БалканБалкан.ПорталДописници Свет

Весник „Дита“: Новиот шеф на грчката дипломатија Никос Дендиас е албански Грк

Новиот министер за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас е албански Грк, бидејќи неговото потекло е од Химара,тврди весникот„Дита“.

Тирана, 12 јули 2019 (МИА) – Новиот министер за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас е албански Грк, бидејќи неговото потекло е од Химара, тврди весникот„Дита“.

Според истиот извор, 60-годишниот професор по право, роден на островот Крф, многу често со „гордост кажувал дека влече корени од Албанија“.

– Неколку пати гостувајќи во телевизиски емисии изјави дека неговите предци биле од Химара, наведува весникот.

Притоа потсетува дека пред една година кога Дендиас бил еден од најсилните гласови на опозицијата и оти покренал сомневање за надворешната политика на Алексис Ципрас, од дистанца го критикувал и премиерот Еди Рама.

– Ме чуди тоа што премиерот Еди Рама нема прогрчки ставови. Ме чуди бидејќи Рама е четвртина Грк, неговата баба Анагности ја запознав на Крф, изјавил Дендиас кога бил во опозиција.

Во тоа време, наведува весникот, тој имал остри ставови кон Албанија и пренесува една од тогашните негови изјави.

– Треба да ги браниме нашите права, на грчкото малцинство во соседната земја, и не можеме да дозволиме земјата да стане терен за закани. Албанија има потреба од добри односи со Грција и со ЕУ. Имаме многу начини и средства да извршиме притисок врз Албанија. Тие не треба да веруваат дека можат да прават што сакаат, изјавил Дендиас.

Инаку, Химара е приморско гратче во јужна Албанија, поточно во округот Валона. Поради својата локација и топлото време, Химара е еден од најпривлечните градови на албанската ривиера. Химара има население од околу 3.000 жители припадници на грчкото малцинство. вт/гт/

Таг
Back to top button
Close