир. На територијата на Кашмир извираат три реки кои се од посебно значење за земјоделството во Пакистан.

Марина Илиевска

Back to top button
Close