0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталТема

Што ако останете без пасошот во странство?

Патувањата во странство вообичаено ги поврзуваме со убави спомени, но понекогаш и некои непредвидени ситуации се составен дел од нив. Како најнепријатна случка што може да ви се случи на некое патување е да ја изгубите или оштетите патната исправа - пасошот.

Скопје, 20  јули 2019 (МИА) – Патувањата во странство вообичаено ги поврзуваме со убави спомени, но понекогаш и некои непредвидени ситуации се составен дел од нив. Како најнепријатна случка што може да ви се случи на некое патување е да ја изгубите или оштетите патната исправа – пасошот.

Доколку се најдете во таква ситуација и останете без валиден документ во друга држава, не е можно да го продолжите патувањето или да се вратите во земјата.

Затоа пред да тргнете на патување најдобро е да направите фотокопија на првата страна од вашата патна исправа, бидејќи така ќе имате оригинален документ што ќе ви помогне да извадите нов, а втора опција е да ја скенирате копијата од пасошот и да ја имате на мејл.

Првиот чекор што треба да се направи доколку се најдете во ваква ситуација е да проверете во хотелот во кој сте сместени случајно да не направиле фотокопија од вашиот пасош.

Потоа, на интернет пронајдете го најблискиот Конзулат или Амбасада од вашата земја, проверете кога работат и прегледајте кои сè документи треба да ги однесете за да ви дадат нов пасош. Пред да појдете во Конзулатот или Амбасадата треба да појдете во полициска станица и да пријавите дека ви е изгубена патната исправа.

По добивање на потврдата од полицијата за пријавување на изгубениот пасош потребно е да се обратите до дипломатско-конзуларните претставништво на Република Северна Македонија во земјата во која се наоѓате.

Во ДКП ќе ви биде издаден патен лист што служи само за враќање во земјата и не може да се користат за патување во некоја друга држава. Патниот лист има рок на важење 30 дена од денот на нејзиното издавање.

За добивање патен лист при губење или оштетување на патна исправа, лицето треба да приложи фотографија и документ со кој го докажува идентитетот (или фотокопија на документ).

– За оваа услуга лицето уплатува 30 евра на жиро сметка на ДКП-то. По приложувањето на документите и уплатата, патниот лист веднаш се издава, велат од МНР.

За државите со друга национална валута од еврото, таксата се плаќа во соодветната национална валута.

Доколку лицето нема документ за идентификација, податоците изнесени од нивна страна, по систем се доставуваат до МВР. По извршените проверки во рок од 48 часа МВР треба да го потврдат идентитетот на лицето, по што се издава патен лист.

За некои држави, покрај патен лист, потребно е да се достави и потврда од надлежните органи дека патната исправа е изгубена или украдена.

Пред да тргнете назад со патен лист доколку транзитирате преку повеќе земји информирајте се дали за некоја од тие земји ќе ви треба соодветна виза за транзит.

Колку наши државјани се нашле во ваква ситуација?

Според статистиката на Министерството за надворешни работи во 2018 година на наши државјани им се издадени вкупно 12.875 патни листови,  додека од 1 јануари до 30 јуни оваа година издадени се 5.028 патни листови.

Даниела Маркоска Алексовска

Back to top button
Close