Дописници СветОпштествоСторија

Загреб-Македонците на Клиничко болничкиот центар РЕБРО

По интервјуто со Деспина Белчовска Велинска, првата учителка која предава македонски јазик во две основни учишта во Загреб, разгововорот со првиот редовен свештеник на МПЦ во Хрватска, Кирко Велински, кој ја привршува градбата на првата црква на МПЦ во регионот, МИА во Загреб разговараше и со Македонците кои повеќе години се на специјализација на престижниот КБЦ Ребро.

Загреб, 14  јули 2019 (МИА) – По интервјуто со Деспина Белчовска Велинска, првата учителка која предава македонски јазик во две основни учишта во Загреб, разгововорот со првиот редовен свештеник на МПЦ во Хрватска, Кирко Велински, кој ја привршува градбата на првата црква на МПЦ во регионот, МИА во Загреб разговараше и со Македонците кои повеќе години се на специјализација на престижниот КБЦ Ребро.

Клиничкиот и болнички центар Ребро во Загреб е првата и најголема болничка установа во Р Хрватска и воедно најголема база за клиничка настава на Медицинскиот факултет, при Универзитетот во Загреб, каде се воведени најнови дијагностички и тераписки зафати, на сите полиња на медицината што првпат се применуваат во Хрватска.

На Ребро, веќе пет години успешно работат и на специјализација се шест Македонци, испратени од нашето Министерство за здравство. МИА разговараше со двајца штипјани, со Трајче Коцев-специјализант на кардиологија и со Стефан Димов специјализант на абдоменална хирургија.

-Како резултат на Договорот меѓу хрватското и македонското Министерство за здравство, како пилот проект, во 2015 година на КБЦ Ребро дојдовме на специјализација шестмина Македонци, доктори по општа медицина. Јас сум на абдоменална хирургија, колешката Аида Далипи е на детската хирургија, Трајче Коцев е со уште еден колега на хирургија, еден колега е на гастроентерологија, а имаме колешка и на анестезиологија, ни изјави Стефан Димов.

Трајче Коцев, вториот наш специјализант, ни кажа дека целта на нивната едукација во Загреб е усовршување на нивните знаење и пренесување на новите методи во медицината, во поглед на нови технологии и нови зафати и операции и подобрување на нашето државно здравство-на полето на хирургијата и интерната медицина.

-Со колегите Хрвати, односот ни е повеќе од добар, феномален… Добро сме прифатени, ни помагаат, немаме проблем за едукација и работа со постарите и помлади колеги, останатите специјализанти, сестрите, техничарите, болничарите, тука е и врвниот кардиолог д-р Зоран Миовски кој е по потекло Македонец…Се е на задоволително ниво, може да кажеме дека тие не сакаат, кажа Стефан Димов, на што Трајче Коцев додаде, дека двајца колеги меѓу кои и Стефан ни се оженија тука и имаат деца, Хрватите не сакаат како народ, а како што во шега еден Хрват ни кажа-можеби и заради тоа што нашите две држави не се граничат.

Стефан Димов  специјализант на абдоменална хирургија е задоволен од едукацијата и досега има направено над 250 операции на КБЦ Ребро.

– Задоволен сум од мојата едукација, доста оперции направив, дежурства, итни и редовни операции, менторите ни се одлични и досега имам остварено над 250 самостојни операции.

Ребро е една машинерија што бара доста време и енергија, но сепак наоѓаме време и за дружења со нашите Македонци, со останатите колеги. Нашите не бараат и ние им излегуваме секогаш во пресрет, им помагаме на овдешните Македонци, но и на нашите од таковината кога ќе дојдат на операција, даваме се од себе, ни кажа Стефан Димов, кој додаде дека асистирал на операцијата на починатата Љупка Димитровска.

Како што ни посочија двајцата наши специјлизанти, според потпишаниот Договор на двете министерства, после пет години едукација, наскоро треба да се вратат во Северна Македонија, но имаат проблеми со нашето Министерство за здравство во поглед на испочитување на потпишаниот договор, според кој за петте години специјализација, дома треба да одработат 10 години во својата струка.

-Проблемите се од финасиски аспект. Македонската плата речиси оди редовно, како специјализанти министерството ни плаќа за одвоен живот…но тешко живееме тука. Повеќето услови не ни се исполнети, се сами правевме од уписот до наоѓањето ментори… Министерството требаше да ги покрие целокупните финансиски трошоци за специјализација, месечната исплата што треба да ја добиваме за станарина не ни се исплаќа на време, годишната работна виза не ни се исплаќа целосно, исплатата на месечните трошкови не е редовна, ни посочија двајцата наши доктори.

-Но најголем проблем е што ова ни е последна година и наша најголема дилема е дали министерството ќе ни ги плати трошоците за специјалистичкиот испит, за уписот на постидипломските студии и трошоците за нашата нострификација, без кои не можеме да излеземе на специјалистички испит – што чини околу 4000 евра, а за се ова постои и рок според договорот за специјализација, кажаа Стефан Димов и Трајче Коцев, кои сепак изразија надеж дека сето ова можеби ќе се поправи со цел да се вратат назад и стекнатото знаење во Р Хрватска да го применат во медицинските установи во Северна Македонија.

Оливер Бранковиќ

Back to top button
Close